До кредит за прв стан со учество од 10 отсто
15 септември 2025
Народната банка донесе мерки за олеснување на кредитирањето при купување прв станво Македонија. Сите лица кои немаат стан на свое име можат да добијат станбен кредит со учество од 10 отсто од вкупната вредност на објектот. За останатите учеството се зголемува од 15 на 25 отсто.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на прес-конференција информираше дека мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година и насочени се пред се кон младите и брачните парови кои немаат сопствен дом.
Според Славески, со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот“, вели Славески.
Контроли и проверки
Олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење. Апликантите треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат и соодветни механизми за проверка и следење.
Славески неодамна изјави дека дури една половина од новопродадените станови се купуваат во кеш.Според податоците на Народната банка од вториот квартал, цените на становите во изминатите 12 месеци се зголемени за дури 22,3 проценти.
„Според она што го добивам како информација, проценка, околу 50 проценти од новопродадените станови се купуваат на кредит, другите 50 проценти се во готовина. Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за коишто не сакаме да зборуваме, има други институции коишто треба да го утврдат, секако и Народната банка“, изјави Славески во јули по средбата во Стопанската комора.
Според податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика, над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени. Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град - 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари.
Според анализите на надлежните институции, за четири години квадратот поскапел за дури 75 проценти.