Oпозицискиот лидер во Јужна Кореја прободен со нож
2 јануари 2024Лидерот на јужнокорејската опозиција Ли Џае Мијанг е нападнат и повреден од маж за време на јавен настап, додека одговарал на прашања на новинари. Ли паднал на земја со раскрвавена рана на вратот, објавија јужнокорејските медиуми. Политичарот од левиот центар по нападот бил во свесна состојба и е пренесен во болница. Според лекарите, повредата не е опасна по живот.
Осомничениот напаѓач по злосторството бил совладан. Според информациите на новинската агенција Ројтерс, се вели дека мажот носел хартиена круна со името на Ли. Тој побарал автограм од лидерот на опозицијата, а потоа ненадејно го нападнал. Нема информации за мотивот за злосторството. Инцидентот се случил додека Ли одговарал на новинарски прашања на градилиште на аеродромот на југоисточниот остров Гадеок. Островот припаѓа на крајбрежната метропола Бусан.
Претседателот зборува за „неприфатлив“ чин
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол го осуди нападот. Такво нешто е „неприфатливо“, соопшти неговиот кабинет. Тој му посака на Ли брзо закрепнување. Ли тесно загуби од Јун на претседателските избори во 2022 година. За време на својата политичка кариера, 59-годишниот Ли зборуваше отворено за своето минато како дете кое работело во фабрика и човек кој го напуштил училиштето. Според последните анкети, тој се смета за најсериозен кандидат за претседателските избори во 2027 година. Сепак, можната кандидатура на Ли е засенета од скандали. Во септември тој за влакно избегна апсење поради различни обвиненија за корупција. Нему му се суди и за поткуп во врска со компанија која е осомничена дека незаконски префрлила осум милиони долари во Северна Кореја.