1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Одмаздничка порнографија“ во Србија: злосторство без казна

Ива Манојловиќ
2 ноември 2024

Приватни секс фотографии и филмови се споделуваат преку месинџер и социјалните мрежи без согласност на прикажаните. Српската држава не реагира, голем дел од општеството смета дека жртвите сносат барем делумна вина.

„Одмаздничка порнографија“ во Србија
„Одмаздничка порнографија“ во СрбијаФотографија: Jean François Ottonello/picture alliance/dpa/MAXPPP

Т.н. „одмаздничка порнографија“ е сѐ почеста појава во Србија. Станува збор за споделување на всушност приватни, експлицитно сексуални фотографии и филмови преку месинџер или на платформи на социјалните медиуми - без согласност на протагонистите. Покрај тоа, има и фалсификувани содржини генерирани со вештачка интелигенција на кои  луѓе кои вистински постојат се прикажани при сексуални дејствија кои реално никогаш не се случиле.

Тримесечно истражување на Телеграм -  групи во Србија покажува дека во нив десетици илјади корисници секој ден разменуваат содржини со инцест,  детска и одмаздничка порнографија.  Истражувањето во летото 2024 година го објави здружението „ОснаЖена“ чие име е игра на српските зборови „жена“ и „зајакнува“.Сторителите често се екс партнерите кои дистрибуираат слики и филмови од минати врски. Но, порнографските содржина може да се добиени и преку хакирање на компјутери, телефони или профили на социјалните мрежи. Целта на ширењето таков материјал е да се предизвика штета на жртвите во реалниот живот. Според Европскиот институт за родова еднаквост, 90 проценти од жртвите се девојчиња и жени. 

Нелегалната дистрибуција и продажба на „одмаздничката порнографија“ не само што ја нарушува интимноста на жртвите, туку ваквата форма на сајбер мобинг го нарушува нивниот углед и достоинство и може да има далекусежни последици по нивното ментално и физичко здравје. „Па и покрај тоа, најголем дел од српското општество ги обвинува жртвите за тоа што се дел од порнографски фотографии и видео снимки“, вели во разговор со ДВ Николина Томашевиќ од ОснаЖена.

„Многу луѓе сметаат дека само девојките кои одат во црква облечени од глава до петици заслужуваат сочувство“, раскажува Томашевиќ и додава дека „ако носат кратки здолништа, во очите на многумина тие ги провоцираат сторителите да ги извршат злосторствата што значи дека според нив заслужуваат да станат жртви“.

„Самиот поим одмаздничка порнографија имплицира дека засегнатата жена мора да направила нешто заради што сторителот сега ѝ се одмаздува“, посочува Сања Павловиќ од Автономниот женски центар (АЖЦ) во српскиот главен град Белград. „Тоа значи дека барем дел од одговорноста е кај неа“, сумира Павловиќ.

На почетокот на 2024 година, членовите на Автономниот женски центар со петицијата „Заколни се во законот“ побараа од институциите одмаздничката порнографија да биде вклучена како кривично дело во српскиот Кривичен законик, што инаку е веќе случај во соседните Хрватска и Црна Гора. Тие собраа повеќе од 20 илјади потписи за помалку од еден месец, што укажува на тоа дека барем дел од српското општество го согледува проблемот и бара политички мерки.

Сања Павловиќ работи во Автономниот женски центар (АЖЦ) Фотографија: Autonomni zenski centar

„Потпишаа главно млади девојки, средношколки и студентки – припадници на една нова генерација која не сака само тивко да страда“, вели Павловиќ. „Поддршка дадоа и жени кои веќе самите имаат доживеано ваков вид насилство, како и млади родители, особено на женски деца, кои препознаваат каков е светот во кој растат нивните деца и си посакуваат промена“, вели Павловиќ.

Жените како суштества без своја сексуалност

Многу други Срби пак продолжуваат да ја префрлаат одговорноста на девојките и жените кои станале жртви на одмаздничка порнографија и други форми на сајбер-булинг, вели експертот. „Често такви изјави слушаме од мажи кои сè уште веруваат дека жената не е битие со сопствена сексуалност, туку треба да биде на располагање на мажите.

Членовите на ОснаЖена уште пред неколку месеци ги предале резултатите од нивното истражување на  јавното обвинителство одговорно за сајбер криминал  – засега без резултат. „Институциите се троми, има вкоренети предубедувања и составени се од луѓе кои и самите се дел од едно општество кое живее според патријархални обрасци“, објаснува Томашевиќ. За неа опасноста се крие во тоа српското општество „да почне да го нормализира ваквото однесување“ поради немањето соодветен одговор од институциите.

Потребна промена во дискурсот за сексуалноста

Сања Павловиќ повикува на промена на  односот од пасивност  и прифаќање кон одмаздничката порнографија и сајбер-малтретирањето во Србија. За тоа се потребни владини мерки како забрана, која би морало и да се применува. „Бесмислено е да постои закон кој нема да се применува“, смета таа. Страшно е и тоа што жени кои ќе пријават такво дело, се соочуваат со потсмев, навреди и неверување. „На српското општество му е потребна промена во дискурсот за сексуалноста, и за концепти како согласност, желба, родови улоги и други стереотипи“, резимира Павловиќ. Овие теми во образовниот систем треба да бидат обработувани соодветно на возраста и на новото време. „Мислам дека само ова може да доведе до нова генерација која е посвесна за жените и повеќе ги почитува“, заклучува Павловиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми