1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полиелеј за МПЦ

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
11 ноември 2024

Веста за одликувањето на еден од најосудуваните криминалци во земјата од страна на МПЦ, за мене беше шок. Тоа е таква вест што човек ја дочекува со извик: „Отвори се, земјо, голтни ме”! Пишува Димитар Димитров

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. СтефанФотографија: Petr Stojanovski/DW

По сѐ што сум поминал и видел во мојот долг живот, тешко нешто да ме шокира. Сепак веста за одликувањето на еден од најосудуваните криминалци на „заробената држава“ од страна на МПЦ, за мене беше шок. Читам и не верувам. Не ми се верува. Тоа е таква вест што човек ја дочекува со извик: „Отвори се, земјо, голтни ме”! 

Веста помина како неутрална медиумска информација, претпоставувам, поради деликатноста кон нашата црква и нејзините иманентни „маки”. Таквата милост на црквата и откажаа новинарките Катарина Синадиновска (Солуција) и Соња Крамарска (Deutsche Welle), кај кои победил христијанскиот етос, па го анатемисуваат тој чин на антихрист. 

Црквата во нашата народна традиција се доживува како слив на највисоки вредности (добрина, праведност, чест, принципиелност, убавина, љубов). Кога некој ќе создаде дело од таква вредност, се вели: „Направи црква”. Т.е. направил божје дело. Обратно, неделата се восприемаат како ѓаволска работа. 

Неевангелски чинови

Црквата во Новосело почнала да се гради во 2012 година. На табла како ктитори биле наведени Орце Камчев и Сашо Мијалков (со брат му). Тоа значи дека паралелно со правењето црква во буквална смисла, двајцата „божји луѓе” реално го краделе народот; Мијалков како шеф на УБК ја злоупотребувал службената функција и вршел грозни други незаконски и неморални дејствија. Организацијата на Тодор Александров, роден крај местото на градбата, за многу помал криминал казнувала со смрт. Македонското МНР не се согласило со предлогот на бугарското МНР, за почесен конзул на Бугарија да биде прифатен Камчев, ценејќи дека тој статус не оди со бесчестието на криминалот. МПЦ ниту требало, нити можела да постапи како ВМРО на Александров, но сообразно на примерот на МНР-то, била должна да се заблагодари за донацијата како маска за неевангелски чинови и да ја откаже градбата на црквата. 

Од своја страна Мијалков и Камчев дејствуваа во рамките на режимот на груевизмот, што на општ план тераше криминал под маска на легитимни проекти. Неделото заврши - не заврши со девастација на актерите, со бегство на челникот во Будимпешта, со низа затворски казни. Мијалков е меѓу зло-сторителите со најголем број обвиненија и пресуди (ефектуирани, укинати или застарени). Тоа го прави синоним на криминал.

МПЦ, која пропуштила на време да се дистанцира од криминалната стапица, сега го „унапредува” своето прегрешение - му дава орден на ктиторот, иако знае дека неговиот дар е покритие за казниви сторенија. Таквиот „гест” ги хомогенизира давателот и примателот на орденот: давателот станува состорител на криминалот, на примателот му обезбедува простување на гревовите, та и место до светците! 

Орденот го врачил надлежниот владика, црквата ја осветил архиепископот г.г. Стефан. Поглаварот на МПЦ го носи името на свети Стефан, првомаченик на верата; орденот го носи името на свети Никола, синоним за добродетел, заштитник на онеправданите (бедните, неправедно затворените…). Тоа единство е иконографски овековечено: Мијалкови, со ордените во раце, стојат закрилени од владиката и архиепископот! 

МПЦ во служба на неказнивоста

За свештено лице кое не одолева на неевангелски искушенија се употребува нарек „распоп”. Тој нарек подразбира делегитимација на свештеникот и црквата како посредници меѓу верникот и Бога, релативизација или губење на верата и општа морална осуда, од свои верници, иноверници или атеисти. Големите религии кореспондираат со етичките системи - на Сократ, на Кант, на Вебер…; а великани како Гледстон и Ганди, тие системи ги преточуваат во политика. Човештвото има иднина во позитивна симбиоза на тие три системи. 

За жал, во транзицијата заодивме со главата надолу. Политичарите принципиелните луѓе ги упатуваат во црква („Ти си за црква, не си за политика”); црквата станува политика; моралот останува сираче.

Со понижувањето на свети Стефан и свети Никола во Новосело, МПЦ се става во служба на тенденцијата на неказнивост, надоврзувајќи се на нелегалното колективно помилување на претседателот Иванов и нелегитмните измени на Кривичниот законик, што направија многу престапи да се декриминализираат; обвинети, од судски рочишта, да се преселат во собраниските клупи.

Така црквата ја корегира државата на најлош можен начин, во услови кога борбата против неказнивоста и криминалот, а наспроти нив владеењето на правото, нѝ се налагаат како главни предуслови за интеграцијата во ЕУ. Така преку линијата на секуларноста се обезбедува заедничко паралелно вртење: на државата од Брисел кон Белград, на МПЦ -  од вселенската кон српската црква. Со оглед на присутноста на Охридската архиепископија во името на МПЦ, се фрла сенка и преку делото на свети Климент и свети Наум. И на нивните земни покровители цар Симеон и цар Самуил. 

Г.г. Стефан го запознав во 1996 г. на велешките гробишта,  при презакопувањето на посмртните останки на  53-те жртви од масовната ликвидација во 1945, дотогаш криени на непозната локација. Пред отворен ковчег, полн черепи, тогашниот владика и јас, со стегнати грла, се простивме од жртвите со зборови на пиетет кон нив и осуда кон џелатите. Како да сме се подготвувале за тажниот чин на иста маса. Мене ми мина низ глава: еве човек за поглавар на МПЦ. И тоа се збидна, и јас сега останувам со грижа на совеста поради таа грешна мисла.

Насловот на колумнава е парафраза на насловот на најубавата песна на ангелогласниот свети Јован Кукузел, кој, со нежна душа на син, ја посветил на мајка си, упатувајќи ѝ „многу милост” (поли елеј)  Бидејќи вториот збор на грчки е хомоним (значи и милост, и масло), со насловот изразувам жалење, што милоста на МПЦ ја удавило маслото.  

 

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми