1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата го доби четвртиот партнер, ќе има ли петти?

25 декември 2023

Се интензивира регрупирањето на партиите на Албанците во два блока: едниот е Европскиот сојуз за промени засилен од Самоопределување, другиот - фронт за Европа предводен од ДУИ.

Северна Македонија избори
Пет месеци пред парламентарни избори, со вчерашното окрупнување на опозицијата, се интензивира големото групирање на партиитеФотографија: MIA

Движењето Самоопределување стана четвртиот партнер во довчерашниот опозициски блок од три партии на македонските Албанци, обединети во Европски сојуз за промени. Ова беше соопштено при вчерашното отворање на нивната зедничката канцеларија на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, на која учествуваа претседателите на трите партии во блокот - Алтернатива, Движењето Беса и Демократско Движење, како и Бесим Ќоку - советник на албанскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија.

„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии“, рече претседателот на Демократско Движење, Изет Меџити.

„Во овие четири е и Самоопределување. И програмата ја работиме заедно, и оваа канцеларија е заедничка, и кампањата ќе биде заедничка, и на листите ќе има претставници од Самоопределување“, објасни Меџити.

Веста не беше изненадувачка, со оглед дека од втората половина на годината се говореше дека кадри на Самоопределување може да се најдат на изборните листи во РСМ. Особено, откако во август годинава косовскиот премиерАлбин Курти дојде во неформална посета,на покана на градоначалниците на Тетово и Чаир, по два повода: разоговори за изградбата на патот од Призрен до Тетово, и пуштање во употреба на улицата Адем Демачи во скопската општина Чаир. Средбата се толкуваше како отворена поддршка на Курти за опозициските партии на Албанците и нивните заложби за промени.

Во кругови во албанскиот блок тоа се третираше и како тест - кој го има приматот на поголемо влијание врз целокупниот албански политички фактор во регионот: Еди Рама или Албин Курти, чии ставови се разликуваа за многу прашања - и за „Отворен Балкан“, и за прашања кои го засегаат Косово, но и за интересите на Албанците во регионот.

Косовскиот премиер Албин Курти пред неколку месеци беше во неформална посета на РСМ, на покана на градоначалниците на Тетово и ЧаирФотографија: dpa/AP/picture alliance

Покана до Алијанса

Советникот на Курти за Северна Македонија, Бесим Ќоку, вчера ја повика и владејачката Алијанса за Албанците да ѝ се приклучи на опозицијата.

„Ние бевме принудени да станеме дел од оваа промена и се надеваме дека таа промена ќе дојде. Ги поканувам и другите политички партии, невладиниот сектор, а отворена покана испраќам и до Алијанса за Албанците - да им се придружи на овие промени, бидејќи јас како поранешен член на Алијанса го чувствувам и познавам менталитетот и опозицискиот дух на Алијанса и знам дека местото ѝ е тука“, порача Ќоку.

Алијанса за Албанците (АА) во изминатиот период се промовираше како посредник за смирување меѓу албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот премиер Албин Курти, со став дека двајцата лидери и двете држави имаат големо влијание врз Западен Балкан и затоа треба да седнат заедно и да изготват заедничка стратегија за доброто на Албанците на Балканот. Од АА во јули годинава изразија „подготвеност да им олеснат да седнат заедно“.

На 5-ти ноември годинава лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со пратеникот Халил Снопче беа во Приштина на средба со премиерот Албин Курти, на која присуствуваше и неговиот советник Беким Ќоку. Но, како што објави тогаш Таравари, на пријателската средба разговарале за односите меѓу двете земји и нивното унапредување преку интензивирање на соработката и заеднички проекти, како и за инфраструктурните врски кои се од особено значење за граѓаните и за економиите на двете земји.

„Предизвиците со кои се соочуваат нашите две земји се заеднички, делиме исти грижи и иста визија за нашите граѓани и целиот регион. (...) Координацијата и синхронизирањето на официјалните политики придонесува за надминување на проблемите и изнаоѓање на најдобри решенија за иднината на целиот регион“, објави Таравари на Фејсбук, под фотографиите од средбата. За време на посетата ѝ оддале почит на Астри Дехари, поранешна активистка на Самоопределување, чие убиство пред седум години до денес не е правно расчистено.

