1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска поддршка за европското досие на Северна Македонија

ДТЗ
21 октомври 2022

Германија останува најважен партнер за политичко интегрирање на земјата во европските и евроатлантските организации. Провокации на поединци и групи не смеат да го загрозат процесот и односите со Бугарија

Аналена Бербок Бујар Османи
Аналена Бербок и Бујар Османи во БерлинФотографија: Mazedonisches Außenministerium

Германија останува силен поддржувач на европското досие на Северна Македонија и во иднина со несмалено темпо. Ваква порака испрати министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок, на средбата со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во Берлин. 

Двајцата соговорници изразиле задоволство од високото ниво на политички дијалог и партнерските односи кои Северна Македонија и Германија ги воспоставија во изминатите 30 години дипломатски односи заклучувајќи дека соработката и партнерството ги карактеризира три децении поддршка, соработка и градење мостови меѓу двете држави. 

„Особено го цениме фактот што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашањата за нашето политичко интегрирање во европските и евроатлантските организации. Северна Македонија останува кредибилен партнер во регионот, и од аспект на НАТО присуството на Балканот, како земја членка, и од аспект на заштитник и промотор на европскиот кредибилитет во регионот“, истакна Османи. 

Тој изрази благодарност за силниот интерес на Германија и канцеларот Олаф Шолц да го ревитализира Берлинскиот процес како значајна алатка која ги поддржува евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан со цел нивно поскоро приклучување кон Унијата, но и за заедничко адресирање на актуелните предизвици со кои се соочува европскиот континент. 

Провокациите не смеат да ги загрозат добрососедските односи

Османи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес имаше средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, на која е потенцирано дека не треба да се дозволи провокациите на поединци и групи да ги загрозат добрососедските односи. 

Во фокусот на првата средба меѓу двајцата министри, по назначувањето на министерот Милков на функцијата, во август годинава, биле бројните провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период засилено доминираа во јавниот дискурс. Заеднички е нагласено дека продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти се единствениот пат кој ќе доведе до  промена на контекстот во кој се дејствува и се влог во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани. 

Претходно бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев порача дека Северна Македонија ги загрозува основните права на Бугарите утврдени со Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање, слобода и слободно изразување на убедувањето. Тој нагласи дека согласно одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни 2022 година, Бугарија ќе ја поддржи европската интеграција на Северна Македонија само под услов доколку се гарантираат правата на Бугарите во земјата, додавајќи дека „последните законски измени во Скопје противречат на тој услов“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми