1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Опасност за Европа по изборите во Италија

Александра фон Намен
Александра фон Намен
26 септември 2022

Резултатите од изборите во Италија, каде триумфираа постфашистите, ќе имаат последици за соживотот во ЕУ, оценува Александра фон Намен.

„Благодарам Италијо“ - Џорџија Мелони се радува по успехот на изборитеФотографија: Gregorio Borgia/AP/picture alliance

„Славиме со Италија“, гласеше еден коментар на Твитер од Германија. Француски европратеник напиша дека Италијанците ѝ одржале лекција за понизност на Европската унија. Десничарските политичари од цела Европа се задоволни со Џорџија Мелони. Лидерката на партијата на италијанските десничарски Браќа на Италија („Fratelli d'Italia") води со својот десничарски сојуз по парламентарните избори и најверојатно ќе ја предводи идната влада.

За Италија, земја основач на ЕУ, ова е пресвртница. Никогаш досега по крајот на Втората светска војна, италијанскиот парламент не бил толку десно како штотуку избраниот. Браќата на Италија на Мелони, кои имаат корен во неофашизмот, се убедливо најсилни. Заедно со деснонационалистичката Лега на Матео Салвини и христијанско-демократската Форца Италија на Силвио Берлускони имаат апсолутно мнозинство гласови.

Александра фон Намен

Фрустрирани гласачи

Поместувањето надесно во Италија, се разбира, главно е поврзано со политичката ситуација во самата земја. Многу Италијанци се незадоволни и фрустрирани од политичката класа. Третина од граѓаните со право на глас не излегоа на гласање. Во последните четири години во Италија на власт беа три влади. Партијата на Џорџија Мелони не беше вклучена во ниту една од нив. Таа сега профитираше од тоа.

Енергетска криза, инфлација, чувство на губење на контрола врз имиграцијата, страв од иднината - харизматичната десничарска политичарка сето ова вешто го канализираше за време на изборната кампања. Таа им вети на луѓето дека ќе се грижи за нив. Затоа што тоа е токму она што многу Италијанци сакаат да го слушнат. Елитите во Рим во голема мера ги отпишаа, националната политичка каста се доживува само како клуб за самобогатење.

Но, за лошата ситуација се обвинува и ЕУ. Многумина во Италија ја сметаат Унијата за далечна, премногу нетранспарентна, првенствено посветена на интересите на капиталот - место каде што се прават формални компромиси, далеку од реалните проблеми на луѓето во одделните земји-членки.

Опасна реторика на десните популисти

Токму на тоа Џорџија Мелони го стави акцентот во својата реторика. Таа ја критикуваше ЕУ како неспособно, бирократско чудовиште, најави дека „ќе стави крај на забавата во Брисел“ и конечно категорично ќе ги застапува интересите на Италија. Не може европското право да стои над националното право, оценува Мелони.

Вистина е дека Џорџија Мелони веќе некое време не повикува на напуштање на ЕУ или заедничката валута, еврото. Но, со својата фундаментална критика на Унијата, таа ќе стане сличен проблем на унгарскиот премиер Виктор Орбан - човекот кој секогаш е во судир со институциите на ЕУ и ја предизвикува кохезијата на Унијата.

Закана за единството на ЕУ

Ова може да стане проблем кога станува збор за единството на Западот и ЕУ кон Кремљ. Во моментов Орбан е единствен од лидерите во ЕУ кој повикува на укинување на санкциите против Русија. Италија сега може да биде следниот проблем. Затоа што дури и ако Џорџија Мелони каже дека ги поддржува санкциите и се солидаризира со Украина, нејзините идни партнери во владата се сметаат за главно несигурни кантонисти: Силвио Берлускони, кој се претставува како пријател на рускиот претседател, неодамна на италијанската телевизија тврдеше дека Путин бил втурнат во војна. И шефот на Лега, Матео Салвини ги критикуваше санкциите на ЕУ како мерки што „нè клекнаа на колена“.

Ова го покренува прашањето колку Европската унија ќе биде обединета во односот со Русија во иднина - сега, кога тоа е важно повеќе од кога било. Ако тешката и студена зима ја влоши енергетската криза, тоа ќе ги зајакне и популистите во другите земји на ЕУ. Во Шведска, десничарските националистички Шведски демократи станаа втората најсилна партија на парламентарните избори пред две недели. Изборната победа на Џорџија Мелони во Италија сега дополнително го зајакна таборот на ЕУ-критичарите.

Решавање на проблемите на луѓето

На Италија ѝ треба ЕУ, која ја градеше заедно со други земји членки. Земјата треба да добие 220 милијарди евра од Корона-фондот за обнова - пари кои се итно потребни за стабилизирање на економијата. Изборната победа на десничарските популисти тоа не го менува. Но, примерот на Унгарија покажува колку штети трпи Унијата од тоа што е изложена на внатрешни непријатели. Подемот на Мелони и компанија меѓутоа пред сѐ покажува дека ЕУ конечно мора да покаже повеќе храброст кога станува збор за справување со проблемите што ги засегаат луѓето во Унијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми