1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимизам за појадок, разочарување за вечера

30 октомври 2024

Дури и со најлибералните коалициски партнери, не гледам никаков мотив кај Бугарија да се согласи на решение кое за нив би било „полошо“ од ова кое веќе го имаат како пакет во преговарачката рамка. Пишува Петар Арсовски

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски со владатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Деновиве сѐ повеќе се зборува за некаков пробив во односите помеѓу Македонија и Бугарија, односно можно откочување на европските интеграции на земјата, преку наводно креативно решение за уставните измени. Овој вид „оптимизам за појадок“ е послужен во вид на апстрактна, неодредена мантра, без конкретни идеи и чекори, но со безброј услови: стабилна влада во Бугарија, компромис од ЕУ,  измени на постојните услови за продолжување на преговорите,  и слично. Според мене, имајќи ги предвид комплексните и комплицирани варијабли кои се поставуваат пред тој процес, далеку е поверојатно дека пробив нема да се случи одошто дека ќе се случи. Ова од причина што има премногу услови за таков напредок, а сите треба да се исполнат заедно, за такво нешто да се случи. Емпириски, шансите за позитивен исход се минимални.

Притисок од меѓународната заедница

Првиот фактор кој влијае на овој процес, е заинтересираноста на меѓународната заедница за пробив, односно, да бидам прецизен, дали интересот за пробив е доволен за  силен меѓународен притисок кон Бугарија,  за таа да попушти од сегашните услови за  одблокирање на преговорите.  Мислам дека шансите за тоа се мали. Прво, меѓународната заедница има поголеми проблеми: војна во Украина, војна на Блискиот исток, избори во САД, комплицирани односи со Русија, економски тензии со Кина. Во ваков свет, за најголем дел од силните дипломатии, стратегијата ќе се сведе на реактивен пристап – повеќе ќе реагираат на светските настани, одошто да ги создаваат. Дополнително, за нашиот отпор нема голем интерес, зашто не го разбираат проблемот. Најчесто, односот е „ја примивте сметката, ја потпишавте сметката... сега платете ја сметката“. Нема многу симпатии за нашиот отпор кон уставните измени, кои ги сметаат за релативно техничко и бенигно решение. Можеби со нивното спроведување би можеле да добиеме некаква поддршка за процесот кој следува, но за менување на веќе договорен пакет... тешко ќе оди таа работа. Во најдобар случај, може да добиеме одговор дека било кои промени со кои ќе се усогласиме и ние и Бугарија, нема да бидат проблем за ЕУ, но ништо повеќе од тоа.

Стабилна влада во Бугарија

Тоа нѐ води кон втората варијабла – политичкиот амбиент во Бугарија. Најнапред, самото инсистирање на нашите политички елити дека за пробив е неопходна  стабилна влада во Бугарија,  открива дел од пристапот. За спроведување на договореното, влада во Бугарија не е потребна, таа е неопходна само за нови преговори, и тоа преговори за некакво ново решение за кое мора да се согласи и Бугарија, што упатува на заклучок дека промените кои ние би ги барале не би биле само козметички. Со завршени избори во Бугарија, од составот на новата влада зависи и амбиентот: очигледно е дека мандат ќе добие Борисов, но ако партнери му бидат радикални партии, компромис нема. Дури и со најлибералните коалициски партнери, не гледам  никаков мотив кај Бугарија  да се согласи на решение кое за нив би било „полошо“ од ова кое веќе го имаат како пакет во преговарачката рамка и придружните протоколи.

Голтање кнедли

Третиот фактор е, условно речено, квалитетот на самото понудено ново решение, односно дали постои решение кое е доволно различно од претходното, за владата во Скопје да може да тврди дека е тоа ново решение и дека не „голтнале кнедла“ (како со коридор 8, како со Бехтел и Енка, како со Преспанскиот договор и слично), а притоа доволно блиску до сегашното, да не предизвика политички потрес во Бугарија и автоматско одбивање. Во оптек во јавноста се појавија две решенија: првото, со одложена примена на уставните измени. Ова решение лесно би поминало дома, но мислам дека е „no pasaran“ за Бугарија и ЕУ. Со такво решение, додека не се исполни условот за одложена примена (на пример затворање на преговорите, или членство, сеедно), Уставот дотогаш ќе остане стариот, па така, постои формална пречка да се констатира дека е исполнето барањето за втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Втората идеја која се лиферуваше во јавноста, е оваа со промена на Уставот сега, но со вклучување одредба во уставниот закон (кој ја регулира оваа измена), со која тие измени би се повлекле доколку се соочиме со  ново вето од Бугарија,  како еден вид гаранција за реверзибилност на процесот ако имаме нови пречки. Ова решение лесно би поминало надвор, зашто за негово донесување нема потреба од дополнителни консултации, ниту согласност. Така, Уставот би се сменил сега, а сепак би имале некакви гаранции за реверзибилност на процесот. Но, мислам дека ваквото решение не би поминало добро дома, зашто може да се протолкува како де факто капитулација од страна на домашната јавност и поддржувачите на владејачката партија. Општо земено, во моментов не гледам пресек помеѓу двете множества: доволно различно да биде победа дома, а доволно слично да не бара преголем компромис надвор.

Карма

Четвртиот фактор, односно варијабла, е, секако, развојот на политичкиот амбиент дома. Партијата на власт, и идеолошки, но и емпириски, во поблиската историја, без малку никогаш не прави политички компромиси, особено кога таквите решенија се непопуларни, односно се соочуваат со јасен отпор од гласачите на анкети. Така, тие не направија политички компромис со правата на Албанците пред Охридскиот договор, зашто беа политички скапи. Не направија компромис со името, зашто сметаа дека тоа, исто така, би им го оштетило рејтингот значајно. Така, и покрај можеби автентичната желба за пробив, тие историски, се покажуваат исклучително конзервативни во правењето политички пробив. Како резултат на таквата поставеност (владеење по пат на анкети), тие имаат една ваква карма во пет чекори, која им се повторува во двата последни мандати: (1) доаѓаат како реформатори, со силна поддршка од меѓународната заедница, но во текот на мандатот (2) се „удираат во ѕид“ од големо непопуларно прашање, кое е неопходно за напредок, но чини рејтинг; (3) партијата, после подолго кокетирање со решение, на крајот одбива да го направи, со што (4) ја губат поддршката на светот, на што одговараат со „декадентност“ дома, ситуација која (5) на крајот завршува со конфликт. Така се случи во 2001 со Албанците, а во 2006 со демократската јавност. Тој конфликт, неизбежно, ги чини губење на власта. Не гледам емпириски докази дека таа карма нема да се повтори и сега, особено што главните постулати (клучно, но непопуларно прашање), ги дочекува веќе на почетокот на мандатот.

На крајот, на страна што секој од овие четири фактори самиот по себе е проблематичен, за успех, потребни се сите четири: и интерес од меѓународната заедница, и поволен амбиент во Бугарија, и филигранско добро решение, и поволен амбиент дома. Веројатноста сите четири заедно да бидат во полза на пробив, сепак е минимална. Значи, општо земено, мислам дека песимизам за вечера е поверојатната опција.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми