Дали Стармер ќе ги „преживее“ откритијата од аферата Епстин?
9 февруари 2026
Со денови се шпекулираше дали премиерот Кир Стармер ќе го жртвува својот шеф на кабинет, Морган МекСвини – меѓу другото и за да си купи време. Стармер заради т.н. Манделсон афера се соочува со најголемата политичка криза во неговиот мандат. Искусниот политички стратег МекСвини, 48-годишен Ирец, одигра клучна улога во убедливата победа на Лабуристите на изборите во 2024 година и по ненадејната оставка на претходниот шеф на кабинет, стана најблизок советник на Стармер за владини прашања, партиска политика и комуникациска стратегија.
Човек од доверба на Манделсон
МекСвини истовремено важеше за близок и штитеник на лабуристот Питер Манделсон. Во обид да се извлече од ситуацијата, МекСвини сега си поднесе оставка преземајќи ја одговорноста за назначувањето на Манделсон за амбасадор во САД. Во соопштението за неговата оставка, тој наведува дека одиграл клучна улога во назначувањето на Манделсон на функцијата во Вашингтон. Било погрешно да се назначи Питер Манделсон, пишува МекСвини. „Тој нанесе штета на нашата партија, на нашата земја и на довербата во самата политика“, наведува МекСвини понатаму, кој вели дека во тоа време го советувал премиерот да го назначи Манделсон за амбасадор.
За таквиот совет ја презема целосната одговорност. МекСвини наведе дека најважно е да се мисли на жените и девојчињата чии животи ги уништил Џефри Епстин и чии гласови предолго не биле слушани. Иако тој лично не го надгледувал процесот на безбедносна проверка на Манделсон пред неговото назначување за амбасадор во САД, МекСвини верува дека процесот треба фундаментално да биде преработен. Стармер изјави дека Манделсон лажел во однос на тоа колку бил близок со финансиерот Џефри Епстин, дури и по неговата осуда како сексуален престапник.
Сè повеќе детали во аферата Манделсон
Се огласи и поранешниот премиер од Лабуристичката партија, Гордон Браун. За време на неговиот мандат, Манделсон како министер за економија наводно пренесувал на Епстин доверливи финансиски информации. Браун Би-Би-Си изјави дека Манделсон ја предал земјата и ја довел во опасност. Британската полиција претресе два дома на Манделсон и отвори истрага за злоупотреба на службената положба. Весниците откриваат нови детали, па така се вели дека Епстин му помогнал на Манделсон да купи имот во вредност од повеќе милиони фунти во Лондон, а британската влада му исплатила отпремнина минатиот септември, по неговото разрешување од функцијата амбасадор кога во јавноста испливаа деталите за блиските врски на Манделсон со Епстин. Во анкетите на јавното мислење, Лабуристичката партија многу заостанува зад десничарската популистичка Реформска партија. Според институтот за истражување на јавното мислење Опиниум, повеќе од 55 проценти од Британците би поздравиле оставка од Стармер.
„Не можеме на секои 18 месеци да го менуваме премиерот“
Иако во рамките на Лабуристичката партија е разбранувано и некои пратеници бараат оставка од Стармер, министерот за труд Пет Мекфаден за Би-Би-Си вели дека по толку многу конзервативни премиери еден по друг, уште една оставка би ѝ наштетила на земјата. „Не можеме да го менуваме нашиот премиер на секои 18 месеци. Тоа ѝ штети на економијата, на довербата во нас и на нашиот меѓународен углед. Свесен сум дека сме во ужасна криза, но му верувам на нашиот премиер. Партијата треба да застане зад него и тој да продолжи со работа“, смета Мекфаден. И поранешниот премиер Браун го поддржува Стармер. „Го гледам во очи и гледам човек со интегритет кој направил грешка, но ја признава. Можеби бил премногу бавен да го преземе вистинскиот чекор, но ќе го направи тоа и треба да го оценуваме според она како во следните месеци ќе ја расчисти работата“, вели Браун.
Се очекува документите поврзани со безбедносната проверка на Манделсон пред неговото назначување за амбасадор, да бидат објавени од страна на Парламентарниот комитет во претстојните месеци. Таму би можело да има непријатни предизвици за Стармер.
Засега нема на повидок замена за Стармер
Премиерот му се заблагодари на својот шеф на кабинет за неговата работа преку порака на социјалните мрежи. Но, прашањето што ги занимава сите во Вестминстер, а кое во медиумите се чита на секоја минута, е дализаминувањето на МекСвини е доволно за Стармер да се спаси како премиер? Во моментов се чини дека во корист на Стармер оди тоа што сè уште не се појавил очигледен наследник во рамките на Лабуристичката партија. Поранешниот заменик-претседател, Анџела Рејнер, која мораше да си поднесе оставка заради сомнежи за даночно затајување, сè уште се бори со даночните власти и веројатно нема да биде достапна за тоа. А министерот за здравство Вес Стритинг, кому се припишуваат амбиции за местото на Стармер, се смета за човек од доверба на Манделсон.
Авторка: Габи Бизингер, АРД Лондон