1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: ЕУ да ги отвори вратите за Западен Балкан

БГ /АФП
9 мај 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц пред Европскиот парламент во Стразбур ја претстави својата визија за Европа и нејзината иднина. Тој му порача на Владимир Путин дека ЕУ не се плаши од него.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Европскиот парламент
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Европскиот парламент, 09.05.2023Фотографија: Kay Nietfeld/dpa

Германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека покажувањето сила од страна на Русија во Москва во вторникот нема да ја заплаши Европската унија која, според него, треба да се реформира за да стане поголем „геополитички блок“. 

ЕУ треба да остане „стабилна во поддршката за Украина, сѐ додека е тоа потребно“, рече Шолц во говор пред Европскиот парламент во Стразбур, Франција. Говорот беше одржан на ден кој е значаен и за ЕУ и за Русија. На 9 мај се одбележува и годишнината од предлогот од кој се роди ЕУ. Во Русија, со Победничката парада на 9 мај се одбележува советската победа врз нацистите во Втората светска војна. 

Во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин се обрати на Црвениот плоштад на церемонија на која присуствуваа илјадници војници, во обид да проектира слика на воена моќ и покрај неуспесите на неговата армија во Украина. 

ЕУ не се плаши од покажувањето сила во Москва, вели германскиот канцелар ШолцФотографија: Shamil Zhumatov/Reuters

„Во Москва, 2.200 километри североисточно оттука, Путин ги парадира своите војници, тенкови и ракети. Не смее да не заплаши таквото покажување сила“, рече Шолц. 

Мултиполарен свет 

Алудирајќи на германската „империјалистичка мегаломанија“ во нацистичката ера која го отвори патот кон ЕУ и нејзината амбиција за колективен мир и просперитет, Шолц рече: „Никој од нас не сака да се врати во времето во Европа кога важеше законот на посилниот“. Тоа, дополни тој, „е причината зошто пораката од 9 Мај не е она што денеска доаѓа од Москва“.
„Туку тоа е нашата порака, која гласи: минатото нема да триумфира над иднината“. 

Шолц прогнозираше дека, со растот на големите економии во Африка, Азија и Јужна Америка, „светот на 21 век ќе биде мултиполарен“. 

Оние носталгичните „со фантазии за статус на големи сили... се заглавени во минатото“. 

Шолц оцени дека ривалството и конкурентноста од страна на Кина растат, но ја поддржа политиката на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен за „мудро одвојување“ на Европа од Кина, наместо поостриот пат кој го одбраа САД. 

Западен Балкан во ЕУ 

Шолц од Стразбур повика да се исполнат ветувањата кон земјите од Западниот Балкан за влез во ЕУ.

„Се одлучивме за голема Европа“, рече Шолц. Се работи за тоа „да се обезбеди долгорочно мирот во Европа по пресвртот кој го предизвика руската агресивна војна“. Покрај шесте земји од регионот, Шолц смета дека место во ЕУ треба да најдат и Украина, Молдавија и Грузија.

За таквото проширување да се случи, Шолц смета дека најпрво мора да се извршат реформи во ЕУ. Во прв ред, да се смени начинот на одлучување во областа на одбраната и даноците и да се укине правото на вето кое го користат некои земји-членки. 

За германскиот канцелар е многу важно и сите ЕУ членки да се држат до демократските принципи и владеењето на правото, алудирајќи притоа на прекршувањата на тие принципи во Полска и Унгарија. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми