1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

ОН и војната во Украина: На работ на колапс

Антје Пасенхајм
27 декември 2022

Од почетокот на војната во Украина, ОН се наоѓаат во длабока криза. Москва уште ги нема целосно уништено, но нејасно е како ОН можат воопшто повторно да функционираат.

Во октомври Генералното собрание на ОН ја осуди руската инвазија врз Украина со мнозинство гласови
Во октомври Генералното собрание на ОН ја осуди руската инвазија врз Украина со мнозинство гласовиФотографија: Bebeto Matthews/AP/dpa/picture alliance

Во Њујорк 24 февруари уште не беше ни стигнат. Советот за безбедност доцна ноќта свика вонредна седница. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш упати повик до Владимир Путин „од најголемата длабочина на срцето“ – да ги запре своите трупи.

Но, додека заседаваше Советот за безбедност во напор да се дојде до мир, Путин ги испрати своите тенкови. Не можеше на подобар начин да го искаже своето омаловажување на најмоќното тело на Обединетите Нации – американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд беше шокирана:

„Точно во моментот кога се собравме во обид да побараме мир, Путин објави војна – со целосен презир кон одговорноста на овој Совет.“ 

„Ќе се распадне ли Советот за безбедност на ОН?"

Експертот за ОН Ричард Гоуван од тинк-тенкот „Кризна група“ смета дека оваа најголема криза за ОН по војната во Ирак во 2003 година, го доведе Советот за безбедност на работ на колапс. „Секој знаеше дека Русија ќе го искористи своето право на вето во Советот за безбедност за да отфрли секаква критика против оваа агресија. Но, никој не знаеше што ќе се случува со дипломатијата на ОН. Дали Советот за безбедност ќе се распадне“, вели Гоуван.

Системот на ОН е дискредитиран. Сѐ погласни се барањата за реформа на Советот за безбедност на ОН, па и од страна на САД. Но, тоа не се повеќе од изјави, истакнува Гоуван: „Секому му беше јасно дека Советот за безбедност не може да ја исклучи Русија.“

Исто како што во 2003 година не можеше да ги исклучи ни САД по инвазијата врз Ирак.

Русија ја блокира работата на Советот за безбедност со вето на ОН во поглед на војната во УкраинаФотографија: Mary Altaffer/AP/picture alliance

Настрана од прашањето за Украина, работата тече

Меѓутоа, на Советот за безбедност му успеа вистинско чудо и продолжува да функционира настрана од прашањето за Украина: од помош за луѓето во Авганистан, преку Сирија, па до санкции против вооружените групи на Хаити. Во самата Украина по почетокот на војната продолжуваат да работат организации на ОН, како онаа за помош на децата – УНИЦЕФ или за помош на бегалци. Гутереш е архитект на Договорот за извоз на украинско житопостигнат меѓу Украина и Русија.

Гоуван го смета за интересно тоа што Русија избегна целосно да ги торпедира ОН. „Тоа покажува дека Москва сака да остане во ОН, како канал преку кој ќе разговара со Западот.“

Меѓу фронтовите на нова Студена војна

На 2 март Генералното собрание на ОН, со големо мнозинство,ја осуди руската агресорска војна против Украина. За многумина во салата тоа беше момент во кој се ежеше кожата, многумина се подигнаа од своите места и ги извадија мобилните телефони за со фотографија да го овековечат настанот. Но, Генералното собрание не може да испрати ништо повеќе од морални сигнали.

Москва се обидува и тука да ги разбива алијансите. Многу африкански и азиски држави, економски зависни од Русија, тука се чувствуваат во позиција да се ставени меѓу фронтовите на една нова Студена војна, истакнува шефот на Програмата на ОН за развој, Ахим Штајнер:

„Каде и да погледнеме на геополитичкиот радар, оваа војна донесе или повеќе скепса или ги отвори старите рани. И во основа го потресува токму она што ни е потребно во овој историски момент: имено, способноста да можеме заеднички да дејствуваме како нации, како светска заедница. Во моментов, случај е токму спротивното.“

При ескалација крај на дипломатијата на ОН

Во идната година многу нешта ќе зависат од содејствувањето на светските сили во поглед на тоаОбединетите Нации да станат платформа за наоѓање излез од овој конфликт. Штајнер ја истакнува опасноста од „вакуум“ кој би настанал ако политичките блокови и конфликтните страни во војната не бидат во можност да преговараат меѓусебно или нема да го сакаат тоа. Приоритет е окончување на таа ситуација.

Такво мислење споделува и експертот Гоуван. Доколку активностите таму завршат со прифатлив исход за Украина, светската заедница би можела повторно да добие силна улога.

ОН би можеле да учествуваат во обновата, да го надгледуваат повлекувањето на руските трупи и Советот за безбедност дури би можел да донесе резолуции за креирање нов мировен договор.“

Но, ако војната ескалира и доколу Путин употреби атомско оружје, тогаш на дипломатијата на ОН ѝ се заканува комплетно замолчување, стравува Гоуван. Тогаш никој не би сакал повеќе да разговара со Русите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми