1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Србија го дискриминира албанското малцинство

Анила Шука
13 јули 2024

Илјадници Албанци од југот на Србија се бришат од нивните адреси доколку заминат во странство. Поради тоа во Берлин постои загриженост, додека српските власти негираат дека станува збор за дискриминација.

Мнозинството етнички Албанци во Србија живеат во Прешевската долина, вклучително и во градот Бујановац.
Мнозинството етнички Албанци во Србија живеат во Прешевската долина, вклучително и во градот Бујановац.Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Сафет Демири имал непријатно изненадување кога се обидел да ја обнови регистрацијата за деловни возила во август 2019 година. „Воопшто не си пријавен овде“, му рекле надлежните во општина Медвеѓе.

„Бев занемен“, се присетува Демири во разговорот за ДВ.

Како бизнисмен живее меѓу родната Медвеѓе каде има туристички објект и телекомуникациска компанија и Виена каде води градежна фирма.

Но, од тоа лето пред пет години, Демири наеднаш веќе не е регистриран во гратчето каде што неговите предци живеат повеќе од два века. И тоа против негова волја.

Демири вели дека општинскиот функционер само ги кренал рамениците на прашањето како сега да се води бизнисот во Медвеѓе. Демири потоа регистрирал службени автомобили на име на неговиот татко.

Селото Велики Трновац во јужна Србија: мнозинството жители во тој регион се АлбанциФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

До денес не му е вратена адресата. Не помогнала ниту тужбата пред Управниот суд во Ниш. Во решението е наведено дека неговото живеалиште е во странство и дека бришењето на адресата во Медвеѓе било во согласност со законот.

„Неофицијално ми рекоа дека тоа е наредба одозгора“, вели 46-годишникот.

Демири не е единствениот - тој ја дели судбината на илјадници луѓе од таканаречената Прешевска долина во Србија, која претежно е населена со Албанци. Сѐ повеќе од нив се жалат дека едноставно биле избришани.

Цел е да се намали албанското малцинство?

Причина е етничката припадност, смета научникот Флора Ферати-Заксенмајер од Универзитетот во Гетинген. Таа самата доаѓа од регионот и на почетокот на минатата година напиша анализа објавена од Институтот Макс Планк.

Таа случајно го открила феноменот во 2016 година кога била во регионот. „Секој втор Албанец со кој разговарав ми кажа дека институциите го бришат од регистарот на население“, вели Ферати за ДВ.

Флора Ферати-Заксенмајер од Универзитетот во Гетинген ја истражуваше положбата на Албанците на југот на СрбијаФотографија: Privat

Истражувањата, вели таа, покажале дека тоа се прави систематски. Официјално во Србија тоа се нарекува „пасивизација“ на адресата. Доколку се утврди дека лицето не живее таму каде што е пријавно, тогаш се брише.

Но, Ферати вели, тоа се случува и однедаш - ги погодува и луѓето кои се на одмор или на некој друг вид патување. Најчесто не успеваат да ја повратат адресата. Ова има сериозни последици за пристап до јавните услуги, нов пасош или здравствено осигурување.

Во нејзината студија се наведува дека целта е да се намали албанското население на југот на Србија. „Додека во Прешевската долина се погодени десет отсто од населението, во другите српски региони речиси и да нема адресна пасивизација, а ако има, тогаш тоа влијае на помалку од еден процент од жителите на тие општини.“

Посебно е проблематично за Албанците кои живеат и работат во Косово од војната во 1999 година, вели Енвер Хазири, кој на Косово раководи со канцеларијата за луѓе со потекло од Прешевската долина.

Многу такви Албанци беа протерани по завршувањето на војната. Тие беа примени во Косово - но не беа официјално регистрирани. Многумина од нив, со бришење од српските досиеја, сега се практично без никаква држава и се на маргините на општеството.

„Иако се морално добредојдени, тие не се признати ни како бегалци, ниту им се дава косовско државјанство“, вели Хазири. Властите на Албин Курти само направија нешто овие луѓе да добијат барем дозволи за престој.

Енвер Хазири се залага за интересите на Албанците од Србија кои живеат на КосовоФотографија: Privat

Албанците во јужна Србија - маргинализирано малцинство

Во студија на Хелсиншкиот комитет за човекови права пасивизирањето на адресите го опиша како административно етничко чистење. Околу 60.000 Албанци живеат во Прешевската долина, која покрај Медвеѓе ги опфаќа и општините Бујановац и Прешево. Иако тие го сочинуваат мнозинството од населението, а Србија е потписник на конвенциите на малцинствата на Советот на Европа, Албанците се систематски маргинализирани, вели Шаип Камбери, единствениот албански политичар кој успеа да влезе во српскиот парламент. Како кандидат за членство во ЕУ , Белград се обврза да ја подобри застапеноста на албанското малцинство во јавните институции.

„Пасивизирањето е само една од мерките за дискриминација“, вели Камбери. „Ние не сме интегрирани во јавниот живот, а потенцијалните странски инвеститори често се спречени да инвестираат кај нас. А она што исто така го отежнува животот во регионот е милитаризацијата на областа, која продолжува да напредува. Пратеникот како доказ покажува карта со 48 српски воени бази на границата со Косово. Повеќето се наоѓаат во Прешевската долина.

Загриженост во Берлин

Камбери неодамна беше во Берлин за да ја подигне свеста за ова прашање во германската влада и во германскиот парламент-Бундестагот. Пратениците во Бундестагот со кои се сретна се загрижени за ситуацијата. На прашањето на ДВ, Кнут Абрахам од ЦДУ/ЦСУ изјави: „Ги повикувам амбасадите на земјите членки на ЕУ во Белград да посветат особено внимание на ситуацијата и да разговараат за тоа со претставниците на малцинството“.

Пратеникот Шаип Камбери ги застапува интересите на албанското малцинство во парламентот во БелградФотографија: Anila Shuka/DW

„Ситуацијата на албанското малцинство во Србија заслужува поголемо меѓународно внимание“, рече Томас Хакер од ФДП. „Во моментов има пресилен фокус на дијалогот меѓу Белград и Приштина. За жал, други подеднакво важни прашања се туркаат во втор план. Процесот на пасивизација изгледа како постепен процес на обесправување. Министерството за надворешни работи во Берлин, од своја страна, апелира до сите вклучени „да обезбедат транспарентно и фер постапување во согласност со нивните обврски“.

Српските власти ја негираат дискриминацијата

Српските власти не негираат дека се пасивираат адресите, но ја исклучуваат можноста дека станува збор за дискриминација на Албанците. Кон крајот на минатата година тогашниот министер за државна администрација Александар Мартиновиќ за медиумите изјави дека одјавувањето на лицата од адреси се врши согласно законот.

Српската Влада не одговори на прашањата на оваа тема на ДВ до објавувањето на овој текст.

Бизнисменот Демири и уште неколку Албанци сега поднеле жалба до Уставниот суд во Белград. Тие очекуваат дека сигурно ќе бидат одбиени и потоа сакаат да продолжат да тужат пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Големи се шансите да успеат. Сепак, прашање е дали тоа ќе ја промени политиката на Србија кон албанското малцинство.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми