1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Осми мај 1945: тотален пораз или ослободување на Германија

8 мај 2023

По крајот на Втората светска војна на 8 мај 1945, избувна расправа за историската одговорност и виновниците. Западна Германија повеќе се мачеше со тоа отколку комунистичкиот исток каде владееше државен антифашизам.

Ende Zweiter Weltkrieg Sowjet Flagge auf Reichstag
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Chaldej

На 8 мај 1945 година оружјето конечно замолкна. Конечно заврши војната која ја започна националсоцијалистичкиот Рајх на Адолф Хитлер. Со безусловната капитулација на Вермахтот се стави крај на крвопролевањето, најпрво само во Европа. Бидејќи нацистичкиот сојузник Јапонија се предаде дури во август, кога САД извршија атомски напади врз Хирошима и Нагасаки. 
За сојузниците- предводени од Советите, Американците, Британците и Французите- 8 мај е ден за славје, и покрај загубите. Сосема поинакво е расположението во тогаш разорената Германија, поделена на четири окупациски зони. Тоталниот воен пораз доведе до чувство на срам и вина. Рајхот ја започна војната со упад во Полска и предизвика дотогаш невидени воени злосторства, пред сѐ систематското уништување на 6 милиони Евреи. 
Но, ни вината кај мнозинството Германија не доведе до тоа 8 мај наредните години да се прифати како Ден на ослободувањето. Германија беше окупирана, а започнуваше идеолошка војна меѓу комунистичкиот СССР и демократскиот Запад кој беше почеток на германската и европската поделба. 

Трагичен парадокс 

Токму на 8 мај 1949 година, четири години по крајот на војната, во Бон се сретнале водечките политичари за да го заклучат Основниот закон на Сојузна Република Германија, составена од четири окупациски зони. 
„Во суштина, тој 8 мај 1945 останува најтрагичниот и најконтроверзниот парадокс на историјата за секој од нас. Зошто? Затоа што воедно бевме спасени и уништени“, рече либералниот политичар Теодор Хојс, кој следната година стана првиот претседател на Западна Германија.  
Неколку години подоцна, со посетата на поранешниот концентрационен логор Берген-Белзен, Хојс направи важен гест. 
„Германците никогаш не смеат да заборават што правеле луѓето од нивната национална припадност во тие срамни години“, рече Хојс. „Ние знаевме за тие работи“.

Теодор Хојс беше избран за прв претседател на Сојузна Република Германија на 12 септември 1949 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Споменик на Црвената армија: „Ослободител“ 

Додека во Западна Германија се соочуваа со германската вина, Германската демократска република (ГДР) го славеше антифашистичкиот култ преземен од Советскиот сојуз. Во Источен Берлин е подигнат огромен спомен-центар за преку пет илјади паднати борци на Црвената армија. 
Во центарот на споменикот е војник со дете в рака, додека со чизма го гази кукестиот крст. Споменикот „Ослободител“ е синоним за победата на Советите над нацистичка Германија.
Во тој стил и ГДР се претставува како бариера против фашизмот и империјализмот. Непријателите се западно од Лаба и Атлантскиот океан, во прв ред, Западна Германија и САД. Тука не останува простор за самокритичен однос кон сопствената одговорност (и на источните) Германија за стравотиите од нацистичкото време. 
Клучна фигура станува Валтер Улбрихт кој, по налог на Москва, спроведува принудно обединување на Комунистите и Социјалдемократите во Единствена социјалистичка партија на Германија (СЕД). 
Под Улбрихт, 8 мај станува Ден на ослободување, годишен ритуал кој власта го користи за пропаганда. Во центарот на вниманието секогаш се актуелни политички теми. Па така, десеттата годишнина од војната Улбрихт ја користи за пресметка со влезот на СР Германија во НАТО. Пред 200.000 луѓе во Берлин, Улбрихт му префрла на Западот дека стои на патот на обединувањето на Германија, додека ГДР како „мирољубива и демократска“ држава се бори за обединување. 

Споменик на Црвената армија: „Ослободител“ во БерлинФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schoening

Конрад Аденауер: „Прочистување и промени“ 

Истовремено, западногерманскиот канцелар Конрад Аденауер го гледа членството во НАТО како доказ дека постои доверба во неговата земја како млада демократија. Како што рече Аденауер десет години по војната, германскиот народ со „бескрајни страдања“ ги плати злосторствата сторени во негово име. „Низ тие страдања дојде до прочистување и промени“. 
На 20-та годишнина од крајот на војната, наследникот на Аденауер, Лудвиг Ерхард како прв политичка од Западна Германија го спомена зборот „ослободување“. Но и додаде дека тоа во комунистичките земји е первертирано во неслобода. Доколку со поразот на хитлерова Германија од светот беа прогонети неправдата и тиранијата, тогаш човештвото би имало причина да го слави 8 мај како ден на слободата, рече Ерхард. 

Конрад Аденауер (втор од лево) при приемот на СР Германија во НАТО, 20.10.1954Фотографија: picture-alliance/UPI

Промени со Брант

Беа потребни уште пет години додека политичката елита на СР Германија не направи решавачка промена на погледот за крајот на војната. Под првиот социјалдемократски канцелар Вили Брант потпишани се Московскиот и Варшавскиот договор. Помирувањето со некогашните воени непријатели од Полска и СССР беше голем чекор. За тоа Брант следната година ја доби Нобеловата награда за мир. 

Вили Брант, на колена пред споменикот на Жртвите на варшавското гето, 07.12.1970Фотографија: Imago/Sven Simon

Во неговиот говор за 8 мај, за волја на вистината, не се споменува зборот „ослободување“, но Брант изрично ја пофали улогата на жените, бегалците и прогонетите во обновата на Германија. Особено ги фали „нашите сонародници во ГДР“, бидејќи под потешкотии и во услови „кои не ги бираа самите, постигнаа успеси на кои се горди и кои сите мораме да ги признаеме“. 
Под поранешниот Брантов либерален шеф на дипломатијата, Валтер Шел, кој во 1974 стана претседател, тонот дополнително се менува. „Ослободени сме од страшен јарем, војна, убивања, угнетување и варварство“, ќе рече тој на 30-годишнината од крајот на војната. „Не забораваме дека ослободувањето дојде од надвор, затоа што ние Германците не бевме способни да го отфрлиме тој јарем“. 

Во 1985 година, слични зборови изговори и еден демохристијански претседател, Рихард фон Вајцекер. Тој експлицитно говори за „ден на ослободување“, токму како и тогашниот канцелар Хелмут Кол. Кол го стори тоа и на 40-годишнина од ослободувањето на концлогорот Берген-Белзен, во присуство на американскиот претседател Роналд Реган. 

Рихард фон Вајцекер: „Ако затворате очи пред минатото, станува слепи за сегашноста“.Фотографија: picture-alliance/dpa

Единствена реторика дури од 1990 година 

Во ГДР, моќникот Ерих Хонекер и натаму го нагласува она што ги раздвојува Истокот и Западот. Тој вели дека ослободувањето од хитлеровиот режим им дава на луѓето шанса да го постават животот на поинакви темели. „Таа шанса кај нас е искористена“. 
До слично толкување на 8 мај, двата дела на Германија доаѓаат дури со падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989. Во ГДР веќе неколку месеци владее демохристијанскиот премиер Лотар де Мезијер. На 45-годишнина од крајот на војната, во 1990 година, пред Светскиот конгрес на Евреите во Берлин тој ќе рече дека 8 мај фрла „долги сенки на повоената историја на Германците“ и ја покажува нивната „неспособност да тагуваат“. 
Се работи за тоа, рече Де Мезијер, „со таа историја да се живее чесно и искрено, таа да биде опомена и сеќавање“. Тие зборови звучат речиси исто како зборовите на западногерманскиот претседател Фон Вајцекер од 1985.
„На овој осми мај да и погледнеме, колку што можеме подобро, на вистината во очи“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми