Ѓорѓиевски:Обединувач, партиски лојалист, нов лик на Скопје?
4 ноември 2025
,,Историјата ќе биде наклонета кон нас, затоа што ние имаме намера да ја напишеме“ - со оваа мисла од Винстон Черчил, Орце Ѓорѓиевски им се заблагодари на скопјани што го избраа за градоначалник.
„Имаме јасен план, со стотици проекти во нашата програма“, им вети новиот градоначалник на жителите на главниот град. „Ви го давам мојот збор дека уште во првите 72 часа ќе го исчистиме цело Скопје. Ќе го претвориме Вардариште од депонија на срамот во мега-парк на гордоста. Ќе набавиме нови, еколошки автобуси веднаш. Ќе го воведеме градскиот воз“, рече Ѓорѓиевски.
Скопје, кое четири години беше заложник на политичката конфронтација меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ која ја кандидираше а потоа се откажа од неа, е во критична состојба.
„Нештата не се исти како во времето кога бев јас градоначалник, сега е сосема нова ситуација, системот е растурен, парите ги нема. И во мое време бевме со малку пари, но сега 50 милиони евра загуба е лош старт за Скопје па дури и Владата да помага, а не верувам дека ќе помага, бидејќи неодамна презентираниот буџет за 2026 не дава причина за такви надежи. А никој не знае и што стана со унгарските пари“, вели Ристо Пенов оценувајќи ги перспективите на градот под водство на новиот градоначалник.
Пенов, кој во два мандати беше градоначалник на Скопје а отсега ќе биде и член на новиот Совет на главниот град, со своето долго градоначалничко искуство како предуслов за успех му порачува на новиот шеф на Скопје да ги продолжи почнатите проекти.
„Досега новите градоначалници ги прекинуваа почнатите проекти и заглавуваа, а најголем ефект се постигнува кога ќе се заврши започнатото. Сега има почнати 50 проекти, треба тие да се завршат и паралелно да се подготвуваат нови проекти. Потребна е нова опрема во јавните претпријатија затоа што со постојната тие не можат да функционираат“, вели Пенов во изјава за ДВ.
Искуството како градоначалник на Кисела Вода, му овозможува на Ѓорѓиевски извесна предност. Неговата партија ВМРО-ДПМНЕ го опиша како успешен во водството на општината и сега очекува тоа да го пренесе и на метрополата.
„Ѓорѓиевски секогаш беше отворен за комуникација и заедничко носење одлуки, без разлика на политичката припадност на советниците. Тој редовно присуствуваше на седниците на Советот, активно учествуваше во расправите и секогаш беше подготвен да одговори на сите прашања“, вели за ДВ досегашниот претседавач на Советот на општина Кисела Вода Иван Живковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Радост има, триумф нема
Ѓорѓиевски, кој ја запечати триумфалната победа со големи зборови, цврсто е уверен во својот успех како градоначалник на метрополата. „Ние нема да застанеме додека секој човек не се чувствува горд што живее во своето Скопје. Секоја улица, секој плоштад, секој дом во овој град бара работа, ред и правда.
И токму тоа ќе му го дадеме“, порача тој веднаш по пребројувањето на гласовите.
За разлика од пред четири години кога пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ Арсовска и Мицкоски го предводеа победничкиот марш, овој пат во партискиот врв се славеше, но изостана триумфален тон. Изненаден од нискиот одзив, премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски упати порака кон незадоволните.
„И вашиот глас и вашата тишина ги слушнавме, затоа што оваа победа не е само победа на оние што гласаа за нас туку и обврска кон сите вас што сѐ уште чекате да видите голема промена“, порача Мицкоски.
Но, ќе има ли сили асот на премиерот Христијан Мицкоски да го препороди Скопје? Идниот Совет на Скопје е прилично шаренолик при што ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници во 45-члениот состав, по шест советници имаат Левица, ДУИ и ВЛЕН, пет СДСМ, еден ЗНАМ, и тројца независни. Мнозинството во Советот ќе го има градоначалникот со 25 наспрема 20 условно кажано опозициски советници.
Уважувањето на опозицијата според некои е одлика на Ѓорѓиевски, а според некои не. Владимир Грујовски, советник од СДСМ во Советот на Кисела Вода вели дека Ѓорѓиевски имал кон нив „коректна но формализирана комуникација“.
„Неговиот однос повеќе беше процедурно исполнување на обврските отколку суштински дијалог и конструктивна размена на мислења меѓу извршната и советничката власт во општината“, изјави за ДВ Грујовски.
Од друга страна, пак, забележливо е дека кај Орце Ѓорѓиевски, премиерот и партиски лидер има посебно место. „Најмногу благодарам на премиерот Христијан Мицкоски, мојот најсилен столб“, порача Ѓорѓиевски по победата.
Тоа, пак, според досегашните искуства може да значи и нагласени партиски стеги при извршувањето на градоначалничката функција. Скопје тоа го почувствува на своја кожа кога силните партиски стеги доведоа до крах во односите меѓу досегашната градоначалничка и Владата, што резултираше со колапс на градот.
Скопјани чекаа чистење
Првите прогнози се дека таква криза нема да се повтори. „Не верувам дека во иднина ќе има блокада на Советот, бидејќи сега има јасно мнозинство а од составот на Советот не гледам дека некој е влезен за да блокира“, вели за ДВ некогашниот градоначалник а сега советник во Скопје Ристо Пенов. Тој, сепак предупредува на партиските директиви како потенцијален ризик. „Блокада може да се случи само со партиски директиви. На персонално ниво што и да се случи недоразбирањата лесно се надминуваат“, рече тој.
Советникот Грујовски во Кисела Вода опишувајќи ја соработката со Ѓорѓиевски вели дека на прашањата поставени од опозициските советници, тој одговарал со образложение за реализираните активности, најавувајќи дека идентификуваните проблеми се веќе опфатени во неговиот план и програма за работа.
„Одговорите кои ги даваше беа слични по својата структура и содржина, при што неговиот настап често зависеше од тоа дали прашањата беа поставени од советници од позицијата или од опозицијата“, вели Грујовски.
Наспроти тие искуства, партискиот поглед на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничкото минато и иднина на Ѓорѓиевски е полн со пофалби. „Имавме одлична и конструктивна соработка“, вели за ДВ соговорникот од оваа партија Иван Живковски.
„Предвидувам дека новиот градоначалник Ѓорѓиевски ќе успее да оствари плодна и конструктивна соработка со членовите на Советот. Секој советник има важна улога во процесот на донесување одлуки, а заедничката работа ќе овозможи успешно реализирање на бројни проекти од значење за нашиот град“, изјави Живковски кој претходно соработуваше со него во Кисела Вода.
Изборите ги карактеризираше историски најнизок одзив при што од 474.304 запишани избирачи на гласање излегоа само 167.575 од кои 10.528 решија да уфрлат неважечки ливчиња. Ѓорѓиевски притоа убедливо го победи својот противкандидат Амар Мециновиќ со 95.572 наспрема 61.475 гласови.
Скопјани, во меѓувреме, чекаат да се оствари првото ветување на новиот градоначалник дека ќе го исчисти градот за 72 часа. Тоа би бил добар почеток.