1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско Езеро и Галичица под лупа на Бернската конвенција

ДТЗ
24 април 2023

Бернската конвенција на терен ќе ја скенира ситуацијата по жалбата поднесена во 2016 година од страна на граѓанската организација „Фронт 21/42“ за заканите кои надвиснуваат над регионот.

Охрид
Охридското Езеро и Галичица под лупа на меѓународни експертиФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Претставниците на Бернската конвенција на 25 април треба да го посетат Охридскиот Регион, при што ќе имаат средби со релевантни институции, посета на повеќе локации и состанок со граѓански организации. Меѓу темите за кои се очекува да стане збор се и законите за легализација на дивоградбите, општинските одлуки за мораториум, ќе се проверува имплементацијата на Планот за управување со Охридскиот Регион и слично.  Во делегацијата се очекува да има и по еден претставник од УНЕСКО и Рамсарската Конвенција кои на терен ќе ги скенираат состојбите со заштитените подрачја. Мисијата во земјата ќе остане три дена, по што ќе го изготви својот извештај, од кој е можно да произлезат и конкретни препораки за Охридскиот регион. 

Посетата следи по жалбата која што ја поднесе невладината организација Фронт21/42 во 2016 година за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица. Во зависност од увидот на терен и разговорите со надлежните институции, случајот може да остане отворен или да се затвори тогаш кога ќе бидат исполнети сите препораки.

Бернската конвенција на терен ќе ја скенира ситуацијата по жалбата поднесена во 2016 година од страна на „Фронт 21/42“ Фотографија: Daniela Trpcevska/DW

Жалба против спорни проекти

Бернската конвенција отвори случај против Владата на Северна Македонија за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица, по жалба поднесена уште од 2016 година од страна на граѓанската организација „Фронт 21/42“, а по алармантни случувања поврзани со дивоградбите и урбанизацијата во заштитеното подрачје.

Бернската конвенција, која што е ратификувана во земјата во 1997 година, го заштитува дивиот свет во Европа, а Охридското Езеро и Галичица се дом на 273 видови кои се на листите за заштита на оваа конвенција, од нив 212 се под строга заштита.

„Заканите поради кои тогаш ја поднесовме жалбата беа проектите на тогашната влада, како ски центар и автопат во Галичица, туристички комплекси на брегот, итн. Иако дел од овие проекти се откажаа, во меѓувреме се појавија и не престануваат да се појавуваат нови, главно поврзани со понатамошна урбанизација, инфраструктурни проекти, но и неефективно управување, закони кои оставаат отворена врата за продолжување на уништувањето“, посочуваат од Фронт 21/42..  

Во 2021 година, поради загрижувачката состојба наведена во извештаите на граѓанските организации и по консултации со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, Бирото на Бернската конвенција одлучи да ја стави жалбата на Фронт21/24 на агендата на Постојниот комитет, по што донесе и одлука да го отвори случајот и да се испрати експертски тим за проценка на состојбата на терен. УНЕСКО и Рамсар, исто така,  искажале интерес да се приклучат кон проценката на терен, како набљудувачи. 

Предмет на тридневната посета ќе бидат состаноци на конкретни (претходно дефинирани) теми со релевантните институции, посета на повеќе локации и состанок со граѓански организации. Меѓу темите се документите како Студијата и Законот за Охридското Езеро, Законот за Студенчишко Блато, Стратегискиот план за рехабилитација, итн.; проектите, како автопатот и железницата од Коридор 8; урбанизацијата и дивоградбите, со посебен акцент на урбанистичкиот план Горица Север и урбанизацијата на околината на блатото, законите за легализација на дивоградбите, општинските одлуки за мораториум, итн.; ќе се проверува имплементацијата на Планот за управување со Охридскиот Регион; итн.  

Во делегацијата се очекува да има и по еден претставник од УНЕСКО и Рамсарската Конвенција кои на терен ќе ги скенираат состојбите со заштитените подрачја.Фотографија: picture alliance / Zoonar

Мониторингот - спас за природното богатство

Станува збор за втора жалба против спорни проекти во земјата. Постојаниот комитет на Бернска конвенција претходно  препорача Владата да ги раскине концесиите за мали хидроелектрани во Националниот парк Маврово и да запре изградба на хидроцентралите Бошков мост и Луково поле.

Постојаниот комитет на Конвенцијата за заштита на европскиот жив свет и природните живеалишта работи во рамките на Советот на Европа. Македонија е потписник на оваа конвенција, па нивните препораки се задолжителни.

Доаѓањето на странските мониторинг мисии, кај невладините организии буди надеж за спас на најголемо природно богатство во земјата. Имајќи предвид дека препораките на Бернската конвенција веќе дадоа ефекти и резултираа со стопирање на изградбата на мали хидроцентрали во Националниот парк Маврово, очекувањата се дека првата посета на претставниците на Бернската конвенција на Охридскиот регион, би можела да биде позитивен сигнал за спас и на ова природно богатство, коешто се бори за својот опстанок. 

Посетата доаѓа во пресрет на септември кога ќе се одржи 45. сесија на Комитетот на УНЕСКО, на која ќе се разгледува напредокот во исполнувањето на препораките, откако   

УНЕСКО и даде втора шанса на земјата да се поправи со цел Охридскиот регион да не биде прогласен за светско наследство во опасност. „Она што нас не загрижува е фактот дека институциите продолжија со истиот третман и после алармот на мисијата во 2020 година, која порача дека „понатамошна трансформација води до точка на неповрат“. Тоа значи дека и локалните и централната власт продолжија по истиот пат целосно свесни дека тој пат води до неповратно и конечно губење на светското наследство“, изјави неодамна за ДВ, Искра Стојчевска од Фронт 21/42.

 
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми