1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Живот со, или без руски пасош?

Лилија Ржеутска | Хана Соколова
15 мај 2023

Русија ги присилува лицата во окупираните украински територии да извадат руски пасоши. Кој одбива, му се заканува депортација. Од Киев со контрадикторни совети за засегнатите лица.

Руски пасош за т.н. „Народна Република Луганск“
Руски пасош за т.н. „Народна Република Луганск“Фотографија: Alexander Reka/dpa/TASS/picture alliance

Колона празни автобуси во придружба на соработници на тајните служби, пристигнува во едно место. Се повикуваат на декрет на рускиот претседател за депортација на лица од окупираните територии кои немаат руско државјанство. „Тие имаат радикални барања - или замена на украинскиот за руски пасош, или имотот истиот момент се конфискува, а тие ќе бидат преселени”, се вели во извештај на украинскиот Генералштаб. Путин неодамна потпиша декрет со кој државјани на Украина кои живеат во окупираните Херсон, Запорожје, Луганск и Доњецк и кои сакаат да го задржат украинското државјанство, смеат да останат таму само до први јули 2024 година. По тој датум, Украинците без руски пасош може да бидат депортирани. 

Насекаде контролираат и се закануваат"

Тоа го потврдуваат и погодени лица од окупираните региони со кои разговараше ДВ, а кои од безбедносни причини сакаат да останат анонимни. „Руските војници пребараа сѐ кај нас. Кога им го покажав мојот украински пасош, гласно врескаа дека треба да го заменам за руски, или ќе ми го земат возилото и ќе ме депортираат. Рекоа дека постапката е едноставна, треба само да поднесам барање и за една недела ќе дојдат повторно да проверат дали сум добил пасош”, раскажува постар човек од Херсон. 

Жена од Запорожје низ солзи раскажува дека окупаторите ѝ се заканиле дека ќе ѝ ги земат малолетните деца и ќе ги депортираат во Русија ако не поднесе веднаш барање за руски пасош. 

На друга жена војниците ѝ се заканувале дека „ќе ѝ навлечат вреќа преку глава” ако се противи да стане „државјанка на Русија”. Жената од крајбрежниот регион на Азовското Море вели дека „до последно се противевме на руски пасош, но веќе е неподносливо и застрашувачко бидејќи насекаде контролираат и се закануваат". Маж од Херсон раскажува дека „еден од моите пријатели беше брутално претепан затоа што рече дека не му е јасно за што ќе му е потребен руски пасош”. 

Чуму брзањето со пасошите?

Заменик претседателот на Регионалниот совет за Херсон, Јуриј Соболевски, вели дека во последно време значително е пораснат притисокот врз лицата во окупираните територии. „Пристапот до медицински услуги и слободата на движење меѓу градовите се ограничени за лицата кои се противат да земат руски пасоши”, вели Соболевски. Според него, окупаторите сега се служат со тероризирање на народот затоа што не се многу на број оние кои доброволно сакаат да земат руски пасоши, како што Москва првично се надеваше. „Тие одлучија радикално да постапуваат бидејќи Кремљ сака да ги види резултатите до летото", додава тој. 

Како што јавува британското Министерство за одбрана, повикувајќи се на сопствени извори, Русија очигледно сака да го забрза интегрирањето на окупираните територии во својата територија за да му ја продаде инвазијата како успешна на сопственото население, особено во пресрет на претседателските избори во 2024 година. „Русија ги користи пасошите како инструмент за да ги русифицира окупираните територии како што правеше и во Доњецк и Луганск уште пред инвазијата во февруари 2022“, се вели од Лондон. 

Агитација за руски пасош во Луганск, септември 2023 годинаФотографија: dpa/AP/picture alliance

Ситуацијата во Донбас е различна

Аљона Луњова од украинскиот „Центар за човекови права” забележува дека лицата од Луганск и Доњецк по 2014 година не биле присилувани на ваков начин да ги прифатат пасошите или документите на „народните републики” кои Русија почна да ги дели од 2019 година. Околу 800 илјади источни Украинци сега веќе наводно имаат руско државјанство. Заштитата на таквите „Руси“ е еден од главните аргументи за признавањето на сепаратистичките региони од страна на Кремљ. 

