1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Одмаздата на Путин

30 август 2024

Путин има за цел да ја потклекне Украина преку исцрпувачки акции и на тој начин да освои колку што е можно повеќе терен во Донбас. Пишува Ивор Мицковски.

Разурнувања во местото Купјанск во Украина по руските водушни нападиФотографија: National Police of Ukraine/Handout via REUTERS

Владимир Путин на украинскиот народ му ветува уште една есен на терор и бомбардирања. Чекаше 20 дена од украинската офанзива во Курск за да ја реализира својата одмазда и репресалија, лансирајќи еден од најмасовните напади во последните месеци со преку 200 дронови и ракети, врз речиси 15 украински региони, напаѓајки во сите насоки, од главниот град до границата со Полска и Романија.

Одмаздата на Путин има најмалку три цели! Првата е да се казни Украина за дрскоста да нападне на руска територија во областа на Курск. Втората цел е да предизвика тотален блекоут на енергетската инфраструктура, осудувајќи ја Украина на студ пред самата есен која не е особено нежна во овие краишта, како и пред зимата, која знае да биде неподносливо сурова.

Третата цел е да го одвлече вниманието на украинската одбрана, која веќе е растегната до крајни граници на својот капацитет, што поради офанзивните операции во Курск, што поради одбранбените во Донбас.

Сите овие цели можеме да ги сублимираме како обид на Путин да изврши една психолошка војна на исцрпување, така намалувајќи го ентузијазмот од триумфалниот марш кон Курск, додека во исто време ќе ја зголеми загриженоста за блиската иднина. Летото не беше лесно за Украинците, насекаде има недостатоци од електрична енергија, кои создаваат секојдневни проблеми и создаваат раздор во украинското општество. Следната недела почнува школската година и многумина се прашуваат уште колку време ќе трае војната. А зимата допрва доаѓа. 

Рускиот претседател, Владимир ПутинФотографија: Sputnik/Gavriil Grigorov/Pool via REUTERS

Тајмингот на „одмаздата“

Се разбира тајмингот на „одмаздата“ на Путин не случајно се поклопува и со нападите на Хезболах врз Израел, како и со нападите на Хутите во Црвеното море, така подигнувајќи го нивото на двојната криза со која се соочува „колективниот Запад“, кој веќе е деклариран непријател на Москва.

Првата цел - казната за украинската офанзива во Курск - беше потврдена и од портпаролот на Кремљ: „Непријателските акции како украинскиот упад во Курск не може да поминат без одговор“. Мудро избалансиран вординг со цел да се сокрие реалноста: Украина во две недели освои повеќе терен во Русија од што Моска успеа да окупира во Украина во цела година.

Но, повеќе од „непријателски акции“ или „упади“ за кои зборува Песков, Киев спроведе вистинска инвазија, која според брзината и ефикасноста на акцијата, мора да создала длабока рана во самодовербата на Путин. Наводно создала и пад во консензусот кај руските граѓани, според анкетите чија автентичност е тешка за верификација.

Големата тајност со која „операцијата Курск“ беше испланирана и реализирана, создаде не мали проблеми за сојузниците на Киев, пред се за Америка. Тоа не го загрижува особено Зеленски, кој напротив, со доза на нервоза го нападна илузорниот и наивен концепт на црвени линии кон Русија, нешто што доминира во сфаќањата на војната кај одредени партнери на Украина, додавајќи дека таквите резони после инвазијата во Курск комплетно пропаднаа.

Зеленски одлично знае дека Бајден нема комплетна доверба во него. Бајден во повеќе наврати на своите асистенти им се доверил како има сомнежи дека Зеленски сака директно да ги вовлече САД во војната со Русија. Но, сега работите за Зеленски дополнително се комплицираат: натежнуваат несигурностите од исходот на претседателските избори во Америка. Камала Харис делува како продолжение на Бајден во однос на двете големи меѓународни кризи, додека што планира да направи Трамп е своевидна мистерија заплеткана во енигма.

Втората цел на Путин, односно, „масовниот напад“ и обидот за уништување на енергетската инфраструктура отвара уште една рана во односите помеѓу Зеленски и сојузниците: наметнатите ограничувања врз Украина во употребата на воената помош. Зеленски на оваа тема беше кристално јасен: „Руските напади со дронови и ракети ќе беа далеку помалку ефикасни доколку авијацијата на нашите европски соседи работеше заедно со нашите Ф-16 во насока на нашата противавионска одбрана“.

Украинските сили спроведуваат воени операции во регионот Курск во РусијаФотографија: 95th Air Assault Brigade/via REUTERS

Војната е во крајно деликатен момент

Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, изјави дека Варшава размислува околу таквата можност. Проблемот е што тоа би можело директно да го вмеша НАТО во украинскиот конфликт, а тоа е уште една црвена линија која тешко би паднала, како што би рекол Зеленски.

Конечно, третата цел на Путин е да ја држи окупирана украинската одбрана на повеќе фронтови и така да ја продолжи непрестајната офанзива во Донбас, додека во исто време белоруските сили се распоредуваат на украинската граница. Верниот Лукашенко секогаш е подготвен да му помогне пријателот Путин. Дали станува збор за „маскировка“, односно, класична диверзија или пак за вистинска закана, тешко е да се каже. Тоа што пак е јасно е дека Путин има за цел да ја потклекне Украина преку исцрпувачки акции и на тој начин да освои колку што е можно повеќе терен во Донбас, пред есенските дождови и калта, да го направат непрооден теренот и снегот ги запре сите воени операции.

По 30 месеци борби, војната во Украина е во крајно деликатен момент. Зеленски е свесен за тоа и затоа ги зајакнува апелите до сојузниците со цел да се откажат од своите „црвени линии“. Силите на Киев се на граница на своите можности и тешко ќе издржат уште една зима без неопходната помош од Западот.

Операцијата Курск на Зеленски му дојде како џокер, но таа карта нема долго да трае, за да се искористи евентуално на преговарачка маса. Проблемот е што во овој момент, никој не знае кога таа партија карти евентуално би почнала.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми