САД: Конгресот нема да одлучува за напад врз Венецуела
7 ноември 2025
Само американскиот Конгрес има моќ да објави војна. Но, неговото право при одлука за напад врз Венецуела е блокирано од страна на Републиканците во Сенатот. Тие ја спречија соодветната резолуција со 51 глас „за“ и 49 „против“.
Резолуцијата беше поттикната од воените напади врз бродови покрај брегот на Венецуела. Американската војска започна да напаѓа бродови во Карибите на почетокот на септември, подоцна цел беа и бродови во источниот Пацифик. Според владата во Вашингтон, нападнатите бродови наводно превезувале дрога.
По одлуката на Сенатот, шефот на Пентагон, Пит Хегсет, изјави дека војската нападнала друг брод во Карибите, убивајќи три лица. Изјавата на Хегсет на платформата X вклучуваше видео на кое се гледа како експлодира брод. Според американските податоци, ова го зголемува вкупниот број на убиени лица во 17 напади во водите покрај Јужна Америка на најмалку 69.
САД досега не презентираа никакви докази дека нападнатите бродови всушност транспортирале дрога. Критичарите ги опишуваат нападите како вонсудски убиства и кршење на меѓународното право, дури и ако тие навистина биле насочени кон трговци со дрога.
Вашингтон ја обвинува Венецуела првенствено за активно промовирање на шверц на дрога во САД и со тоа загрозување на безбедноста на САД и нејзините граѓани. Левичарскиот националистички претседател на Венецуела, Николас Мадуро, се сомнева дека САД заговараат негово соборување.
САД распоредија неколку воени бродови и борбени авиони во Карибите во последните недели. Поморска формација, вклучувајќи го и носачот на авиони „Џералд Р. Форд“, исто така е на пат кон регионот.
Во средата, владини претставници изјавија дека Вашингтон во моментов не планира никакви напади врз венецуелска територија. Но, Трамп претходно во неколку наврати посочи дека борбата против трговците со дрога ќе се води не само на море, туку и на копно.
Уште на крајот на октомври, претседателот Доналд Трамп објави дека нема да бара одобрение од Конгресот за понатамошни напади врз трговците со дрога. „Мислам дека само ќе убиваме луѓе што внесуваат дрога во нашата земја“, рече тој. Иако претседателот е врховен командант на вооружените сили според Уставот, само Конгресот може официјално да објави војна.
Во пракса, малку претседатели го избрале овој пат, почесто тие се одлучувале за други правни инструменти што им дозволуваат да наредат воени операции дури и без формално објавување на војна.
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем посети воен објект во Еквадор во четвртокот, само неколку дена пред тамошното население да гласа за повторно воспоставување на странски воени бази.
Посетата беше дел од нејзината турнеја низ „стратешките објекти“ што би можеле да послужат како потенцијални бази за Министерството за внатрешна безбедност, изјави Каролина Харамиљо, портпаролка на еквадорскиот претседател Даниел Нобоа. Нобоа ги поддржува активностите на американската влада пред брегот на Латинска Америка.