„Русија сега и таму го интензивира издавањето пасоши, но не толку строго колку на југот на Украина. А и каде би можеле да депортираат толкав број на луѓе?", се прашува Аљона Луњова, според која Русија пред сѐ прибира податоци заради мобилизацијата и за контрола на тамошното население. 

Но, според Сергеј (името е сменето од редакцијата) од Луганск, луѓето се плашат да завршат во руски бази на податоци и не знаат што да прават. „Сѐ повеќе работодавци бараат руски пасош, а за оние кои официјално не работат никаде и не користат никакви социјални услуги ништо се нема сменето”, врли младиот маж. Оној пак што ќе побара руска „дозвола за престој”, самиот им се испорачува на окупаторите и потоа постои опасност да биде мобилизиран. 

Противречни сигнали од Киев

Дали да се прифати руски пасош или не? Меѓу украинските политичари има различни мислења. Димитро Лубинез, пратеник за човекови права на украинскиот парламент, на телевизија рече дека Украинците во окупираните територии треба да прифатат руски пасош ако стравуваат за својот живот затоа што окупаторите сите оние кои немаат пасош ќе ги направат свои заробеници. „Ќе ги држат затворени во Русија или во окупираните територии“, вели Лубинез и нагласува дека Украина не ги признава наметнатите пасоши или автоматското стекнување друго државјанство во тие региони, ниту лицата така го губат украинското државјанство. 

Министерката за реинтеграција на окупираните региони, Ирина Верешчук, пак на телевизија рече дека Украинците не треба да ги прифаќаат руските пасоши. „Не соработувајте со окупаторите, не прифаќајте руски пасоши, бегајте ако е тоа можно или чекајте ја нашата армија”. На Телеграм таа пиша и дека нејзиното министерство апелира до руската страна и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да воспостават хуманитарни коридори за да може луѓето да дојдат во териториите контролирани од Киев. 

Мариупол, разурнатиот украински град под руска окупацијаФотографија: AFP

Да се живее под окупација не е злостор

„Се срамам и страв ми е да прифатам руски пасош, но исто така се плашам да не бидам депортирана во Камчатка. Не можеме да заминеме од тука како што нѐ советуваат украинските власти, затоа што мајка ни е стара и болна. А, и со возилото со украински таблички нема да нѐ пуштат на Крим”, очајно раскажува една жена од Херсон. 

Соболевски потврдува дека луѓето најчесто може да ја напуштат окупираната територија само во правец на Крим, каде, според него, се подложени на контроли и во некои случаи лицата без руски пасош или со украински таблички ги враќаат назад. 

Контрадикторните совети од украинските власти според Аљона Луњова ги збунуваат луѓето во окупираните области. Таа нагласува дека не е злостор да се живее под окупација. „Напротив, не треба секој да ги напушта окупираните територии и не треба таму да има празен простор, а ние не можеме да однесеме 4 до 5 милиони лица од окупираните региони”, вели експертката за човекови права. Таа додава дека не е кривично дело да се прифати руски пасош под присила. 

И Вера Јастребова, шефица на украинската „Источна група за човекови права” посочува дека од никого не може да се бара одговорност за наметнат руски пасош, освен во случаите на колаборација. „Законите предвидуваат заштита при наметнати пасоши и ги прават руските пасоши неважечки”, вели адвокатката која советува лица од погодените региони. 

Советникот во кабинетот на Зеленски, Михајло Подољак, вели дека советите од Лубинез и Верешчук се контрадикторни. Тој на Твитер за погодените посочува дека „ако имате можност да не прифатите руски пасош, тогаш обидете се да не го прифаќате. Но, ако морате за да избегнете малтретирање, тогаш земете пасош." Подољак гарантираше дека Украина нема да гони лица кои „пасивно го стекнале руското државјанство”.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми