1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај: Колку се осамени Германците

Бенџамин Најт
28 декември 2024

Осаменоста е сѐ поголем проблем кај младите во Германија, со големо влијание врз здравјето. Ново истражување покажа дека повеќето Германци доживеале осаменост.

Особено помладите луѓе во Германија се чувствуваат осамено овие денови
Особено помладите луѓе во Германија се чувствуваат осамено овие деновиФотографија: Dominic Lipinski/empics/picture alliance

Осаменоста станува сѐ поголем проблем во Германија, барем според новото истражување спроведено од една од водечките компании за јавно здравствено осигурување.

Околу 60 отсто од Германците често, понекогаш или ретко се чувствуваат осамено, покажува истражувањето кое во средата во Берлин го презентираше Техникер кранкенкасе (TK).

Во анкетата спроведена од институтот Форса во текот на мај годинава учествувале 1.403 лица.

Се чини дека осаменоста има прилично големо влијание врз младите луѓе - оние на возраст меѓу 18 и 39 години, од кои 68 отсто велат дека често, понекогаш или ретко се чувствуваат осамено. Се чини дека осаменоста е поголем проблем кај помладите: 36 отсто од населението на возраст од 18 до 39 години велат дека осаменоста многу силно или силно ги погодува, додека кај возрасната група меѓу 40 и 59 години и оние 60+, само 19 отсто се чувствуваат исто, односно 21 отсто.

Презентирајќи го истражувањето во средата во Берлин, Јанош Шобин, социолог од Мрежата на осаменост (Lonliness Network) поддржана од владата, на прес-конференција рече дека чувствата на осаменост влијаат на животните промени кои се почести на помлада возраст: напуштање на родителскиот дом, преселба во друг град, промена на работното место.

Самците имаат трипати поголема веројатност да се чувствуваат осамено од оние во врска, а иако силата на ова чувство не се разликува меѓу жените и мажите, се чини дека партнерската врска игра улога во тоа: 33 отсто од оние кои живеат сами го чувствуваат товарот на осаменоста многу силно или силно, додека кај оние во стабилна врска таа бројка е само 22 насто.

Осаменоста и натаму е табу тема за мажите

Истражувањето покажало дека нивото на образование и работа, како и фактот дали луѓето живеат во поголеми или помали средини, не влијаат значително на чувството на осаменост. Тие не влијаат значително ни на разликата во процентот на осамени мажи и жени. На осаменоста најмногу влијае дали личноста е во партнерска врска и има социјални контакти, додека сиромаштијата ја зголемува можноста за ова чувство, а постарите самци имаат поголема веројатност да бидат поосамени отколку помладите самци.

Животните промени се, исто така, значаен фактор: губењето на работа или на партнер, без разлика дали е поради разделба или смрт, често води до прекин на социјалните контакти и до осаменост.

 

Признавањето за чувството на осаменост е тешко за сите, покажува истражувањето, а особено за мажите. Само 22 отсто од мажите кои признале дека се чувствуваат осамено велат дека разговарале за тоа со други. Од друга страна, 40 отсто од жените го направиле истото.

Како главна причина зошто е тоа така, мажите одговараат дека не сакаат никого да оптоваруваат со своите проблеми. 29 отсто од нив одговориле дека зборувањето за осаменоста им предизвикува непријатност, додека 9 отсто од нив велат дека немаат со кого да разговараат на темата.

Осаменоста е и здравствен проблем

Физичкото и менталното здравје се поврзани со растечкото чувство на осаменост. Речиси 23 отсто од оние кои доживеале осаменост велат дека се чувствуваат и здравствено лошо - во споредба со оние кои не се осамени. Нарушеното здравје особено води до осаменост доколку личните ограничувања, како оние што се поврзани со попреченост, губење на слухот или депресија, ја отежнуваат комуникацијата со другите.

Осаменоста влијае и на психата: стресот и исцрпеноста, заморот, безнадежноста, нарушувањата во спиењето и анксиозноста, се симптоми кои почесто се појавуваат кај осамените луѓе.

Осамените баби на Божик

04:02

This browser does not support the video element.

„Осаменоста може да доведе и до физички тешкотии. Тоа веќе не е теорија. Тоа е докажано“, рече претседателот на одборот на ТК, Јенс Бас, на презентацијата на истражувањето во Берлин, поврзувајќи ја осаменоста и со деменцијата.

Луѓето кои се осамени генерално чувствуваат повеќе физички тешкотии, како што се болки во грбот или во стомакот, и имаат тешкотии со дишењето или проблеми со астма.

Токму затоа врската помеѓу осаменоста и здравјето останува еден вид научна мистерија. „Би било убаво да може да се објасни врската -- но, тоа не е едноставно“, вели Бас. „Во науката јасно ја гледаме врската помеѓу душата и телото – ја гледаме преку многу болести, но не знаеме како да ја објасниме физиолошки.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми