1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија: Акцелератор за онкологија фаќа прашина во склад

ДТЗ
22 октомври 2024

Чувањето на акцелераторите на Онкологија чини повеќе од вредноста на донираната опрема. Клиниката за осум години требало да плати 1.5 милиони денари- речиси колку вредноста на апаратот.

Македонија Онкологија Клиника
Онколошките пациенти кубурат со биолошка терапија - апарат за радиотерапија осум години седи спакуван во складФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во Клиниката за радиотерапија, три линеарни акцелератори активно обезбедуваат услуги за 180 до 200 пациенти дневно, додека два дополнителни акцелератори остануваат неупотребувани. Едниот од нив веќе осум години се чува во царинско складиште и за него годишно се плаќа голема сума на пари. Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година, препорачуваат да се изнајде соодветно решение за акцелераторот, со цел да се избегнат големите трошоци на Клиниката во иднина. 

Чувањето на опремата поскапо од нејзината вредност 

Станува збор за акцелератор набавен во 2014 година, чија вкупна вредност е 2,9 милиони денари, а во тек се активности кои се предуслов за ставање во употреба, при што се очекува истиот да биде функционален до крајот на 2024 година. Вториот нефункционален акцелератор е добиен како донација во 2016 година, чија вкупна вредност е 1.7 милиони денари, и се чува неотпакуван во царинско складиште, за тоа годишно се плаќаат 189 илјади денари. Ако се има предвид дека овој акцелератор веќе осум години се чува во склад, клиниката досега требало да плати 1,5  милиони денари, што е речиси колку вредноста на апаратот кој е добиен како донација. 

„Според информации добиени од одговорните лица на Клиниката, акцелераторот претходно бил користен во здравствена установа во Австралија и долго време не е во функција. Во 2024 година, производителот соопштил дека поради застареност на компонентите и технологијата, може да понуди само ограничена поддршка за негово одржување, без гаранции за компатибилност со новите онколошки софтвери“, наведува Државниот завод за ревизија во својот извештај. 

Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството за здравство да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период, како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци. 

Три акцелератори за 200 пациенти 

Клиниката е единствениот функционален центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата. За таа цел до денот на вршење на ревизијата во соодветни простории инсталирани се и функционални три линеарни акцелератори, кои опслужуваат околу 200 пациенти дневно. 

Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци на Клиниката.

Наплив на пациенти 

Покрај наведените состојби од страна на ревизорите е идентификувано и клучно ревизорско прашање кое влијае на вршењето на дејноста на Клиниката, а кое се однесува на централизираното давање на здравствени услуги во областа на радиотерапијата и онкологијата.  Имено, бројот на пациенти кои се лекуваат на клиниката е во континуиран пораст. 

Ако во 2021 година имало 15.892 пациенти, во текот на 2023 година лекување побарале 17.196 лица. 

Тоа се должи и на тоа што, речиси сите пациенти на кои им се потребни здравствени услуги од областа на радиотерапијата и онкологијата бараат услуги на Клиниката. За оваа состојба Клиниката го информирала Министерството за здравство при што навела дека на ниво на држава има уште четири јавни здравстени установи во кои онколошките одделенија не се функционални во целост, а дел располагаат и со акцелератори кои не се користат. 

Во 2023 година, Клиниката располага со 35 доктори и 96 лица останат медицински персонал, кои во текот на 2023 година извршиле вкупно 104.196 здравствени услуги. Просечниот број на  извршени услуги за одредени дијагностики надминува по 5 илјади прегледи годишно по специјалист, што во услови на континуиран пораст на бројот на пациенти, доведува до преоптовареност на вработените, а нивниот број е недоволен за овој обем на работа. 

Ревизорите укажуваат дека е потребно Министерството да преземе активности за ангажирање на капацитетите во оние јавни здравстени установи кои имаат услови за тоа, со што би се овозможило прифиќање на дел од зголемениот број на онколошки пациенти, особено на оние надвор од Скопје, а со тоа и дисперзирање на здравствените услуги во оваа област, намалување на големиот наплив од пациенти со кој се соочува Клиниката и подобрување на квалитетот на здравствените услуги. 

Ако во 2021 година имало 15.892 пациенти, во текот на 2023 година лекување побарале 17.196 лица. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Биолошка терапија за 24% од пациентите

Со извршената ревизија утврдени се неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето со истите. ревизорите укажуваат дека недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации.

Во текот на 2023 година Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција. Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, за што пред надлежен орган во тек е постапка. 

За вршење на дејноста, Клиниката од Фондот добива договорен надоместок како и условен надоместок кој се доделува за набавка на т.н. биолошка терапија. Ревизорите посочуваат дека во текот на 2023 година изготвени се и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но се уште не се одобрени од страна на Министерството за здравство. 

„И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24% од пациентите кои примаат терапија во дневна болница“, се наведува во извештајот.

Воспоставениот начин на контрола од Фондот и плаќање на една дванаесетина од износот на условниот надоместок и понатаму остава простор фактурите кои се доспеани да не се платат навремено. Состојбата на вкупните обврски на Клиниката на 31.12.2023 година изнесува приближно 952 милиони денари од кои доспеани се 402 милиони денари, а нивната доспеаност е сведена од две ипол години. 

KATO системот не е во функција 

Во рамките на Клиниката постои Единица за централна подготовка на цитостатска терапија, опремена со КАТО софтверска лиценца, но системот не е во функција од времето на неговата набавка во 2013 година, чија набавна вредност изнесува околу 10 милиони денари. Во 2023 година, одговорните лица ги разгледале можностите за активирање на системот и го информирале Министерството за здравство за неколку клучни проблеми. Според нив, системот е делумно опремен, недостасуваат клучни компоненти, а просторот не е адаптиран за стерилно работење.

Дополнително, подготовката на терапијата со овој систем трае подолго време, што ќе го зголеми времето на чекање за апликација на терапија, Клиниката нема доволен број фармацевти за работа со системот,  а потребни се и дополнителни средства од околу 8 милиони денари годишно за потрошен материјал. Во текот на 2024 година Министерството спровело постапка за јавна набавка со која било предвидено да се набават сите неопходни делови за да се стави системот во употреба, но истата е поништена бидејќи не била поднесена ниту една прифатлива понуда. 

Во оваа насока ревизорите препорачуваат Клиниката во координација со Министерството и Фондот да направат комплетна анализа на капацитетите и можностите, медицинските и економските ефекти, со цел изнаоѓање најоптимално решение за иднината на системот и подобрување на услугите за пациентите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми