Ормуски Теснец: колку се опасни морските мини
20 април 2026
Повеќе од десетина земји се договорија за меѓународна мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец по прекинот на воените дејствија во војната во Иран. Во Париз германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Бундесверот ќе учествува во чистење на мини и поморско извидување. Конференцијата беше свикана од Франција и Велика Британија во петокот.
Опасност за карго бродовите
Персискиот Залив и околниот регион за сега остануваат опасна зона за трговските бродови, Иран не дозволува премин. Ризични фактори не се само можни гранатирања од страна на завојуваните страни, туку и подводни закани откако на почетокот на месецов Иранската револуционерна гарда објави дека раководството во Техеран наредило минирање на теснецот. „Не знаеме со сигурност дали таму навистина има мини, но латентната опасност е доволна. Никој во воената зона во моментов не може да го провери тоа“, вели Јоханес Петерс, раководител на Одделот за поморска стратегија и безбедност при Институтот за безбедносна политика на Универзитетот Кристијан Албрехт во Кил.
Како функционираат морски мини?
Такви се користени уште во Првата и Втората светска војна, кога се работело за закотвени мини. Тег прицврстува јаже на морското дно, а на другиот крај плови топка со т.н. детонатори. Ако брод или подморница ги погоди овие детонатори, мината експлодира. Во тоа време бил нужен директен контакт за детонација. „Современите мини немаат многу допирна точка со ова“, објаснува Петерс за ДВ. Мините и денес се закотвуваат на морското дно со оглед на тоа дека целта е да се обезбеди на една завојувана страна контрола над одреден предел, но за самата детонација веќе не е потребен директен физички контакт, вели Петерс.
Наместо тоа, модерните поморски мини се активираат од бранови на притисок, електромагнетни сигнали или бранови на звук. Секој дизајн на брод има свој електромагнетен или акустичен потпис и прави определен притисок , што значи дека емитува различни сигнали. Мините може да бидат програмирани да реагираат само на звучните бранови на одреден тип брод. „Со помош на подморници може да се открие звучниот потпис на непријателските бродови“, вели Петерс, а потоа мините се програмираат за нив. „Непријателските бродови ги активираат мините со нивниот звучен потпис, додека сопствени бродови без проблем може да се движат низ минираната област“, објаснува експертот.
Трагањето по мини на морското дно бара многу време
Расчистувањето на мини, т.н. ловење мини, одзема многу време. Кога ќе биде пронајден сомнителен предмет, прво мора да се утврди дали претставува опасност. Ако е така, одлуката се носи за конкретниот случај околу прашањето што да се прави со експлозивната направа. Дали прво да се извади од таму, или да се деактивира под вода или да има контролирана експлозија? Таквата опасна задача ја презема воен персонал со соодветна обука, односно „единицата за отстранување на подводни бомби“, како што ја нарекува Петерс. Некогаш тоа е можно и без да се ризикуваат човечки животи. „Кога ситуацијата тоа го дозволува, користиме дронови за да ги идентификуваме и уништиме предметите што ги наоѓаме“, вели во друг контекст за ДВ на почетокот на годинава Микола, војник во украинскиот тим за расчистување на поморски мини во Црното Море. Руската морнарица го минираше Црното Море како дел од војната на Владимир Путин против Украина.
Морнарица: Дронови против морските мини
И германската морнарица веќе користи дронови за таа намена. „Првенствено користиме автономни системи за скенирање на морското дно“, вели командантот Андреас од Третата ескадрила за чистење мини на германската морнарица, кого од безбедносни причини ќе го цитираме без презиме. „Порано за таа намена се пловеше со чамци со сонарна опрема директно над минираниот предел. Благодарение на системите кои не бараат човечко присуство, 40 членови на екипажот веќе не мора да се ставаат во директна опасност“, вели Андреас. Тоа не значи дека воопшто не е потребен човечки персонал. Дроновите испраќаат слики од морското дно, кои потоа треба да се анализираат што е само старо железо, а што всушност опасна морска мина? Оваа одлука и тоа како да се справат со експлозивната направа, и натаму ја носат луѓе. Употребата на дронови за истражувања на морското дно ја прави морнарицата поефикасна, вели командантот Андреас во интервју за ДВ. Сепак, потребни се децении и подолго за по една војна морското дно да биде целосно расчистено од мини, потврдува и Артјом, Украинец од тимот за расчистување на мини во Црното Море. „Ние сè уште наидуваме на мини од Втората светска војна, понекогаш дури и од Првата“, вели војникот и додава дека „тоа покажува колку години работа имаме пред нас“.
Тешко би било да се користат дронови во Ормускиот Теснец
Дроновите што ги користи морнарицата заради батеријата не може да се распоредуваат во предолг временски период што значи дека мора да бидат „распоредени“ прилично блиску до делот што треба да се пребарува. „Секогаш мора да сте блиску“, вели командантот Андреас. „Во чувствителна средина како Ормускиот Теснец, тоа би било тешко.“
„Иран има голем дострел и ние мора да го заштитиме нашиот персонал“, објаснува тој. Неколку компании веќе работат на развој на дронови чии батерии би држеле подолго, меѓу кои и Евроатлас со седиште во северногерманскиот град Бремен. Нивниот подводен дрон „Грејшарк“ актуелно има капацитет од шест часа непрекинат ангажман во морските води при брзина од десет јазли и три пати подолго при брзина од четири јазли. Верзијата на батерии ќе влезе во сериско производство во септември 2026 година. Друга верзија наменета автономно да може да работи на море неколку недели, ќе влезе во сериско производство кон крајот на годинава.
Дронот „Грејшарк“ можеби наскоро ќе почне да се користи
„Во Ормускиот Теснец бродовите на површината се изложени на ризик од гранатирање од копно, а тоа важи и за миночистачите“, вели Маркус Бир од одделот за автономни системи во Евроатлас. „Подводното извидување [со дрон] би било можно без ескалација на ситуацијата“, вели тој. „Грејшарк“ би можел да биде лансиран од безбедно растојание. „Малите дронови што денес се користат за лов на мини работат само неколку часа. 'Грејшарк' може да стаса многу подалеку од нив“, појаснува Бир за ДВ. Освен тоа, овој дрон прави слики со висока резолуција и може самостојно да идентификува објекти што ги детектира на морското дно. Германската морнарица и други земји беа во можност да се уверат во перформансите на „Грејшарк“ за време на вежбата на НАТО РЕПМУС 25 во португалското крајбрежје минатиот септември.