1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Украина ќе ни биде прв приоритет

ДТЗ
12 јануари 2023

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во Виена ги претстави приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Бујар Османи
Османи најави дека Украина ќе биде прв приоритет во претседавањето со ОБСЕФотографија: NMazedonien MFA

„Вчера го нема. Утре сè уште не е дојдено. Имаме само денес. Да почнеме“ - со овој цитат на скопјанката Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза, шефот на дипломатијата, Бујар Османи пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена ги претстави приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со организацијата во 2023 година.

Со слоганот „За луѓето се работи“, претседателството на Македонија во наредниот период ќе биде фокусирано на луѓето „кои ќе бидат силата што ќе нè води во годината што претстои“. Османи најави дека Украина ќе биде прв приоритет во претседавањето со ОБСЕ, но дека има и други подрачја во регионот на ОБСЕ кои се кризни и во кои има регионална нестабилност и потенцијал за нови конфликти.

„Украина ќе остане наш главен приоритет. Агресијата мора да престане. Опустошувањето и убивањето цивилно население се неприфатливи. Вознемирувачки е да се гледа како луѓето страдаат. Последиците и цената од оваа војна за регионот на ОБСЕ и пошироко се жалосни и неподносливи“, порача Османи и додаде: „Наша должност е да реагираме денес. За луѓето. Тие ја бараат нашата поддршка“, потенцираше Османи.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во Виена ги претстави приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 годинаФотографија: NMazedonien MFA

Приоритети

Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ги подобри координацијата и заедничката одговорност во реализацијата на активностите, неопходни во донесувањето позитивни промени.

Приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност, со акцент на ситуацијата во Украина, најави Османи. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти, според него, ќе бараат континуирано внимание. Османи рече дека како земја претседавач со ОБСЕ во текот на целата година очекува поддршка во работата од сите држави учеснички.

Османи во своето обраќање ја претстави намерата да ја покани Финска да му се приклучи на форматот „тројка“ на ОБСЕ и најави дека Македонија е подготвена за предизвикот што ја очекува во 2023 година.

„Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста имајќи предвид дека за нашата земја претставува привилегија да претседава со оваа организација. На овој пат нашите успеси и неуспеси ќе бидат и ваши. Тешките времиња во кои живееме бараат мудрост, одговорност за нашите постапки и посветеност на начелата од Хелсиншкиот завршен документ. Тие се нашиот светилник на надежта, но и сигнален оган дека за овие начела не се преговара. Тие ќе бидат нашиот кодекс на вредности и однесување“, рече Османи. Османи на крајот од своето обраќање порача дека не треба да постои страв од иднината и дека треба да се работи за подобра утрешнина, за иднината на ОБСЕ и иднината на луѓето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми