1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија гласаше против укинувањето на ембаргото за Куба

ДТЗ
30 октомври 2025

Додека 165 земји гласаа „за“ прекин на децениското ембарго против Куба, Македонија заедно со САД и уште пет земји гласаа против укинувањето на ембаргото.

Дебата во Обединетите нации
Седум земји, меѓу кои и Македонија „осамени“ во одлуката да не се осуди ембаргото на САД кон КубаФотографија: ANGELA WEISS/AFP

Генералното собрание на ОН во средата (29.10) со огромно мнозинство по 33. пат едноподруго гласаше за осуда на економското ембарго на САД врз Куба. Додека 165 земји гласаа „за“ прекин на децениското ембарго на против Куба, Македонија заедно со САД и уште пет други земји гласаа против укинувањето на ембаргото. 

Собранието од 193 члена ја усвои резолуцијата „Неопходност од прекин на економското, трговското и финансиското ембарго наметнато од САД против Куба“, иако против ваквиот предлог се изјаснија Аргентина, Унгарија, Израел, Северна Македонија, Парагвај, Украина, Соединетите Американски Држави, додека 12 држави беа воздржани.

Во 2024 година, Собранието од 193 члена ја усвои истата годишна резолуција со 187 гласа „за“ наспроти 2 „против“ (САД, Израел), со 1 воздржан (Република Молдавија). Падот на гласовите „за“ и зголемувањето на делегациите кои гласаа „против“ и беа воздржани означи отстапување од речиси универзалната поддршка на резолуцијата од претходните години, наведуваат Обединетите нации.

„Обвинувања за ковање заговор“

За време на дебатата, како што пренесуваат медиумите, претставникот на САД ги повика делегатите да гласаат против резолуцијата или да се воздржат. Тој изјави дека Куба „кова заговор и соработува со непријатели и противници на САД“, додавајќи дека поддржува терористички организации низ целиот свет, им дозволува на платеници да се борат во војната во Украина, го поддржува венецуелскиот режим и се занимава со трговија со луѓе, дрога и оружје. 

Гласањето во ОН се случи непосредно откако ураганот Мелиса ја погоди Куба и предизвика огромна материјална штета во земјатаФотографија: Yamil Lage/AFP/Getty Images

Ова не е првпат Македонија да гласа на иста линија со САД во однос на резолуциите коишто се нашле на маса во Обединетите нации, а се однесуваат на важни меѓународни прашања и конфликти.

Гласање на иста линија со САД

За потсетување, Македонија во јуни гласање воздржано за резолуцијата која што беше усвоена во Обединетите нации, а со која, меѓу другото, се бараше итен прекин на огнот во Газа. Македонија, заедно со Албанија, Чешка, Словачка и Романија од европскиот континент, беше меѓу 19 држави кои гласаа воздржано.

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски тогаш образложи дека резолуцијата содржела елементи кои биле спротивни на македонските национални интереси. „Клучниот проблем на резолуцијата е недоволно јасната дефиниција на Хамас“, рече Муцунски. Ова објаснување имаше елементи на сличност со она што во пресрет на гласањето на резолуцијата во ОН го говореа израелскиот и американскиот амбасадор во светската организација.

Лавина реакции предизвика и одлуката на македонската Влада во февруари годинава да не ја поддржи резолуцијата на ЕУ и да застане зад американската резолуција за Украина. Тогаш Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина и ЕУ, со која се осудува агресијата на Москва и покрај Унгарија, беше единствената земја од Европа која не го поддржа овој документ. Македонија гласаше воздржано и за декларацијата за Украина поднесена од САД, иако беше најавено дека ќе биде нејзин коспонзор.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми