1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Омраза кон Евреите во Дагестан: Колку антисемитска е Русија?

Јури Решето
31 октомври 2023

По немирите на аеродромот во Махачкала, во руската република Дагестан, по слетувањето на авион од Израел, многумина се прашуваат: Што се случува во Русија?

Русија аеродром Махачкала Дагестан
Кога пристигна авион од Тел Авив, толпа упадна во аеродромот во Махачкала, во руската република ДагестанФотографија: Ramazan Rashidov/TASS/dpa/picture alliance

„Не обидувајте се да ги отворите вратите, надвор дивее толпа луѓе!“ Со овие зборови капетанот на еден руски авион ги предупреди патниците во леталото кое штотуку се паркираше покрај друг авион, слетан од Тел Авив на аеродромот во Махачкала. Патниците уплашено гледаат низ прозорците - десетици бесни мажи трчаат на полигонот меѓу двата авиона и врескаат. Се чини дека се некоординирани и очигледно агресивни. Еден од нив успева да се искачи на авионот од Тел Авив, други се обидуваат да ги пробијат затворените врати и да влезат во авионите. Се шири фотографија на која еден од мажите проверува дури и во турбините на патничкиот авион. Бесната толпа е во потрага, како што велат самите, по Евреи или луѓе со израелски пасош.

Претходно неколку илјади мажи упаднаа во аеродромот во Махачкала. Движејќи се кон пистата попатно уништуваа прозорци, корнеа врати и извикуваа „Алаху акбар!”

Речиси на секоја минута на социјалните мрежи се шират нови видео снимки од немирите. Се чини дека избувнувањето на вакво насилство ги најде  властите во Дагестан целосно неподготвени. Полицијата дејствува воздржано, бесната толпа е ставена под контрола дури неколку часа подоцна. Билансот е 60 уапсени лица, 20 повредени, двајца од нив тешко. Државната истражна комисија на Дагестан започна истрага, а очите на светот шокирано се вперени кон руската република како еклатантен пример на демонстриран антисемитизам.

Гневни луѓе излегоа на пистата и извикуваа антисемитски слоганиФотографија: AP/picture alliance

Повик за протестот во социјалните медиуми

Олег Петрович Орлов од организацијата за човекови права „Меморијал” во разговор со ДВ признава дека на Кавказот веќе еден месец владее антисемитско расположение, односно откако изби актуелниот конфликт меѓу Израел и Хамас. Сепак, потенцира Петрович Орлов, никој не очекувал толкаво ниво на омраза, па ни властите во главниот град Махачкала. Тој вели дека Дагестан е познат како регион „во кој секое дејствие на улица е значително повидливо отколку во другите делови на Кавказот”, но посочува на „провоцирачката улога” што ја играат разни канали на Телеграм, на кои се повикувало на упад на аеродромот, а пред сѐ на улогата на „Морген Дагестан“.

Петрович Орлов вели дека иако одговорните во „Морген Дагестан” тврдат дека не се антисемитски, каналот е полн со токму такви содржини и други провоцирачки прилози.

Според активистот, зачудувачки е што таков канал воопшто може да постои кога е јасно колку строго ФСБ го контролира таквите медиуми и колку брзо, кога е нужно, ги блокира. Петрович Орлов додава дека „секако не верува оти тајните служби свесно посакувале протести од толкави размери и дека ситуацијата можеби едноставно излегла од контрола“.

Некои демонстранти носеа палестински знамиња или извикуваа „Алаху Акбар!Фотографија: Ramazan Rashidov/TASS/dpa/picture alliance

Знак за слабост на руската држава

Токму тоа и укажува на слабост на руската држава, резимира експертот од „Меморијал”. Русија од една страна станува сѐ пототалитарна, но истовремено државата делува слаба. Властите беа неспремни, исто како и во јуни годинава, кога шефот на Вагнер, Пригожин, тргна во поход кон Москва.

Тоа што протестот против лица од еврејска вероисповед или израелски државјани можеше да избие со толку отворена агресија, според Саида Сирашудинова од дагестанскиот истражувачки центар „Кавказ.Свет.Развој” се должи на општата ситуација во автономната Република Дагестан. За Дојче веле таа објаснува дека сето се должи на „акумулирано чувство на немоќ”, кое резултира од лични и социјални проблеми, како и една општа бесперспективност. „Секако дека состојбата на Палестинците која не се подобрува, влијаеше врз луѓето”, вели таа, но сепак главната вина за насилството ја гледа во социјалните медиуми, кои апелираа на муслиманските граѓани во Дагестан и повикуваа на протести. Според Сирашудинова, еден дел од населението потпаднал под таквото влијание. „Ваквата агресија е исклучително опасна. Таа е насочувана од радикално одлучни муслимани кои самите одамна веќе не живеат во Дагестан”, вели таа.

Во овој контекст е важен официјалниот став на религиозниот врв во републиката, кој јасно се изјасни против нападите. И покрај тоа, бројот на лицата подготвени на радикално насилство е сѐ поголем и проблемот не се решава, се жали Сирашудинова. „Ваквото излевање негативна енергија беше можно затоа што немаше вентил за бесот на луѓето”, посочува таа.

Важно ѝ е да нагласи дека „не е цел Дагестан подготвен да трча наоколу и да извлекува Евреи од авионите”. На прашањето дали рускиот Кавказ е севкупно антисемитски социологот возвраќа дека Кавказот е многу шаренолик. „Гледаме и реакции на дагестанската јавност кои не се антисемитски", вели таа и додава дека дел од прастарото население на Кавказот се Евреи кои таму живеат со векови.

Сирашудинова критикува дека антисемитското расположение во последните пет до седум години свесно е поттикнувано однадвор. Евреите сѐ почесто морале да бидат „дежурниот виновник“. Социологот објаснува дека пред сѐ необразованите луѓе веруваат во тоа: „Имаме проблем со образованието во Дагестан. И тој проблем сега се покажува во овој конфликт”.

„Бројот на луѓе кои се подготвени на радикално насилство расте“, вели социологот СирашудиноваФотографија: AP/picture alliance

Не се стравува од ширење на нередите

Сепак, не се очекува ширење на агресијата спрема Евреите во Дагестан и во други региони од Русија, смирува Денис Волков од независниот руски институт за истражување на јавното мислење „Левада”: „Потенцијалот за протести во моментов не е голем, иако овде-онде повремено има помали протести”, вели Волков во интервју за ДВ и посочува на актуелните анкети, според кои две третини од руското население воопшто не се интересира за конфликтот на Блискиот Исток. „Луѓето во Русија повеќе се зафатени со сопствените проблеми”, заклучува истражувачот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми