1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи и неподносливата леснотија на дилетантизмот

16 октомври 2024

Ако предлогот на Османи би можел да води кон потенцијално решение со Софија, тогаш зошто лидерот на ДУИ не го спомнал на неодамнешната средба со бугарскиот амбасадор во РСМ? Пишува Катерина Блажевска

Бујар Османи во времето кога ја извшуваше функцијата министер за надворешни работи (март, 2021 година)Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„И ние денес можевме да имаме преговори. Зависеше од нас. Да ги направевме уставните измени, ние денес ќе бевме во Брисел на втората конференција и ќе го започневме поглавјата“, изјави вчера поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Вчера беше денот кога најмногу што Османи требаше да направи, е да молчи. Не само што избра лош тајминг да ламентира за застојот на македонскиот евроинтегративен пат, туку отиде и чекор понатаму, во уште полоша насока. Предложи спроведување на уставни измени, со заштитна клаузула.

„Ние треба да ги спроведеме уставните измени. Еве јас одам чекор понатаму. Доколку ги направиме уставните измени денеска, ние слободно можеме во законот за спроведување на Уставот, да воведеме клаузула - доколку во времетраење од пет години Бугарија продолжи да ја попречува Македонија, без тоа да се однесува на ЕУ, парламентот да ги суспендира уставните измени“, рече Османи на ТВ 21.

Што ѝ порачуваме на ЕУ?

Кога беше искрен? Кога, како шеф на дипломатијата ја убедуваше јавноста дека „ние сме најдобри во сферата на човековите права, најдобри во колективните права и дека низ уставните измени ќе играме на терен каде што сме најдобри", или сега, кога предлага заштитна клаузула? Неговиот предлог пост фестум не само што е лицемерен, туку е крајно штетен.

Кога поранешната опозиција предлагаше одложено дејство за уставните измени, Османи изјавуваше: „Ако прифатиме одложено дејство, им укажуваме на земјите-членки дека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите, сѐ до членство во ЕУ".

А што би им укажале на земјите членки на ЕУ со ваков предлог? Дека правата на Бугарите во РСМ ќе подлежат на реверзибилен процес? Значи, денес и утре ги имаат, ама задутре може и да ги немаат. А со оглед дека уставните измени предвидуваат впишување и на други делови од народи во Уставот, дали и тие ќе бидат колатерална штета од активирање на клаузулата? Или ќе бидат „казнети“ само Бугарите?

Шибицарење

Додека беше министер за надворешни работи Османи самоуверно тврдеше дека „имало обид целиот фокус во дискурсот со Бугарија да се стави на историски и идентитетски корпус на прашање, ама НИЕ сме успеале ја убедиме ЕУ целиот дискурс со Бугарија да се стави низ призмата на малцинските и човековите права". 

Ова што сега го предлага Османи нема никаква врска со права и особено со нивната трајност, втемеленост и предвидливост. Повеќе наликува на политичко шибицарење и фрлање прав во очите на јавноста, во желба да ја симне и неговата одговорност за брзоплето прифатениот компромис.

На денот кога Албанија суштински ги почна преговорите, а Северна Македонија не, неспроведените уставни измени кои се причина за знакот „стоп" пред Скопје, се последица и тестамент исклучиво од непромислените политички и дипломатски потези на претходната македонска влада.

Впишувањето на Бугарите (и други) во Уставот не смее да биде врзано со никаква клаузула во Законот за спроведување на Уставот. Ничии права не смеат да бидат заложени, да се ревидираат или да зависат од односот на Софија кон Скопје, дури и без спроведени уставни измени.

Не само што не донесе додадена вредност, туку овој предлог на Османи само уште појасно го отслика дилетантизимот што владеел во дипломатијата, можеби не генерално, но сигурно кај нејзини одредени претставници, кои во многу важен период за земјата имаа одлучувачка улога ама, од за нив познати причини, не ја искористија за подобро решение.

Таа загуба не се надоместува со вакви предлози. На овој начин само и се сервира алиби на Бугарија да алармира во ЕУ како се размислува за малцински права во земјата што се опишува како „шампион за малцински права". На крајот, ако овој предлог би можел да води кон потенцијално решение со Софија, тогаш зошто лидерот на ДУИ не го спомнал на неодамнешната средба со бугарскиот амбасадор во РСМ?

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми