1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Одмрзнување на односите помеѓу Бајден и Ши

17 ноември 2023

За првпат по подолго време се насетува некаков домино ефект на мир и помирување, а не на војна и крвопролевање. Пишува Ивор Мицковски

Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Ши Џинпинг во Вудсајд, САД (15.11.2023)Фотографија: Doug Mills/AP Press/picture alliance

Средбата помеѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Ши Џинпинг на маргините на АПЕК-самитот во Сан Франциско, со сигурност не го реши геополитичкиот и стратешки натпревар помеѓу двете земји.

Но, подеднакво сигурно ни демонстрираше дека ни Вашингтон ни Пекинг не сакаат да долеваат бензин на огнот, сега кога и двете земји се соочуваат со комплексни внатрешни проблематики, но и со реперкусиите од воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток, кои пак влијаат врз нивната надворешна политика.

Бајден се соочува со тежок реизбор како последица на неговите поодминати години, но и војната во Газа, нешто што сериозно го пенализира меѓу американскиот електорат. Ши, пак, го очекуваат јануарските избори во Тајван, каде двете опозициски партии кои се наклонети кон унификација со Пекинг коалицираа против независните сили на Демократската партија. Кина воедно се соочува со мошне нестабилна економска ситуација полна со несигурности.

Седнати во вилата која некогаш служеше како сет за популарната серија Династија, Бајден и Ши разговараа речиси четири часа за проблемите што ги нарушуваат односите меѓу САД и Кина. Двајцата не потпишаа никаков договор или документ околу клучните теми кои би избегнале сино-американски конфликт или пад во таканаречната „Тукидидова стапица“. Тоа се темите како Тајван, Украина, Блискиот Исток, технологиската војна и дуелот на полето на вештачката интелигенција.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Практичните резултати од средбата се реално доста скромни. Договорот за намалување на шверцот на фентанил и клучните состојки за негово производство е секако убав и силен гест од страна на Пекинг, но тоа прашање нема да го промени текот на билатералните односи. Како поважен чекор се смета отворањето на комуникациски канал помеѓу централните институции на двете земји и нивните армии, нешто што беше прекинато после ланската посета на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД,Ненси Пелоси на Тајван.

Од „непријатели“ кон „противници“

Во случајов повеќе станува збор за симболични гестови, кои сигурно нема да доведат до безбедносна и воена соработка, но кои испраќаат порака до светот за одмрзнување и омекнување на односите помеѓу двете ривалски суперсили. Идејата е да се премине од димензијата „непријатели“, кон димензијата „противници“, каде намалените политички тензии потоа би се пренеле на економскиот и воениот сектор, намалувајќи го нивото на конфликтност во обете полиња.

Ши нагласил дека обединувањето со Тајван „не може да биде спречено“, и ова прашање е најделикатното за двете сили. Ши побарал од САД да престанат да испраќаат оружје во Тајван и да го поддржат „мирното обединување“ на Кина и Тајван, додека Бајден ја нагласил потребата од мир и стабилност во Тајванскиот теснец и се залагал за задржување на статус кво, истовремено очекувајќи Кина да го почитува изборниот процес на Тајван. Бајден воедно и потенцирал дека Америка не се откажува од политиката на „Една Кина“. Сепак, што се однесува до заштитата на островот и неговото вооружување, позициите на двете земји се дијаметрално различни. Америка нема никогаш да дозволи Народната Република да го проголта Тајван, затоа што тоа е единствената заштитна брана од поморската проекција на Пекинг од Кинеското Море кон Пацификот, и нејзината амбиција да стана светска талосократија која би го загрозила глобалниот примат на САД.

Третата тема околу која Кина и САД се согласиле е борбата против климатските промени, нешто што може да создаде идни тензии помеѓу двете земји. Обврската или ветувањето да се триплицира употребата на обновлива енергија до 2030 година, не е баш на врвот на приоритетите кај Бајден и Ши. Јагленот и понатаму е главниот кинески енергетски ресурс, но Пекинг веќе со години инвестира во сончева и еолска енергија, како и во производство на електрични возила, до степен што во овие сектори силно ќе влијае врз американскиот и европскиот пазар во иднина.

Изјавата на Ши дека „планетата е доволно голема за да можат нашите две земји да напредуваат“, ни потврдува дека нема да бидеме сведоци на некаква епохална промена. Таквиот вординг повеќе ја истакнува желбата на Кина да биде препознаена од САД како актер од ист ранг, и дека со тоа претендира да го диктира ритамот на светскиот поредок. Засега, заедно со Америка, а утре ако може и сама.

Практичната смисла на одмрзнувањето на односите

Америка никогаш ги нема прифатено таквите барања и никогаш нема да ги прифати. Кога би прифатила такво нешто, само би ја олеснила тезата и наративот за пропаѓањето на американската империја, наратив кој е доста раширен во кинеските стратешки кругови. Причина повеќе и поради која Вашингтон нема да прифати да стане дел од новиот пат на свилата и од трите иницијативи за глобална безбедност, развој и размени помеѓу цивилизациите, промовирани од страна на Ши за време на гала-вечерата.

Напротив, по средбата Бајден уште еднаш го потврди неговото мислење за Ши Џинпинг како диктатор, и ја оправда таквата дефиниција според комунистичката форма на владеење на која се потпира Ши и различниот систем од оној во Америка. Како што ја потврди и важноста на односите со американските партнери од Индо-пацификот, мислејќи пред сѐ на Јапонија и Јужна Кореја.

Овие недоразбирања не ја исклучуваат можноста дека одмрзнувањето на односите може во практична смисла да се стави на добар тест и употреби за смирување на војната во Украина и на Блискиот Исток. Можеби дури и преку повик за двоен прекин на огнот, каде секој ќе инсистира кај силите со кои има поголема блискост: Америка кон Киев и Ерусалим, Кина кон Москва, Палестина и Техеран.

И двете војни се подеднакво голема глабоволка и за Бајден и за Ши, затоа што ја потхрануваат нестабилноста пред портите на американската сфера на влијание во Европа, и го загрозуваат и онака комплицираниот развој на новите кинески патишта на свилата. Во суштина, двата актуелни спорадични конфликти не им дозволуваат на Кина и на САД целосно да се посветат на својот натпревар во Индо-пацификот.

Присилна кохабитација

Иако одмрзнувањата и омекнувањата или релаксацијата на односите генерално историски имаат краток век, домашните и надворешните кризи со кои се соочуваат САД и Кина, можат да влијаат на отворањето на една нова фаза во односите. Да ја наречеме таа фаза: Компетитивна коегзистенција или присилна кохабитација, односно, фаза на односи каде ќе постои натпревар меѓу противници, а не непријатели, кој не треба да доведе до воена ескалација. Сепак, останува да натежнува чувството дека сѐ додека Ши е императорот на Кина, без разлика кој е на власт во САД, односите помеѓу западните демократии и Кина ќе останат проблематични и тешки.

И за крај, да нотираме една важна колатерала којашто произлезе од новопронајдениот дух на соработка помеѓу САД и Кина, а тоа е фактичкото изолирање на Русија на Путин, заглавена во живиот песок на својата катастрофална и неуспешна инвазија на Украина. На Путин ќе му требаат неколку месеци за да сфати колку се променил политичко-економскиот барицентар на кинеските односи и нивната надворешна политика.

Со сите резерви, сомнежи и поуки од историјата, сепак после години на пандемија, депресија и растечки воени конфликти, за првпат по подолго време се насетува некаков домино ефект на мир и помирување, а не на војна и крвопролевање.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми