Шолц и нордиските земји неединствени околу визите за Русите
16 август 2022И покрај скептицизмот на германскиот канцелар, Финска бара на руските државјани да им се забрани влез во ЕУ. „Руските граѓани не ја започнаа војната, но мора да ни биде јасно дека тие ја поддржуваат таа војна“, рече финската премиерка Сана Марин на самитот на петте нордиски земји со Олаф Шолц во Осло, на кој учествуваа и шефовите на владите на Данска, Исланд, Норвешка и на Шведска.
„Сметамдека не е во ред руските граѓани да влегуваат во ЕУ, во Шенген зоната и да одат на туристички патувања, додека Русија убива луѓе во Украина“, рече Марин. Поддршка доби од нејзината данска колешка Мете Фредериксен.
Шолц и натаму е против
Шолц остана на својот став дека не треба да се воведува општа забрана за влез на Русите, укажувајќи на руските граѓани кои бегаат од режимот на Путин. „Сите одлуки што ги носиме не треба да им отежнуваат да бараат слобода и да ја напуштат земјата за да избегаат од диктатурата на Путин“, рече тој: „Ова не е војна на рускиот народ, ова е војна на Путин“.
Забраните за влез во ЕУ во моментов важат за луѓе од политичкото и економското раководство на Русија. Ова не важи за туристите. Финска, Естонија и Литванија побараа да бидат казнети и туристите бидејќи тие како земји кои граничат со Русија имаат многу посетители од таа земја. Ова доведе до големи дискусии во тие земји, а Полска сега исто така ја поддржува идејата да им се забрани на руските туристи да се движат низ Европа.
„Норвешка ќе испорачува максимални количества гас“
Патувањето во Осло беше прва посета на Олаф Шолц на Норвешка откако ја презеде функцијата канцелар. Тој и неговиот норвешки колега Јонас Сторе договорија уште поблиска соработка во областа на енергетиката. Шолц ја пофали важноста на испораките на норвешки гас на патот кон независноста од рускиот природен гас. „Мило ми е што во Норвешка имаме безбеден, демократски и доверлив партнер кога станува збор за снабдување на Германија и на Европа со енергенси“, рече тој.
Германски канцелар исто така нагласи дека двете страни имаат намера да ја интензивираат соработката во областа на обновливите извори на енергија. Откако испораките на руски гас беа намалени во средината на јуни, Норвешка стана најважниот снабдувач на Германија. Премиерот Сторе рече: „Норвешка сака да биде стабилен снабдувач со гас за Германија“, додавајќи дека во моментов не гледа можност за проширување на снабдувањето со Германија и Европа. „Норвешка ќе го испорача максимумот што е возможно да се испорача“.