Најавена поморска блокада: Нов скок на цените на нафтата
13 април 2026
Цените на нафтата повторно пораснаа откако пропаднаа преговорите меѓу САД и Иран за окончување на војната. Ноќеска, недела кон понеделник, цената на барел (159 литри) сурова нафта од типот Брент од Северното Море, со испорака во јуни, скокна за девет проценти - на речиси 104 долари. Во раните утрински часови, цената на фјучерсите за нафта изнесуваше околу 102 долари, што е за седум проценти повисока од петокот вечер.
Пред почетокот на разговорите меѓу САД и Иран во пакистанскиот главен град Исламабад во саботата, цената за барел изнесуваше 95,20 долари. А цената на американската нафта ВТИ, со испорака во мај, исто така, ноќеска значително порасна. Цените на нафтата во моментов остануваат најважниот индикатор за загриженост на пазарот во врска со инфлацијата и економските перспективи.
За денеска, американската војска, по наредба на претседателот Доналд Трамп, објави блокада на бродовите во Ормускиот теснец кои влегуваат или заминуваат од иранското пристаниште. Во исто време, армијата објасни дека нема да биде попречено поминувањето на бродовите чија дестинација или почетна точка не е иранското пристаниште. Блокадата треба да започне во 16 часот по средноевропско време, најави Трамп.
Трамп сака да ја искористи блокадата за да го спречи Иран да наплаќа такси на бродските компании за премин низ теснецот и во исто време да ја исклучи земјата од приходите од нафта. Иран е еден од најголемите светски производители на нафта. Според тоа, Ормускиот теснец е од огромно значење за Техеран за транспорт на својата нафта на меѓународните пазари.
Од почетокот на војната, цените нагло пораснаа. Кога во средата беше објавено двонеделното примирје, цената на суровата нафта Брент падна на речиси 90 долари - најниско ниво од средината на март.