1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со лавина критики за законот за високо образование

16 февруари 2026

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека законот е „катастрофално лош“ и треба веднаш да биде повлечен.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бара повлекување на законските измени за високото образованиеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозицијата жестоко реагира на предложениот закон за високо образование. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека законот е „катастрофално лош“ и треба веднаш да биде повлечен.

„Сметаме дека предложените измени на Законот за високо образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот, тие воведуваат владина контрола врз универзитетите – една форма на образовен тоталитаризам. Законот создава дискриминација, ја руши автономијата на универзитетите, отвора врата за партизација и создава системски и социјални неправди“, изјави Филипче.

Филипче: Владина контрола и нарушување на автономијата на универзитетите

Според Филипче, со предложените измени брутално се централизира моќта кај министерот и Владата. Членовите 198, 199 и 201, како што посочи, му даваат на министерот можност да укинува одлуки на универзитетски органи.

„Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и апсолутен владетел. Член 13 отвора механизам за директна контрола од извршната власт, спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смеат да бидат продолжена рака на Владата“, изјави тој.

Филипче посочи дека измените го деградираат млад кадар, посебно асистентите и младите наставници. Според него, Член 175 создава привилегии за пензионирани професори, додека младите се соочуваат со рестрикции, несигурност и исклучување.

„Ова создава генерациски дисбаланс, го блокира академското обновување и го поттикнува одливот на млад кадар. Ќе ги протеруваме најдобрите умови од државата“, рече Филипче.

Опозицијата ja нарече скандалозна одредбата во Член 132 став 10, со која приватните универзитети не би можеле да образоваат кадри во клучни области како медицина, право и архитектураФотографија: DW/K. Ozimec

Науката станува „луксуз за богатите“

Според опозицијата, строгите критериуми за објавување во списанија со импакт фактор се нереални без финансиска поддршка.

Филипче нагласи дека македонската научна инфраструктура е слаба, а објавувањето во меѓународни списанија чини над 2.000 евра. Дополнително, тој предупреди дека хуманистичките и биолошките науки се неправедно поистоветени, иако имаат различни истражувачки услови и публикациски можности.

Опозицијата ja нарече скандалозна одредбата во Член 132 став 10, со која приватните универзитети не би можеле да образоваат кадри во клучни области како медицина, право и архитектура. Филипче посочи дека некои од овие факултети со децении имаат валидни акредитации и дека во институциите работат лица со дипломи од нив.

Критика доби и Член 164, кој предвидува автоматски престанок на звање и работен однос доколку наставникот не ги исполни условите за реизбор. „Се воведува казнен модел во кој професорите живеат во страв“, рече Филипче.

Членовите 116–123 го ограничуваат уписот на магистерски и докторски студии само во сродни области, што, според СДСМ, ги затвора вратите за промена на кариера и го гуши развојот на нови професии. Филипче истакна дека забраната за вонредни студии е социјално неправедна и родово дискриминаторска, бидејќи го ограничува пристапот до образование за лица со работни и семејни обврски.

Енергична реакција доколку законот биде поднесен во Собрание

Филипче најави дека, ако законот биде поднесен во оваа форма, СДСМ ќе иницира јавна расправа и мобилизација на стручната јавност.

Министерството за образование и наука (МОН) на почетокот на февруари најави сеопфатни реформи во високото образование и науката.  Министерката Весна Јаневска рече дека во подготовката волонтерски учествувале над 60 професори, институции, студенти и експерти.

Законот треба да го замени актуелниот од 2018 година. Предвидува нов модел на финансирање со две компоненти – развојна и исклучителна, со што ќе се наградуваат универзитетите со подобри резултати. Особено внимание привлекуваат новите критериуми за избори во академски звања. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе треба да објават 6–7 научни трудови, од кои најмалку половината во списанија индексирани во Web of Science или Scopus.

.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми