1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан со план како да се реши спорот со Бугарија

ДТЗ
27 септември 2024

Орбан го покани Мицкоски на средба во Унгарија и најави дека таму ќе се одржи следната меѓувладина седница. Како претседавач со ЕУ, унгарскиот премиер најави дека следниот чекор е да се постигне договор со Бугарија.

Виктор Орбан Христијан Мицкоски
Виктор Орбан и Христијан МицкоскиФотографија: Regierung Nordmazedonien

Унгарија се нуди како посредник за постигнување на прифатливо решение меѓу Северна Македонија и Бугарија, со цел што поскоро да се одблокира патот на Скопје кон Европската Унија. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, којшто е во дводневна посета на земјата, на прес-конференција во Охрид порача дека е направена историска грешка кон Македонија, која што сега е дуплирана по одлуката за одвојување на Албанија на патот кон ЕУ, додека Македонија е оставена настрана. 

„Тоа не е чесно. Ако сме праведни, вие одамна требаше да сте членка на ЕУ. Постапките на Унијата предизвикуваат рани на душата. Затоа е голема грешка што не сте членка на ЕУ и голема грешка што ве одвојуваат од друга држава, којашто се форсира забрзано. До крајот на годината мора да започнете преговори за зачленување во Унијата“, порача Орбан, кој смета дека земјите од Запад Балкан заслужуваат многу повеќе од она што го добиваат од Брисел. 

„Господине премиер, ве чекаме во Унгарија“ 

Орбан го покани Мицкоски на средба во Унгарија и најави дека таму ќе се одржи следната меѓувладина седница. Како претседавач со ЕУ, унгарскиот премиер најави дека следниот чекор е да се постигне договор со Бугарија.

„Јас имам предлог, кој му го соопштив и на Мицкоски дека сме подготвени да посредуваме во ова прашање. Подготвени сме да се најде решение коешто ќе одговара на Северна Македонија и Бугарија“, порача Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Стратешко партнерство и братски односи 

Двајцата премиери во Охрид ја истакнаа важноста од стратешкото партнерство меѓу двете земји и изразија надеж за негово продлабочување со реализација на повеќе проекти. Орбан потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и ФИДЕС се во „братски односи“, а ваквата добра соработка ја потврди и Мицкоски. Унгарскиот премиер обелодени дека досега се сретнале 18 пати.

„Двата народи имаат долги историски традиции и постојано водат борба за зачувување на националните интереси и слободата. Важно е да ги зачуваме нашите идеали и националниот идентитет“, потенцираше Орбан. 

Премиерите Орбан и Мицкоски на заедничката прес-конференција.Фотографија: Regierung Nordmazedonien

За унгарскиот премиер од клучно значење е безбедноста и справувањето со мигрантската криза. Тој во неколку наврати потенцираше дека е благодарен за напорите на Северна Македонија за справување со напливот на мигранти, што според него е еден од најважните фактори зошто Унгарија сака финансиски да и помогне на земјата. 

Кинески или унгарски пари? 

За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. Орбан вели дека Унгарија со финансиска соработка сака да придонесе за зголемување на безбедноста.

„Имаме свои финансиски средства кои можеме да ги вложиме, но македонската влада треба да каже каде и е потребна помошта“, рече гостинот од Унгарија, кој најави зајакнување на соработката и со Србија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали станува збор за кинески или унгарски пари, Орбан одговори: „Кинески заем и пари не можеме да даваме, оти имаме договор парите од Кина да се користат за конкретни проекти. Но, европски пари можеме да даваме и ќе ви даваме“. 

Поддршка за Трамп 

Виктор Орбан важи за поддржувач на политиките на поранешниот американски претседател Доналд Трампп, кој повторно е во трка за оваа престижна функција. Тој смета дека Трамп може да донесе мир во светот и на тоа ја базира својата поддршка за него.

Одговарајќи на новинарско прашање какво би било влијанието врз Европа доколку Трамп победи на претседателските избори во САД, Орбан рече: „Актуелните демократи, старомодни интелектуалци тешко ќе можат да се справат со новите предизвици во политиката. Потребна е свежа крв, нови динамични лица кои можат да донесат нешто ново. Трамп веќе беше претседател и знаеме како функционира. Тој е на страна на мирот. Нам ни треба мир, сакаме на чело на САД да биде претседател кој се залага за мир“. 

Пораките на двајцата премиери следат по заедничката меѓувладина седница на Северна Македонија и Унгарија којашто се одржа во Охрид.

Брза пруга на Коридорот 10

Во Охрид се одржаа и низа билатерални средби на министерско ниво. Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар разговараа за изградба на брза пруга на Коридорот 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, односно поврзување на Македонија преку брза пруга со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа. 

„Ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи. Го фаќаме последен чекор Македонија да се приклучи на напредните технолошки достигнувања во железницата во регионот и затоа овој проект е приоритетен, не само за нас туку за сите земји долж Коридор 10”, смета Николоски. 

Виктор Орбан и Никола Груевски во Скопје, јануари 2013 годинаФотографија: MIA

Орбан во 2013 година беше одликуван со Орден „8 Септември“  за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов. 

Унгарија во 2018 година му даде азил на поранешниот премиер Никола Груевски, по бегството од Северна Македонија, откако против него беа покренати неколку судски постапки. Досега се поднесени неколку барања за екстрадиција на Груевски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми