1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со шринкфлација и скимпфлација против владината одлука

9 октомври 2024

Појавата не е ендемска. И во земјите од ЕУ се бараат мерки за спречување на измамата на граѓаните со шринкфлација

Супермаркет производи
Трговците манипулираат со цените на производите на неколку начиниФотографија: Benjamin Nolte/dpa/picture alliance

Производи со намалена грамажа или намален квалитет се триковите со кои стигнува одговор на владината одлука за ограничување на маржата, со која требаше да бидат намалени цените на определен број производи. Појавата не е ендемска, само во РСМ, со неа се соочуваат многу земји, но бараат и начини како да се стави крај на таа нефер практика.

Она со што се соочуваат  купувачите во РСМ  е класичен пример на шринкфлација (shrinkflation). Тоа е кованица од зборовите инфлација (inflation) и (shrink), што значи смалување, и е еден од најчестите  трикови кои им се сервираат на потрошувачите,  со цел инфлацијата да падне врз нивниот грб. Се работи за смалување на грамажата или на литражата на производите (најчесто основните, но не само тие), кои  божем се продаваат по „намалени“ или исти цени.  Ако купувачите навреме не ја увидат разликата, воопшто нема да знаат дека платиле повеќе за да добијат помалку.

За купувачите  е тешко  да ја откријат таа манипулација  од причина што амбалажата на производите останува иста, со цел тие да бидат доведени во заблуда дека ништо не е сменето со нивниот префериран производ. Иако промената во грамажата или литражата е наведена на пакувањето, доколку купувачите не го прочитаат тоа, ретко кој при земање на производот може да процени дека тој одеднаш станал полесен за 20, 30 или 100 грама.

Со такви трикови се ескивира владината одлука и се воведува прикриено зголемување на „намалените цени“.

Полупразна амбалажа - трик за зголемување на ценитеФотографија: picture-alliance/imageBROKER/C. Ohde

Производи со намалена грамажа на  полиците на маркетите  во изминатите денови веќе открија инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), откако стапи во сила владината одлука за ограничување на бруто-профитната маржа до 10 отсто. Со неа беа опфатени  повеќе од 70 основни прехранбени производи-  леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук и тие не да смеат да поскапат до 31-ви октомври.

И скимпфлацијата држи чекор

Некои од маркетите одлуката ја дочекаа со дел празни рафтови, а некои од оние кои не прибегнаа кон таа тактика ги искористија триковите што ги нудат шринкфлацијата, но и скимпфлацијата.

Второто е исто така одраз на нефер практика и означува смалување на квалитетот на производот, а задржување на иста цена. Тој феномен е многу потешко да се забележи, бидејќи купувачите треба да ја имаат претходната амбалажа на производот за да направат споредба на кои декларирани состојки почнало да се штеди и во колкав процент. Само така ќе може да направат разлика кои квалитетни состојки сега ги има во помал процент во корист на помалку квалитетни, односно колку квалитетот на производот е разводнет. Некогаш и буквална смисла.

Пензионерка од Скопје не знае што е шринкфлација и скимпфлација, но очигледно и со двата двата феномена се соочила купувајќи во еден од скопските маркети.

Производи со намалена грамажа, а цената им останува истаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

„Завчера купив кисело млеко, гледам цената е во ред. Ама првото изненадување беше кога го отворив пакувањето дома. Беше течно кисело млеко, разводнето, како никогаш досега. Второто изненадување беше кога ја видов грамажата - 100 грама помалку, а на прв поглед тоа не се забележува. Четири очи треба да се отворат и со два пара очила треба да се чита што пишува на амбалажата, во спротивно ќе ти речат – кој ти е виновен, таму убаво си пишува колку купуваш. Како и да е, не е фер. Треба да се каже дека е намалена грамажата, ама и дека квалитетот веќе не е ист“, вели таа.

СДСМ повикува за нови мерки

Од опозициската СДСМ критикуваат дека  трошоците за живот се зголемени,  дека мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект.

„Според податоците од Државниот завод за статистика,  трошоците за живот на граѓаните  во септември 2024 година се зголемени за 2.6 % во споредба со истиот период лани, додека цените на мало пораснале за 3.3 %. Ова е потврда дека поскапувањата ги оптоваруваат граѓаните, особено во делот на храна и дека мерките на Владата на Мицкоски, на Дурмиши и на ВМРО-ДПМНЕ се целосно задоцнети (...) Ако се види моментално состојбата во маркетите, се потврдува дека речиси и да нема производи со намалени цени, дури забележано е и намалување на грамажата на одредени производи за да се одбегне намалувањето“, реагираат од СДСМ, повикувајќи дека е време за итна интервенција и нови мерки за конкретни резултати.

Од партијата не наведуваат дали тие предлагаат некакви мерки што ќе дадат резултати.

Се бараат решенија

Во земјите од ЕУ оваа тема станува сѐ поактуелна и некои земји почнаа да ги менуваат националните законодавства со цел да ја спречат измамата на граѓаните со шринкфлација. Во Франција малопродажен синџир почнал да ги означува со портокалова боја оние производи кои се намалени во грамажа, а цената им останува иста. 

Како нѐ лажат производителите на храна?

00:55

This browser does not support the video element.

Но се смета дека е многу потешко да се воведе ред со скимпфлацијата, бидејќи измамата не е лесно видлива и тоа бара поголеми анализи околу игрите со квалитетот. Истражување на Холандската асоцијација за заштита на потрошувачите покажало дека процентот на риба во рибните стапчиња (посочен е конкретен призводител) паднал за 20 отсто, додека цената се зголемила за 40 отсто. Уделот на маслиново масло во масло за готвење бил намален од 20 на 7 отсто, а процентот на пилешко во вреќички супа од 8,6 до 5,8 проценти.

Во САД се предлагаат решенија со кои преку политиката на пазарен натпревар би можеле да се одвојат фазите на производство, со цел да не можат едни исти големи играчи да го одредуваат и составот на производот, и да го пласираат производот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми