Хотели и комплекси ја загрозуваат заштитата на Охрид
11 февруари 2026
Додека владини претставници во Париз го убедуваат УНЕСКО дека земјата ќе се грижи за светското наследство, во Охрид се подготвува терен за нови хотели и комплекси што би можеле да ја „забетонираат“ иднината на регионот, кој веќе е класифициран како светско наследство во опасност.
Паралелно со средбите во Париз, каде што делегацијата од Македонија ги презентира мерките за заштита на Охридскиот Регион, во Скопје се одржа стручна јавна расправа за предложените измени на Правилникот за урбанистичко планирање. Активистите алармираат дека најавените инвестиции може сериозно да го нарушат статусот на регионот.
Активисти: Хотелите стануваат „државен интерес“ без јавна контрола
„Хотели ќе можат да се градат како државен интерес. Значи не се секирајте дали ДУП ќе се изгласа — овие измени ќе си ги изгласа Владата и самата ќе одлучува каде ќе се гради. Нема јавна анкета, само презентација и дискусија. Гласот на граѓаните ќе биде целосно обезвреднет“, реагираат од иницијативата Независни за Карпош.
Тие предупредуваат и на можни етички проблеми, како одземање на имот под изговор дека се работи за државен интерес, додека во реалност станува збор за приватни, комерцијални проекти.
Охрид СОС: Хотелски комплекси се прогласуваат за државно значење
Од Охрид СОС истакнуваат дека измените што ги предлага министерот за транспорт Александар Николоски дозволуваат изградба на големи хотели и хотелски комплекси над 1.000 метри квадратни како градби од државно значење.
Тие потсетуваат дека Николоски уште во ноември минатата година тврдеше дека „фалат хотели со пет ѕвезди“ и дека урбанистичките планови премногу се одолжуваат, особено во заштитените подрачја. Во исто време, велат тие, „во Охридскиот Регион веќе се градат хотели на неколку локации директно на брегот на езерото“.
Потсетуваат и на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски од април минатата година, кога најави можни проекти со партнери од Обединетите Арапски Емирати, вклучително и откуп на постоечки хотели и отворање нови локации.
„Ова не е ништо ново ако се знае кој го донесе Законот за туристички развојни зони и сите мегаломански проекти штетни за природното наследство, против кои веќе реагиравме“, велат од Охрид СОС.
Стручната јавност: Измените оставаат сомнеж за приватни интереси
На стручната расправа во Скопје (10.02), претставници од Комората на овластени архитекти и инженери и од граѓанската О2 Иницијатива предупредија дека новото решение е проблематично.
„Менување закони и правилници за приватни интереси под маска на државен интерес, исклучувајќи ја јавноста, е рушење на кревките урбанистички правила и отворање простор за насилување врз просторот“, изјавија тие.
Тие го поврзаа ова и со неодамнешната посета на милијардерот Мохамед Алабар, познат по проектот „Белград на вода“.
Пецаков од Париз: Охрид е врвен приоритет
Градоначалникот Кирил Пецаков, кој е дел од државната делегација во Париз, на својот фејсбук-профил порача дека Охрид е врвен приоритет и дека државата останува посветена на спроведување на препораките на УНЕСКО.
„Работиме на долгорочна и одржлива заштита која ќе го зачува статусот на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство.Ја истакнавме подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија, бидејќи езерото бара заеднички пристап“, вели Пецаков.
Но, активистите оценуваат дека заложбите „на хартија“ не се совпаднат со реалната состојба на терен.
Министерството: Измените ќе го поттикнат туризмот
Министерството за транспорт тврди дека измените имаат за цел да поттикнат развој на туризмот, енергетиката и здравството, како и да создадат услови за нови инвестиции. Во образложението се наведува дека големите хотелски комплекси ќе се градат надвор од заштитените подрачја, вклучително и надвор од заштитената зона на Охридскиот Регион поврзана со УНЕСКО.
Министерството уверува дека процесот ќе биде „транспарентен“ и дека ќе се спроведуваат јавни презентации.