1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините со долгови до гуша влегуваат во нова изборна трка

17 септември 2025

Општините Гостивар, Тетово и Кавадарци се рекордери по задолженост, додека Дојран, Кратово и Старо Нагоричане немаат никаква мака со стари долгови.

Долгови на општините
Најголеми должници се јавните претпријатија во сопственост на државата, локалните јавни претпријатија, јавните здравствени установи (10%) и единиците на локалната самоуправаФотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Повеќето општини во Македонија со неподмирени обврски и долгови до гуша влегуваат во нова изборна трка. На адреса на Единиците за локална самоуправа до јуни се пристигнати обврски за наплата од 3,981 милиони денари (64,7 милиони евра), или 9% од вкупно пријавените обврски на јавните субјекти. Доколку на нив се додадат и обврските на локалните јавни претпријатија основани од општините (во износ од 6,617 милиони денари), нивното вкупно учество достигнува 25% од вкупните доспеани обврски.

Кои се најголемите должници?

Во пресрет на локалните избори во октомври, Фајнанс тинк објави анализа која што покажува дека поголемите општини имаат и поголеми долгови.

Најголеми должници се Општините Гостивар (693 милиони денари), Тетово (584 милиони денари), Кавадарци (228 милиони денари), и Градот Скопје (342 милиони денари). Ако обврските се разгледаат во однос на бројот на жители, со најголеми долгови се Општините Делчево, Гостивар, Василево, Желино и Кривогаштани, каде секој жител должи во просек од 14,227 до 8,820 денар.

Сепак, најоптоварени со долгови се Општините Гостивар, Тетово и Кавадарци. Општините Дојран, Кратово и Старо Нагоричане навреме си ги подмируваат обврските, додека Општините Центар и Долнени не доставиле податоци до јуни.

Сериозен товар за буџетите

„Долговите на општите претставуваат сериозен товар за локалните буџети и ја поткопуваат фискалната стабилност на општините. Кај Општините Василево, Делчево и Гостивар тие надминуваат 50% од вкупните приходи, што укажува на голем ризик од фискална несолвентност. Дополнително, кај голем број ЕЛС, овие обврски се неколкукратно повисоки од прибраните даночни приходи и реализираните капитални расходи“, укажуваат од Фајнанс тинк.

Во 2023 година, Министерството за финансии одобри издавање структурни обврзници во износ од 275 милиони денари, со кои општините Тетово, Желино и Виница добија можност да ги подмират обврските и да ги консолидираат буџетите. Општините при тоа имаат обврска во рок од 10 години да исплаќаат еднакви рати кон Министерството за финансии.

Претходно, во 2018 година, Владата одобри 3 милијарди денари (околу 50 милиони евра) од ребалансот на буџетот за покривање на 51% од пријавените, а неплатени обврски на општините и институциите основани од нив (вкупно околу 5,95 милијарди денари). Сепак, и покрај оваа финансиска поддршка, продолжи трендот на акумулирање нови неизмирени обврски.

„Ова создава „морален хазард“, при што поради ниската одговорност, централната власт интервенира со сервисирање на заостанатите обврски, со што ризикот се префрла од локално на национално ниво и се поткопува долгорочната фискална дисциплина. Тоа создава и очекувања за таков тип сервисирање на обврските и во иднина“, укажуваат од Фајнанс тинк.

Големи долгови и кај јавните претпријатија

Анализата покажува дека до јуни долговите на јавниот сектор изнесуваат 690,8 милиони евра, или околу 4.2% од БДП. Во периодот од 2019 до првата половина на 2025 година, доспеаните неплатени обврски се зголемиле за два и пол пати.

Најголеми должници се јавните претпријатија во сопственост на државата (53%), локалните јавни претпријатија (16%), јавните здравствени установи (10%) и единиците на локалната самоуправа (9%). 

Најголеми неподмирени обврски имаат Номагас АД Скопје, АД МЖ „Транспорт“ - Скопје, ЈП „Македонски Железници – Инфраструктура“ - Скопје, АД ЕСМ, ЈП од областа на здравството за потребите на јавни здравствени установи, универзитетски клиники, заводи и ургентен центар, ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Најголемиот дел од долговите се за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, како и за материјали и ситен инвентар и договорни услуги.

Проекциите до 2030 година укажуваат дека доколку сегашниот тренд продолжи, јавниот долг со вкалкулирани доспеани неизмирени обврски би можел да достигне 62.7% од БДП. 

Општинските луксузни возила и долгови

01:07

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми