Елиминирање на опасен отпад во Македонија со британски заем
22 мај 2025
Освен за инвестиции во здравството и железничкиот транспорт, од средствата што Обединетото Кралство ќе ѝ ги стави на располагање на Македонија со лимит до 5 милијарди фунти (6 милијарди евра), дел ќе бидат искористени и за решавање на еден повеќедецениски проблем. Тоа е опасниот отпад, кој во одредени случаи ги надживеа фабриките и рудниците во чии близини беше депониран и заборавен.
Посоочените средства се ставени на располагање на Македонија по вчерашниот состанок на македонската делагација со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање со Обединетото Кралство – УКЕФ, на која се разговарало околу деталите за средствата што Македонија ќе ги користи според свои потреби и без рок на ограничување.
Нова ера на инвестиции
„Шест милијарди евра! Започнува нова ера на инвестиции, од Лондон до Северна Македонија!", напиша во статус на Фејсбук вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.
Новоста што тој ја најави е дека со тие средства ќе се финансираат и проекти од областа на животната средина, како што е елиминирање на депониите со опасен отпад.
„Освен за (проекти во, н.з.) железничкиот сообраќај, здравството, образованието, кои веќе се договорени, излеговме и со нова идеја. Поконкретно, тоа е проблемот со опасниот отпад, кој се влече со децении. Зборувам за линданот во фабриката ‘Охис', за оној во ‘Југохром' во Јегуновце кој веќе е штетен по здравјето на луѓето, во Ваксинце, Лојане", изјави Меџити.
Станува збор за опасен, токсичен отпад, кој е сериозен проблем за здравјето на луѓето и за животната средина.
„Досега имало напори ова да се реши, но за компарација, само две третини од малиот базен со линдан во ‘Охис' е решен, а тој е во сооднос 1:10 со големиот базен, кој што воопшто не е почнат (да се решава, н.з.). Oва е добра можност да се отстрани овој проблем кој што со децении стои нерешен", изјави Меџити по средбата на македонската делегација со претставници на британската Влада.
Лојане - жешка точка
Освен скопјани (со линданот), проблем имаат и жителите од Лојане, Ваксинце и Табановце. Тие со децении живеат до депонија со арсенски отпад, откако се затвори рудникот рудникот за хром и арсен во близина на Лојане. За најризичното место таму се смета депонијата со арсенски концентрат.
Јаловината ги загадува подземните води, а многу анализи досега покажале дека во тамошните бунари концентратите на арсен во водата биле неколкукратно повисоки од дозволеното. Бидејќи депонираниот опасен материјал е незаштитен, и анализите на градинарски производи покажувале загадување на зеленчуците. Исто така, лесното разнесување на ситниот материјал низ воздухот е опасна прашина што луѓето ја вдишуваат.
Засега не се знае колку точно би чинел проектот за елиминирање опасен отпад од т.н. жешки точки, со оглед дека прво треба да се утврди на кој начин ќе се решава тоа прашање. Она што е познато, е дека се потребни уште осум милиони евра за да се експортира целосно линданот од малиот базен во кругот на Охис, но Меџити наведе дека постојат и други поевтини решенија, како што е т.н. капсулирање на отпад.
Побарана била експертска помош од Британија, а по констатирање на состојбите се очекува да се разгледаат можните решенија, а со тоа и се утврди финансиската рамка. Според Меџити, првите разговори со британски експерти се очекуваат од понеделник.
„Ова е можност со кредит со многу ниска камата да се отстрани еден догогодишен проблем на ниво на државата", изјави вицепремиерот и министер за животна средина.
Според груба проценка, би биле потребни околу 300 милиони евра ако се решава проблемот во Охис, Југохром, Лојане и Ваксинце.
„Мора посериозно и превентивно да делуваме во оваа насока, превентивно, ако не сакаме во иднина да се справуваме со хаварии или штетни последици по здравјето и животната средина“, порача Меџити.
Потврдени три сета на проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ја предводи официјалната делегација на Македонија во Обединетото Кралство, денеска заедно со британскиот министер за економија и извоз ќе го потпишат Договорот Влада со Влада, со кој Македонија добива историски најголем обем на средства за реализација на капитални проекти од пет милијарди фунти. Текстот на договорот, претходно беше усвоен од македонската Влада, откако двете држави прво постигнаа согласност за стратешко партнерство.
„Веќе разговаравме за три сета на проекти - едниот е брзата пруга на Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот - изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот - изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип. Ова се три сета на проекти кои се веќе потврдени“, изјави вчера Николоски.
По средби со претставниците на УКЕФ, тој вчера имаше средби со министрите за одбрана и за внатрешни работи на Велика Британија.
Во делегацијата покрај Николосоки и Меџити, е и директорот на ЈП Македонски железници - Инфраструктура, а денеска на делегацијата ќе се придружи министерката за образование Весна Јаневска.
Отчет за секој цент
Откако договорот ќе биде ратификуван во македонското Собрание, а во Велика Британија, според процедурите, треба да биде усвоен од Владата, тој станува ефективен и може да почнат преговори за реализација на договорите.
„Јас кажав дека мојата амбиција е во текот на летото да имаме договори, а доцна наесен да имаме работа на терен", порача Николоски од Лондон.
Темата и натаму предизвикува критики и прашања од опозицијата околу транспарентноста на договорот, висината на средствата и условите под кои земјава ќе ги користи. Премиерот Мицкоски вчера уште еднаш потенцираше дека јавноста ќе знае сѐ.
„Македонската јавност ќе има се на увид и за секој цент којшто ќе биде потрошен од стратешкиот договор со Обединетото Кралство“, изјави премиерот.
Во однос на опозициските обвинувања за нетранспарентност, нагласи дека нема потреба од растурање пердуви на тема што не постои. Тој потенцираше и „дека нема да има носење договори по скратена постапка со европски знамиња и со строго доверливо класифицирани документи“, алудирајќи на постапките на претходната власт.