1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Окружни избори: Десничарската АфД прв пат на власт

26 јуни 2023

АфД во Зонеберг во Тирингија за прв пат освои врвна функција на локални избори. За експертите, ова е прелом и сметаат дека ќе биде сѐ потешко да се води политика против десните популисти во источна Германија.

Зонеберг Роберт Зезелман Бјерн Хеке Тино Крупала АфД Германија
Зонеберг: Роберт Зеселман (во средината) со Бјерн Хеке и Тино Хрупала од АфД по локалните избори во ТирингијаФотографија: Jacob Schröter/IMAGO

По победата на АфД во округот Зонеберг во Тирингија, експерти очекуваат натамошни успеси на десната популистичка партија на истокот. „Ако не се случи драматична промена во расположението на гласачите, локалните и изборите за покраинските парламенти следната година може да стана победоносен поход на АфД”,вели за новинската агенција ДПА политикологот Ханс Форлендер од Дрезден. Директорот на Центарот за истражување на демократија и устав, вели дека АфД на покраинско ниво нема да може да владее поради недостиг од коалициски партнер, но исто така ќе бидат потребни големи коалиции на останатите партии за да може да се дојде до владејачко мнозинство. „Сѐ потешко е да се води политика против АфД или да се победува против нив”, заклучува Форлендер. 

Плодна почва за АфД"

Во округот Зонеберг кандидатот на АфД, Роберт Зеселман, победи на изборите за окружен началник. Тоа е прв пат во Германија највисока локална функција да ù припадне на десно популистичката партија. Поддршката од Левица, Социјалдемократите, Зелените и Либералите за кандидатот на ЦДУ, Јирген Кепер не беше доволна за да го спречи успехот на АфД. Следната година во Тирингија, Саксонија и Бранденбург се избира нов покраински парламентарен состав, а во Саксонија Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија  се одржуваат локални избори. 

Политикологот Форлендер зборува за комбинација на различни мотиви кај гласачите. АфД со години е вкоренета во многу региони во источна Германија и делумно има поддршка и од повеќе од 30 проценти од гласачкото тело. Многу луѓе имаат конзервативни, десно популистички, десно национални ставови. На тоа се надоврзува и незадоволството од моменталната сојузна влада. „Тоа е плодна почва за АфД”, вели Форлендер. 

Локални избори во Тирингија: кандидатот на ЦДУ/ЦСУ во Зонеберг не успеа да победи и покрај поддршката од другите партии Фотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Потврда за десно-екстремниот курс на радикализација"

Според мислењето на истражувачот на екстремизам од Магдебург, Матијас Квент, победата на Зеселман има „симболична вредност на сојузно ниво” како што рече за Редакциската мрежа Германија (РНД). „Реално, шефот на округ со 54 000 жители нема многу простор за дејствување, но победата на АфД ù дава централна позиција за напад врз покраинската и сојузната политика”, вели Квент. Освен тоа, исходот на изборите е потврда за „десно-екстремниот курс на радикализација” од покраинскиот шеф на АфД, Бјерн Хеке. Научникот дури смета дека е можно изборната победа на АфД да биде појдовна точка за „нормализација и легитимација на соработка меѓу АфД и ЦДУ”.

Аларм за демократијата"

Како и вообичаено, денес се состануваат раководните тела на партиите, каде што Зонеберг може да се отвори како тема. Шефицата на Зелените, Рикарда Ланг резултатот го оцени како предупредување за сите демократски сили. Кандидатот на АфД, Зеселман во предизборната кампања пред сѐ ја критикуваше политиката на семафор-коалицијата на сојузно ниво со фокус на енергетската и бегалската политика. 

Претседателот на покраинскиот огранок на СПД во Тирингија, Георг Мајер, за исходот вината ја префрла и на нестабилните политички односи во покраината. За многу теми од важност за луѓето нема напредок, затоа што малцинската црвено-црвено-зелена коалиција зависи од согласноста од ЦДУ. „Делумно навистина се вртиме во круг”, вели Мајер. Успехот на Зеселман е аларм за демократијата, оцени копретседателот на Левица, Мартин Ширдеман, во утринската емисија на првата и втората германска програма на јавниот сервис. Причината за победата политичарот од Левица ја гледа во незадоволството од сојузната влада и прифаќањето десно-популистички наративи од страна на Либералите и ЦДУ/ЦСУ.

АфД со недели го зголемува рејтингот во анкетите

Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, изборот на политичар на АфД за окружен началник го оцени како „пукање на браната”. Тоа демократските сили во земјата не смее едноставно да го прифатат, рече Шустер за РНД. АфД со недели води и во анкетите на сојузно ниво и најчесто е втора најголема сила, после ЦДУ/ЦСУ. Сите останати партии исклучуваат коалиција со АфД, која Сојузната служба за заштита на уставниот поредок ја оцени како осомничен случај за десен екстремизам.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми