Опозицијата бара отчет - за што ќе се користи нов заем?
20 мај 2026
Расправата за Предлогот на закон (по скратена постапка) за задолжување на Македонија од 260 милиони евра кај конзорциум од 8 банки, вчера (19.05) беше блокирана во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чија претседателка е Сања Лукаревска од СДСМ.
Според Министерството за финансии, заемот се зема за „општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот“. Уште пред да биде предлогот на дневен ред во Комисијата, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики за планираниот заем, а состојбата во буџетот ја оцени како загрижувачка.
„Дефицитот расте, инфлацијата расте. Огромна е разликата меѓу приходната и расходната страна (...) За првпат државата не добива толку пари колку што побарала од банките. Да не се добијат пари колку што државата побарала - побарале 300, а добиле 260 милиони евра - со висока каматна стапка и не од една, туку од повеќе финансиски институции - тоа досега не било. Сето тоа укажува дека оваа власт катастрофално ја води државата и ни претстои финансиски крах", обвини Филипче, со оценка дека нема поголем индикатор оти е нарушен кредитниот рејтинг на земјата.
Вчера обвинувањата продолжија во ист тон.
„Вие ја блокирате иднината на нашите деца. Ние нема да го правиме тоа што вие го правите, но со аргументи ќе ви докажеме дека ова што го правите е штетно за следните генерации“, рече Фатмир Битиќи од СДСМ.
Нема доволно место
Сепак, немаше никакво соочување меѓу аргументите на опозицијата и власта. Прво беше посочено дека просторијата во која заседава Комисијата не е доволна за присуство на сите заинтересирани говорници, по што дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа од просторијата за да им отстапат место. Но, и по паузата, претседателката на Комисијата не се врати за да ја продолжи седницата.
По ваквиот епилог пратениците на ВМРО-ДПМНЕ посочија дека опозицијата со банални оправдувања избегнува да започне расправата во Комисијата и да ги слушне аргументите за заемот, поврзани со функционирањето на државата.
„Сведочиме на неодговорен и неодржлив пристап од страна на ДУИ, СДСМ, на Венко Филипче и целокупната опозиција - со банални оправдувања дека немало место каде да седнат и слични изговори - само да не започнеме со работа во Комисијата", рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Чиј долг се покрива?
Обидот да се стави „стоп" на задолжувањето, опозицијата подолг период го објаснува со оценка дека одамна е пробиен „плафонот“. Според Филипче, вкупните долгови од 2024 година до денес се зголемени за нови 2 милијарди евра.
„Од 8,4 милијарди евра, колку што беше задолжувањето на земјата, долгот расте на 11 милијарди евра. Тука влегува и криминалниот заем на кинески пари преку Унгарија од една милијарда евра. Се користат сите механизми за да се испумпуваат пари од буџетот кон партиските фирми на ВМРО и ништо друго не е суштина на овој тип на задолжување во изминатите две години“, обвини претседателот на СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, им посочи на партиите од претходната влада колку треба да праќа актуелната влада за нивното задолжување, само во тековната година.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, само по основ на еврообврзници кои ги има земено СДСМ заедно со ДУИ, треба да врати вкупно 2,4 милијарди евра. За 2026 година вкупниот долг што треба да го сервисира државата е во износ од 2,4 милијарди евра“, потенцираше тој.
Неговиот сопартиец, пратеникот Љупчо Пренџов, изнесе податок дека кога СДСМ во 2017 година ја презела власта, ставката камати во рамки на тогашниот буџет изнесувала 133 милиони евра, а ја оставила земјата со двојно повеќе.
„Значи, 133 милиони евра - толку оваа држава плаќала за камати и била задолжена од сите влади заедно до појавата на Зоран Заев на политичката сцена (...), а ја оставија со 323 милиони евра. Дупло. Тоа е околу тоа кој ја задолжува Македонија“, рече Пренџов во гостување на ТВ Канал 5.
Нов ден, ново задолжување
Кој повеќе се задолжувал и за што? Според Пренџов, рефинансирачките циклуси на земени кредити од страна на СДСМ кога биле мнозинство, биле - нов ден, ново задолжување.
„Сте се задолжиле во март 2024 година - 99 милиони за регионална гасификација, потоа Програма за одржливост и отпор - 50 милиони, истата недела сте се задолжиле 90 милиони за Договор за заем заснован на политики на Република Македонија, а потоа следната недела сте се задолжиле со 100 милиони евра за макрофинансиска стабилност“, потсети Пренџов.
Тој направи споредба и на соодносот на економскиот раст и дефицитот во изминатите години.
„Дефицитот е најлош во периодот 2019-2023 година, а е најдобар во периодот 2024-2025 година. Имаме 3,5% раст, 4% дефицит. Кога вие сте биле управувачко мнозинство сме имале 2,8% раст, 4.5% дефицит“, компарираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поволна или неповолна камата?
Од мнозинството ги отфрлаат критиките за недоверба во кредитниот рејтинг и за висока камата.
„До околу 15 банки имаме пуштено понуда, од 8 ни е одговорено. И имаме каматна стапка од 2,1%, што е најниска на која било држава што се задолжила“, потенцира Пренџов.
Копјата и натаму најмногу ќе се кршат по прашањето за што ќе се користи заемот.
„Станува збор за средства со коишто треба да се обезбеди навремена исплата и реализација на политики кои се важни за граѓаните - повисоки примања во образованието, во здравството, јавниот сектор, изградба и реконструкција на инфраструктура, училишта, болници и други проекти“, образложи Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако дојде ситуацијата да се задолжиме за да имаме плати во државата, тогаш, како ние сме трета економија во Европа?", праша пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.
СДСМ бара одговор
Од СДСМ најавуваат дека ќе се бараат конкретни одговори за кои цели ќе се наменети парите од заемот.
„Ние (СДСМ, н.з.) рековме дека сме против ова задолжување затоа што немаме јасен увид каде се користат овие финансиски средства. Сметаме дека скратена постапка (за донесување на законот, н.з.) не е соодветна во вакви услови и дека на секаков можен начин треба да се сврти вниманието кон парламентарно мнозинство, кон министерот за финансии и кон Владата генерално, дека - луѓе, не можете да нѐ задолжувате без да знаете за што нѐ задолжувате, не само нас, туку и идните генерации“, изјави Спасовски во гостување на 4ТВ.
Од мнозинството најавуваат дека ќе преземат сѐ што е во рамките на деловникот и законите за да се деблокира процесот.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволи политички калкулации и дневнополитички интереси да го загрозат функционирањето на државата и реализацијата на проектите кои се важни за граѓаните", порача Стојаноски.
Ги повикаа СДСМ и ДУИ да покажат одговорност и да овозможат институциите да работат.