Каде ќе се приклони АА сѐ уште е неизвесно. Со влезот во владејачката коалиција таа изгуби од орелот на опозициска партија, а се обидува тоа да го надомести со објаснување дека дејствува како „внатрешна опозиција во Владата“. Во наредниот период ќе решава дали на изборите ќе настапи самостојно, ќе се приклучи на опозицискиот блок или ќе ќе влезе во коалиција со ДУИ. За поселедново е заинтерсирана ДУИ, што се покажа пред една недела, кога Али Ахмети беше во Гостивар на средба со Таравави, каде тема на разговор била можната коалиција на двете партии на претстојните парламентарни избори.

Меџити: Носиме промени

Пет месеци пред парламентарни избори, со вчерашното окрупнување на опозицијата, се интензивира големото групирање на партиите - кој ќе успее да привлече повеќе партиски субјекти во владејачкиот или опозицискиот блок. Во моментов највидливо е регрупирањето на партиите на Албанците во два блока - едниот Европски сојуз за промени засилен од Самоопределување, и другиот фронт за Европа предводен од ДУИ, заедно со новоформирани партии од лица кои се отцепија од актуелната опозиција, и незивесноста дали таму ќе се приклучи АА.

Претседателот на Демократско Движење, Изет Меџити, вчера не го криеше задоволството од зајакнувањето на опозицискиот фронт.

„Ме радува фактот дека на овој убав сончев ден, во нашиот опозициски фронт се приклучи и Движењето Самоопределување, и дека после промената во Косово и во Прешевска долина, заедно ќе ја носиме долго очекуваната промена и кај Албанците во Северна Македонија“, рече Меџити.

Изет Меџити (д.): Ме радува фактот што во нашиот опозициски фронт се приклучи и Движењето СамоопределувањеФотографија: Petr Stojanovski

По неговото фракционерство во „Огнената група“ на ДУИ, Меџити замина од партијата на Ахмети каде беше партиски потпретседател, и во август го формираше Демократското движење. На испразнетата потпретседателска функција ДУИ го назначи актуелниот министер за надворешни работи и портпарол на партијата, Бујар Османи.

Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, заедничката канцеларија на опозицискиот блок на Фејсбук ја опиша како „огниште од каде ќе се борат против криминалот - со работа и развој, против корупцијата - со правда, против казината - со образование за идните генерации“.

Претседателот на Алтернартива, Африм Гаши, порача дека по секоја темна ноќ доаѓа зора и по секоја зима доаѓа пролет.

„Јас сум убеден дека на 8-ми мај ќе дојде пролет и за нас Албанците“, порача Гаши.

Ахмети: Победниците се во фронтот за Европа

Победа очекува и владејачката ДУИ. Пред три дена во обраќање пред партиските активисти, Али Ахмети потсети дека „поминале 22 години откако ДУИ не забележала ниеден пораз и дека секогаш останува во врвот на табелата“.

Во фронтот за Европа, на кој повикува Ахмети, нема губитници, туку само победници.

„Во овој фронт и ние инвестиравме и работевме, овој фронт ќе се консолидира и овој фронт ќе ја означи следната победа на ДУИ, заедно со сите кои ќе се приклучат на овој фронт, а не се малку (...) Една од целите да обезбеди мир, стабилност и нула проблеми со соседите, се обврзавме да го затвориме прашањето со Бугарија. За жал, опозицијата сѐ уште прави дневни политики и свои калкулации како да дојде на власт. Ним не им е приоритет членството на државата во ЕУ, јас им кажав на состаноците и во канцелариите, јавно им кажувам, ако се патриоти треба да ги поддржат уставните измени затоа што македонската нација е легитимна, тие нè имаат нас, не губете ја нашата поддршка (...) Зошто треба да се гради фронтот за Европа? Овој фронт мора да биде авангарда на мобилизацијата на сите граѓани на државата, нашата иднина е во Европа, ние сме Европејци и не постојат шанси Европа да се двоуми за членството на нашата земја, на Албанија, Косово и Црна Гора, сите сме ние Европејци“, порача Ахмети.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми