1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Оптимизмот е опиум за народ. Да живее Троцки!“

7 декември 2024

Некои изјави за оптимизмот во меѓувреме беа поклопени од настаните. Владата на Шолц падна по средбата на канцеларот со Мицкоски. Макрон е во центарот на политичкиот хаос во Франција. На што побрзо да мисли тој.

Какви се реално можностите да се излезе од ќор-сокакот во преговорите со ЕУ?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

До кој градиус може да се помести оптимизмот на премиерот Христијан Мицкоски околу можностите да се излезе од ќор-сокакот во преговорите со ЕУ. Нема да споменуваме степени, може да зборуваме за разумен оптимизам, за оптимизам поткрепен на факти, или за оптимизам кој се потхранува од желби и надежи. Засега јавноста не знае колкав е тој оптимизам и дали е вистински. И дали тој се споменува само да го држи општеството (попрецизно кажано, оној негов дел што гласаше за ВМРО-ДПМНЕ и веројатно за албанската опозиција) во оптимистичка кондиција, да не изгледа дека сето она што беше зборувано во месеците, а и една година пред изборите, дека било залудно. Или политичка манупулација која играше на сентиментот на разочарувањето, кога и самата надеж за ЕУ стана здодевна.

Неколку генерации кај нас го голтаа во еден здив романот на чешкиот писател Милан Кундера – „Шега“, објавен во 1967, една година пред Прашката пролет и во екот на неверојатниот подем на црниот бран на чехословачкиот филм. Шегата од романот, чие дејство се случува во 1950-те и последиците од неа беа симбол на она што се случуваше во комунистичките земји во тоа време и репресивноста врз мислењето. Главниот јунак Лудвик ѝ испраќа на својата девојка една разиграна разгледница на која пишува:

„Оптимизмот е опиум за народ. Здравиот дух мириса на глупост. Да живее Троцки!“

Разгледницата завршува во партискиот комитет, Лудвик е исклучен од партијата, исфрлен е од факултетот и испратен во казнен баталјон.

Се разбира, овде никој нема да биде испратен во некаков казнен баталјон (такви и нема) ако се шират шеги за оптимизмот и Троцки. Всушност, оној што кажува вести за оптимизмот е самиот премиер. Дали се тоа шеги ние не знаеме, а не сме сигурни и дали тој знае. Или искрено верува дека оптимизмот, по разговорите со многу западни политичари, е навистина е заснован на предвидлива иднина.

Но некои од изјавите кои го имаа патосот на оптимизмот во меѓувреме беа поклопени од настаните. На самитот на Берлинскиот процес Христијан Мицкоски имаше средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, којашто премиерот ја оцени како „многу продуктивна“ и на која разговарале за економијата, политичките случувања, „за потребата да се вреднуваат нашите напори кон патот на ЕУ каде за влез предолго чекаме, за потребата за внесување на енергија и динамизирање на процесите“. Кусо време потоа владата на Шолц се распадна и Германците ќе одат на предвремени избори во февруари.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски (прв од лево) и германскиот канцелар Олаф Шолц (трет од лево) на самитот на Берлинскиот процес во средината на октомври, 2024Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS Pool/dpa/picture alliance

Макрон е новата љубов

Тоа беше оптимистичкиот врв на овој самит. На самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта тој врв на оптимизмот се помести малку погоре. Мицкоски имаше средба со францускиот претседател Емануел Макрон. За вмровскиот и владиниот врв архитектот на првото вето за Македонија од есента 2019, Емануел Макрон, наеднаш почна да се претвора во спасител и тоа откако се фрлаа клетви врз францускиот предлог, а сега велат дека преговарачката рамка не може да се промени. Макрон го стави првото и клучно вето за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, образложувајќи го и со приказната дека ако нашата држава се одвои од Албанија тоа ќе предизвика вознемирувачки бранови низ албанската заедница поделена во четири држави во регионот. Па затоа е најдобро двете земји да бидат заедно во чекалната, да се подготви нов план за преговори за сите кандидати. Во октомври Македонија остана во чекалната, Албанија влезе во друга соба. Франција, оцрнета како ѓавол поради тоа што го овозможила „бугарскиот диктат“, се најде на дното на листите во анкетите за тоа кои држави македонските граѓани ги сметаат за најпријателски.

Но омразата, како и љубовта, не се непроменливи величини. Сега нашите власти го засакаа Емануел Макрон, дури и доделувајќи му атрибути кои тој ги загуби во Европа. Позицијата на Макрон е драматично поткопана во Франција. Особено по понижувачкото соборување на владата на Мишел Барние и сѐ погласните и пошироките барања во Франција Mакрон да поднесе оставка, а не да го истера мандатот до 2027.

Тоа исчезнување на моќта дома се трансферира и во централата на ЕУ во Брисел. Сега, кога влијанието на Макрон во ЕУ е ослабнато ние (властите) решивме да го засакаме, дури и со поголема љубов од пред две години кога се кроеше францускиот предлог. Владата го гледа во Макрон спасот од ќор-сокакот со уставните измени. Сега Франција е најсилната земја во ЕУ (Александар Николоски), сега Макрон е лидер во ЕУ со најголем легитимитет (Николоски).

Во таа голема љубов Александар Николоски изјави дека според него најзначајната средба што ја имал Мицкоски откако е премиер била средбата со Макрон. Николоски уште оцени: „Ако успееме да сработиме добро со Франција и со уште неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи може лесно да бидат примени“. И омразениот француски предлог во името на новата француска љубов да добие поинакво толкување.

Може и да го пресконеме и официјалното соопштение на Елисејската палата за средбата на Макрон со Мицкоски во кое се вели: „Претседателот на Републиката ја потврди поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“. Што значи дека Париз не се откажува од францускиот предлог.

На самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, македонскиот премиер Мицкоски имаше средба со францускиот претседател Емануел МакронФотографија: Regierung von Nordmazedonien

Неофицијално, Париз навистина не седи со скрстени раце и сака да помогне да се одблокира сегашниот застој во нашите преговори, но решението не се бара во одлагање на уставните измени. Во Париз сметаат дека нема потреба да се чека политичка влада во Софија, бидејќи сите партии во Бугарија имаат ист став за спорот со Македонија, а освен тоа и техничката влада има надлежност да носи одлуки во земјата. Во кој правец ќе се бара решението не е јасно искристализирано, но треба да биде нешто помеѓу ова што е сега на маса, со уставните измени како незаобиколен услов за продолжување на преговорите.  

Меката игра со бугарските политичари

Ќе видиме што ќе се изроди од оваа нова француска љубов на новите македонски власти спрема Емануел Макрон. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го искористи францускиот хаос оваа недела да го потпише договорот Меркосур, огромен трговски договор меѓу ЕУ и неколку земји од Латинска Америка на кој Франција жестоко се противи. Овој договор се преговараше 25 години.

Лајен слета во Монтевидео, Уругвај, каде во петокот на самитот на Меркосур го потпиша договорот. Бидејќи тој оди против интересите на Франција, тоа веројатно ќе го разгори анти-ЕУ расположението во земјата во критичен момент кога таа е во политички и економски хаосПодолго време овој проект предизвикува голема загриженост кај француските земјоделци, на кои не им се допаѓа заканата што масовниот прилив на јужноамерикански прехранбени производи би можел да го предизвика на францускиот пазар. Договорот вклучува намалување на увозните царини за 45.000 тони мед, 60.000 тони ориз и дури 180.000 тони шеќер.

Со потпишувањето на овој договор ќе биде драматично проширен француско-германски јаз, па дури и да биде опфатен со силен пламен, и се заканува да ги разниша темелите на кои е изградена Европската унија.

Ако за Французите тоа е многу лош чекор за Германците (а Фон дер Лајен е Германка) тоа е одлична вест. Во времето кога Германија доживува голем индустрискиот пад, договорот на Меркосур е одлична можност да се најдат нови пазари за раст за болните германски шампиони во производството, особено од автомобилизмот.

Во потрагата по француска прегратка македонските власти почнаа да играат меко со бугарските политичари, целосно спротивно на оние тешки и навредливи зборови што ги кажа за нив Николоски. Прво, камерите ги фатија зборовите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на почетокот на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев на климатскиот самит во Баку:

„И јас се радувам претседателе и жал ми е што не нѐ чуја што зборувавме во Софија. Тогаш поинаку ќе резонираа. Во Бугарија, чинам, сѐ е менливо освен вие. Вие сте најстабилниот елемент во државата и мислам дека сте вистински избор“.

