1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката за рудникот Иловица на преиспитување

ДТЗ
17 јули 2023

Министерот за економија Крешник Бектеши ќе мора опширно да ја образложи одлуката. Неколку од министрите веќе се изјаснија дека се против рудници во струмичко.

Влада Северна Македонија
Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на концесиите за рудникот во Иловица, по бројните реакции во јавноста и протестот во СтрумицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на концесиите за рудникот во Иловица, по бројните реакции во јавноста и протестот во Струмица на кој беше испратена изречна порака дека„рудник на смртта“ нема да има во најплодниот земјоделски регион во земјата. На седница во вторник (18.07) треба да биде разгледана опширна информација од министерот за економија Крешник Бектеши и вработените во Министерството за економија, надлежни за доделување на концесиите.

Како е донесена одлуката

Тројца министри - Каја Шукова, Оливер Спасовски и Славјанка Петровска навестија дека одлуката им се „провлекла“, затоа што Министерството за економија презентирало документ дека наводно Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите. 

„Одлуката за спојување на концесиите за рудникот е донесена како дополнителна точка и во такви случаи министрите се потпираат на образложението што го дава ресорниот министер, вели Тренчевска, која е децидна дека рудник нема да има. 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска за дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 на прашањето дали смета дека се изиграни од министерот за економија Крешник Бектеши, одговори дека тоа е тежок збор. „Најважна е доблесност околу тоа да се побара ревизија на одлуката“, вели таа.

Таа додава дека не гледа ништо спорно ако се констатира дека за некоја одлука што Владата, како колективен орган, ја донела, треба да има ревизија. „Тоа не е слабост на министрите, напротив - тоа е нивно покажување на достоинство дека знаат да се коригираат. Очекувам на утрешната седница на Влада, како што беше дискутирано, повторно да биде отворена оваа точка“, додава министерката. 

Како се провлекла одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица?  Фотографија: DW/F. Schmitz

„Рудник нема да има“ 

„Рудник нема да има затоа што ставот на министрите од СДСМ е ист со ставот на граѓаните од Струмичкиот регион“, смета министерката Тренчевска. Таа по настанот „Здрав оброк за секое дете“, изјави дека СДСМ стои зад ставот дека е против отворање на рудникот, кој концесија добил уште во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

На новинарско прашање како по едностраното раскинување на Договорот за концесија од страна на Владата, Управниот суд по 11 пресуди во корист на Владата неодамна одлучи да ја прифати жалбата на концесионерот, министерката рече дека судските одлуки не може и не смеат да ги коментираат, но дека токму затоа толкава е довербата во судството поради вакви и слични одлуки. 

Таа не верува дека рудниците може да бидат точка на разидување во владината коалиција, затоа што, според неа, оваа влада се грижи за граѓаните и вложува во нив.

Тренчевска во саботата (15.07) присуствуваше на протестот во Струмица, заедно со министерката за животна средина, Каја Шуковска. Учесниците на протестот побараа раскинување на концесиите и утврдување одговорност за сите кои придонеле за можностa да се отвора рудник во Струмичко.

Концесионерот „Еуромакс ресоурцес“ во неколку наврати тврдеше дека рудниците немаат да имаат негативни импликации врз здравјето на граѓаните. 

„Во таа насока е и нашата безрезервна подготвеност да се формира 'Независно Мониторинг Тело' во кое ќе бидат вклучени заинтересираните граѓански здруженија, локалната управа и експертите за да го следат процесот на реализација и работење на идниот рудник“, порачаа тие. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми