Миграција: Околу 30% од населението е во дијаспора
26 ноември 2025
Македонија, како и многу земји од Југоисточна Европа, се соочува со сериозни предизвици поврзани со миграцијата. Според статистички проценки, бројот на македонски државјани кои живеат во странство значително расте во последната декада и денес надминува 30% од вкупното население – повеќе од 700.000 лица.
Според Factsheet Dossier: Diaspora Engagement – Western Balkans and Europe на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (декември 2022), македонската дијаспора брои 693.896 лица, што претставува околу 25% од популацијата. Од нив, 38,4% живеат во земји членки на ЕУ, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголеми заедници има во Австралија, САД и Канада.
Национална стратегија за дијаспората
Како одговор на континуираниот пораст на иселеници, Македонија подготвува Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,го претстави предлог-текстот на стратегијата како петгодишен план за развој на партнерство со дијаспората.
Муцунски нагласи дека стратегијата претставува системски пристап, а не ад-хок мерки: „Оваа стратегија значи модерна, дигитална и доверлива администрација, создавање систем, а не импровизација“.
Во стратегијата се потенцира дека дијаспората е значаен економски и социјален фактор. Освен дознаките, многу иселеници имаат високи приходи и се подготвени да инвестираат во мали и средни бизниси, недвижнини и социјални проекти.
Офицери за врска и специјален пратеник за дијапора
Македонските заедници во странство се носители на културата и идентитетот, организирани преку црковни, културни и спортски клубови. Поради тоа, Владата треба да усвои пакет за поддршка на дијаспората преку програми за повраток, инвестиции и јасна комуникација.
Во стратегијата се споменува посебна владина програма за реинтеграција на повратници, за оние кои сакаат да се вратат и повторно да се вклучат во општествениот и економскиот живот на земјата. Планот е да се воведат „офицери за врска“ во општините, кои ќе бидат мост помеѓу дијаспората и органите на централната власт, а Владата ќе може да именува и „специјален пратеник за дијаспора“.
Економска димензија и потенцијал
Економската улога на дијаспората е клучна. Дознаките од иселениците изнесуваат меѓу 4% и 10% од БДП, што ја прави еден од најстабилните извори на девизи. Иако постојат иницијативи за вклучување на дијаспората во инвестициски и стартап програми, нивната реализација е ограничена. Сепак, потенцијалот за повратни инвестиции и економска соработка е значителен.
За подобро разбирање на потребите на дијаспората, „Македонија 2025“ спроведе глобална онлајн анкета (јули–септември 2025) преку SurveyMonkey. Собрани се 1.436 целосно пополнети прашалници од македонци во повеќе од 50 земји.
Клучни резултати се дека дел од иселениците се соочуваат со административни пречки и ограничен пристап до дигитални услуги. Се забележува висока подготвеност за учество во развојни и инвестициски иницијативи, ако постојат јасни механизми за комуникација.
Фактори за враќање и инвестиции
Речиси половина од испитаниците би размислиле за враќање во Македонија за период подолг од една година, а 24% велат дека тоа е многу веројатно. Главни предуслови се стабилни институции,транспарентна администрација и економски можности.
Фактори што би поттикнале повраток или инвестиции се економската и политичката стабилност, владеењето на правото,намалувањето на бирократијата, пристапот до информации и институционална поддршка, како и поволни даночни услови.