Да, Радев беше вистинскиот избор кој го инструментализираше бугарскиот дел од Историската комисија, кој им ги постави целите на нејзините членови и кој ги конципираше оние озлогласени декларации на владата и Собранието во Софија во 2019. Да, тој, е вистинскиот избор, но за интересите на Бугарија во однос на Македонија.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија во септември, 2024 годинаФотографија: President RNM

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на седницата на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, направи обид за „мекоќа“ во настапот, велејќи дека како мало дето за време на годишниот одмор во познатото бугарско летувалиште Сончев Брег на Црното Море за прв пат ја открил љубота кон морето и сонцето. А години подоцна неговиот син ги направил првите чекори на скии во Боровец. Тој се обиде да покаже колку луѓето од двете страни на границата се блиски, во времето кога политичките односи меѓу двете држави се многу заострени по неколкуте вета на Софија.

Па порачувајќи дека Бугарија ја кочи европската интеграција на Македонија, тој ја покани Софија „да ни се придружи во овој напор за заедно да ги надминеме овие предизвици и да изградиме односи што ќе го одразуваат вистинскиот дух на европското партнерство“.

„Ништо повеќе“ е порака за Софија

Дали ќе ја прифати оваа покана Софија, не знаеме. Дали овие изливи на мек пристап на Сиљановска и Муцунски се дел од првата фаза од робусната дипломатска акција што ја спомена премиерот Мицкоски, исто така не знаеме. Во таа фаза, рече премиерот, тие ја претставувале „наша теза“, а очекувале антитеза. „До сега не сме добиле антитеза, што значи дека првата фаза од планот веќе ја реализиравме, а тоа е дека бараме решенија“, рече Мицкоски. Во втората фаза ќе ја изнесат на површина „вистинската“ вистина. Во третата фаза ќе се решавале проблемите дома. Порано се велеше дека реашавањето на проблемите дома ќе биле првата фаза.

Додека владата ќе продолжи да се бори веројатно прочитаа што кажа поранешниот американски амбасадор во Скопје и висок функционер на Стејт департментот, Филип Рикер за време на неодамнешниот престој во Белград. Тој рече дека Америка досега потрошила многу време на Балканот и дека сега има многу други предизвици.

„Не забележав дека за време на претседателската кампања во САД во целата таа политичка дискусија се споменуваше Србија, Косово или целиот регион. Можно е да има луѓе кои се фокусирани на тие прашања, но навистина не мислам дека тоа е актуелно прашање за Америка и тешко ми е да замислам дека тоа би можело да стане висок приоритет, со сите турбулентни настани во светот. Потрошивме многу време фокусирајќи се на Балканот, особено во 1990-тите и раните 2000-ти, кога работев во регионот. Сега, има и други предизвици“.

Макаедонското знаме пред седиштето на Европската комисија во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Овие зборови се многу отрезнувачки. Кој сака да ги разбере, ќе ги разбере. Кој не сака, а сака да верува во некакви политички чуда и дека оптимизмот во борбата на крајот сигурно ќе победи, лошо ги анализира работите или не ги анализира.

Затоа, наместо да се бараат „навреди“ во дикцијата на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која оваа недела во Стразбур зборувајќи со новинарите порача дека не може да ѝ даде гаранции на Македонија од типот на тие што ги бара македонската влада. 

„Очекувам Северна Македонија да го смени Уставот, ништо повеќе и ништо помалку. Очекувам дека е можно да се постигне тоа“, рече Кос.

Поентата не беше во дикцијата, туку во она што суштински го кажа Кос: „Ништо повеќе и ништо помалку“. „Ништо повеќе“ беше очигледна порака до Софија дека тука завршуваат нејзините барања. И за тие два збора сигурно имала одобрување од повисоките ешалони на Европската комисија.

Ако тоа не го разбираме, сета таа борба за нашите ставови и оптимизмот дека ќе се дознае „вистинската вистина“ може да се сведе од средната реченица од пораката на разгледницата во „Шега“ на Кундера: „Здравиот дух мириса на глупост“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми