1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Одобрена истрага против Болсонаро

Улрике Кваст
14 јануари 2023

По упадот на приврзаниците на Болсонаро во владини објекти во Бразилија, дадено е одобрение за истрага против поранешниот претседател.

Жаир Болсонаро (архивска фотографија)
Жаир Болсонаро (архивска фотографија)Фотографија: Adriano Machado/REUTERS

Главниот судија во Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораес, се согласи со барањето на државниот обвинител да го стави деснопопулистичкиот политичар Жаир Болсонаро на списокот на осомничени кои ќе бидат под истрага за насилствата од минатата недела. Обвинителството го товари Болсонаро за „подбуцнување и духовно авторство“.

Отворен повик за кривично дело

Тој е обвинет дека во вторникот (10.01) - два дена по немирите - објавил видео, кое набрзо потоа го избришал, во кое ја доведува во прашање законитоста на претседателските избори во Бразил во октомври, со што, како што се вели, јавно повикал да се изврши кривично дело. Обвинителството аргументира дека иако Болсонаро го објавил видеото по немирите, неговата содржина бара „целосна истрага за дејствијата на обвинетиот пред и по 8 јануари 2023 година“.

Според врховниот судија Де Мораес, лажните изјави на Болсонаро биле повторени на социјалните мрежи. Со нив, меѓу другото, им се негира легитимитетот на демократските институции. Како резултат на тоа, приврзаниците на Болсонаро биле поттикнати да ги напаѓаат претставниците на овие институции и да извршат „најтешки злосторства против демократијата и владеењето на правото“. Адвокатите на Болсонаро категорично ги отфрлаат ваквите наводи.

Приврзаниците на Болсонаро во палатата Планалто во Бразилија (8.01.2023)Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Актуелниот претседател наБразил, левичарскиот политичар Луис Инасио Лула да Силва, смета дека десниот популист Болсонаро е директно одговорен за избувнувањето на насилството и го обвинува за подбуцнување на неговите поддржувачи.

Минатата недела, илјадници приврзаници на Болсонаро упаднаа во зградата на Конгресот, Претседателската палата и седиштето на Врховниот суд во главниот град, предизвикувајќи големи материјални штети. Ситуацијата е ставена под контрола дури неколку часа подоцна. Насилниците го истурија својот гнев поради изборната победа на Лула, кој тесно го победи Болсонаро во вториот круг и е на функцијата од почетокот на годината. Демонстрантите не го признаваат новоизбраниот претседател.

Самиот Болсонаро исто така официјално не го призна својот изборен пораз и замина за Флорида два дена пред крајот на неговиот мандат. Во меѓувреме, во домот на човекот од доверба на Болсонаро и поранешен министер за правда Андерсон Торес е пронајден документ кој содржи планови за „корекција“ на изборните резултати. Торес исто така се наоѓа во САД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми