„Опасност за светскиот мир“: довербата во САД се урива
12 февруари 2026
Тешко дека контрастот можеше да биде поголем – кога Барак Обама влезе во Белата куќа во 2009 година, во Германија предизвика бран на ентузијазам што сега изгледа речиси надреално. По тензиите од ерата на Буш, неговиот рејтинг на доверба драстично се зголеми. Според анкета на истражувачкиот центар Пју, 93 проценти од Германците сметаа во тоа време дека „во светската политика постапува како што треба“. Тоа е до денес рекордно висок рејтинг. Дури и во 2016 година, при крајот на неговиот втор мандат, извонредни 86 проценти од Германците и натаму имаа доверба во него.
Под негово водство, САД важеа за сигурен партнер и пример за морал, иако скандалите како аферата со НСА околу откритијата на информаторот Едвард Сноуден фрлија сенка врз релациите.
„Трамп шок“ и криза на имиџот
Уште со првата изборна победа на Доналд Трамп во 2016 година колабираа таквите вредности. Во најкраток рок довербата во американскиот претседател во Германија беше само сенка на некогашните цифри, па така само околу десет проценти од испитаниците во репрезентативна анкета кон крајот на неговиот прв мандат и натаму имаа доверба во Трамп.
Разликата е подеднакво драстична и по реизборот. Додека во време н а Барак Обама мнозинството Германци релациите со САД ги доживуваа позитивно, во анкета на втората програма на германскиот радиодифузен сервис од средината на 2025 година, дури 73 проценти од Германците сметале дека односите се „лоши“. Во нова репрезентативна анкета на Институтот Аленсбах, околу две третини од испитаниците сега САД, покрај Русија и Кина, ги сметаат за „една од најголемите закани за светскиот мир“.
Несигурен партнер во НАТО?
Ерозијата на рејтингот на одобрување е поврзана со самата личност на Доналд Трамп, но и со радикална промена во политиката на САД на неколку нивоа. Претходниците на Трамп од редовите на Демократите, Обама и Џо Бајден, постојано се потпираа на НАТО и ЕУ како сигурни сојузници и ги нагласуваа нештата што им се заеднички. Доналд Трамп пак, многу повеќе инсистира на поголема самодоверба и поголеми издатоци за одбрана од страна на Европејците кога станува збор за нивната безбедност. Во преговорите за Украина, САД под водство на Трамп постојано ги игнорираа европските партнери. Спорот околу Гренланд придонесува САД во Германија да изгледаат како сè помалку предвидлив чинител.
Понекогаш агресивната реторика на американскиот претседател дополнително го заостри таквиот впечаток. Уште на предизборниот митинг во февруари 2024 година, Трамп изјави дека во случај на руски напад нема да им обезбеди заштита на партнерите од НАТО кои не инвестираат доволно во нивната одбрана и дека во таков случај дури и би ја „охрабрил“ Русија да прави „што сака“. Ваквите изјави оставија длабок белег во германската јавност. Едвај една третина (32 проценти) од луѓето во Германија уште мислат дека САД би обезбедиле воена помош доколку биде нападната европска земја-членка на НАТО.
Трговскиот спор ги принудува бизнисите на преиспитување
Нападните царински и економски политики на Трамп веќе оставија длабоки лузни. За поголемиот дел од стоките увезени од ЕУ, тој воведе царини од 15 проценти. За челикот и алуминиумот, царините се дури 50 проценти. Тоа ги погодува германските компании. Нивниот извоз во САД е намален за повеќе од девет проценти во 2025 година во споредба со претходната. Германските компании ги намалија своите директни инвестиции во САД за околу 45 проценти во периодот меѓу февруари и ноември 2025 година во споредба со истиот период 2024. година, покажуваат податоците од студија на Германскиот економски институт (ИВ). Натамошни закани со царини, на пример по конфликтот околу Гренланд, предизвикуваат дополнителна неизвесност.
„Условите за бизнис значително се влошија“, вели за ДВ Роланд Роде, американски експерт во „Германија трговија и инвестиции“, еден вид германска агенција за поддршка на развојот на економијата. „Расположението меѓу германските компании значително се влоши во текот на годината“, додава тој. Иако германските компании немаат генерален тренд на одвраќање од САД како пазар, тие во моментов избегнуваат големи инвестиции поради непредвидливите трговски политики.
Опаѓаат туризмот и програмите за размена
Цврстата имиграциска политика на Трамп и значително заострените услови за влез, исто така одвраќаат многу германски туристи. Иако САД остануваат најпопуларна германска туристичка дестинација надвор од Европа, само околу 780 илјади германски туристи ја посетиле меѓу јануари и јули 2025 година, околу дванаесет проценти помалку отколку во истиот период 2024 година. „САД во перцепцијата се бренд што се поистоветува со слобода и индивидуалност“, објаснува експертот за воздухопловство Хајнрих Гросбонгард во списанието Виртшафтсвохе. „Туристите не сакаат да гледаат патроли на Националната гарда во Лос Анџелес и рации против имигрантите“, додава тој.
Плановите на САД според кои странски туристи треба ја откријат својата онлајн активност од изминатите пет години по влегувањето во земјата, заедно со неколку извештаи за германски туристи кои одеднаш се нашле во американски депортациски притвор, дополнително одвраќаат многу луѓе од идејата да ги посетат САД. Како последица на тоа, и бројот на апликации за програмите за размена на ученици со САД значително е намален. Некои од инволвираните дури јавуваат за до 50 проценти помал интерес од претходно.
Дали промените се непоправливи?
Губењето на довербата на Германците во САД на неколку нивоа е енормно. Па сепак, тоа не мора да биде конечно, како што покажува поглед на историскиот развој на рејтинзите на американските претседатели во текот на две децении. Екстремно ниски во време на републиканските претседатели Буш и Трамп, рејтинзите повторно се искачуваат по изборот на демократите Обама и Бајден. Промена во Овалната канцеларија, или барем значително понагласена проевропска политика во Вашингтон, би можела изгубената доверба брзо да ја врати.