1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Осуда и критики по нападот на Израел во Катар

Тагесшау | ЕМФ
10 септември 2025

Кукавички, подмолно, неприфатливо: нападот на Израел врз функционери на Хамас во Катар го осудуваат особено арапските држави. Шефот на германската дипломатија изјави дека е нарушен територијалниот суверенитет на Катар.

Зграда со светлокафеава боја во Доха оштетена од експлозија. Пред неа има полициски автомобили.
Последици од израелскиот напад врз раководството на Хамас во ДохаФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Арапскиот свет го осудува израелскиот воен напад врз претставници на Хамас во Катар. Нападот во една од најважните посреднички држави во кризниот регион веројатно дополнително ќе ги ескалира тензиите - и дополнително ќе го изолира Израел на меѓународно ниво.

Египет го нарекува нападот во Доха „неприфатлив развој на настаните“. Нападот бил насочен кон состанок на „палестински лидери на кој требало да се разговара за начините за постигнување договор за прекин на огнот“ во Газа. Египет ја повика меѓународната заедница да дејствува. Нападот претставува „опасен преседан“, соопшти кабиинетот на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси. Египет и Катар, заедно со САД, се клучните посредници меѓу Хамас и Израел.

Саудиска Арабија зборува за очигледно кршење на катарскиот суверенитет. Министерството за надворешни работи предупреди на „сериозни последици“ за регионот и изрази целосна солидарност со Катар. Престолонаследникот на Саудиска Арабија и де факто владетел, Мохамед бин Салман, повтори дека кралството ги користи сите средства за да му помогне на Катар во заштитата на својата безбедност и суверенитет.

Турција: „Примена на државен тероризам“

Турското Министерството за надворешни работи нападот го нарече „подол“ и „доказ за експанзионистичката политика на Израел и неговата примена на државен тероризам“. „Целниот напад врз преговарачката делегација на Хамас за време на тековните преговори за прекин на огнот покажува дека Израел не бара мир, туку има намера да ја продолжи војната“, се вели во соопштението.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го критикуваше „бруталниот напад врз Катар“, за кој рече дека ја загрозува безбедноста и стабилноста на регионот. Јордан ги нарече постапките на Израел „кукавичка агресија“. Министерот за надворешни работи Ајман ал-Сафади на платформата X објави дека нападот претставува еклатантно кршење на меѓународното право. Нападот, како што се вели, е продолжение на „бруталната израелска агресија“ што ја загрозува безбедноста и стабилноста на целиот регион.

Арапскиот свет особено го осудува израелскиот воен напад врз претставници на Хамас во КатарФотографија: Jacqueline Penney/AFP

Претседателскиот советник од Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш, нападот го нарече „подмолен израелски напад“. Обединетите Арапски Емирати цврсто стојат зад својата сестринска држава, Катар. „Во целосна солидарност со драгиот Катар“, објави и министерот за надворешни работи на Емиратите, Абдула бин Саџид.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, на државната телевизија изјави дека израелската операција претставува „очигледно кршење на сите меѓународни правила“ и „повреда на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Катар“.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, изјави дека нападот во Доха го нарушил суверенитетот на Катар. Израел, според него, не се интересира за последиците од неговите постапки кои се за осуда. Ирак, Оман и Кувајт, исто така, го осудија нападот.

Критики од Германија

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул исто така ги критикува постапките на Израел. „Нападот на Израел во Доха не само што го нарушува територијалниот суверенитет на Катар, туку ги загрозува и сите наши напори за ослободување на заложниците“, изјави Вадефул. „Овој удар е неприфатлив“.

Вадефул, според сопствени наводи, разговарал по телефон со својот израелски колега, Гидеон Сар. За време на разговорот, тој му рекол на Сар дека е „длабоко загрижен за животите и безбедноста на заложниците во рацете на Хамас, меѓу кои има и германски државјани“.

Вадефул: Нападот на Израел во Доха не само што го нарушува територијалниот суверенитет на Катар, туку ги загрозува и сите наши напори за ослободување на заложницитеФотографија: Ansgar Haase/dpa/picture alliance

Според портпаролот на германската влада Штефан Корнелиус, сојузниот канцелар Фридрих Мерц вчеравечер (9.09) разговарал по телефон со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад бин Калифа Ал Тани. За време на разговорот, тој ги пофалил посредничките  напори на Катар за постигнување на прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците на Хамас.

Нарушувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Катар со денешниот израелски напад е неприфатливо, рекол Мерц, додавајќи дека војната не смее да се прошири на целиот регион. Германската влада е во близок контакт со израелската влада по ова прашање.

Стармер: Владата не била однапред информирана

Британскиот премиер Кир Стармер на платформата Х го осуди нападот на Израел врз Доха, „кој го нарушува суверенитетот на Катар и ризикува натамошна ескалација во целиот регион“. Тој оцени дека приоритет мора да биде итно прекинување на огнот, ослободување на заложниците и масовно зголемување на помошта за Газа. Ова, според него, е единственото решение за траен мир.

Британската влада, според сопствени наводи, не била однапред информирана од Израел за нападот. Кога беше прашан за ова, Дејвид Парес, портпарол на премиерот, укажа на изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во која се наведува дека нападот во Доха бил единствена израелска операција.

САД изразуваат жалење за нападот

Американскиот претседател Доналд Трамп, според Белата куќа, жали што Катар станал место на израелски напад врз исламистичкиот Хамас. Белата куќа соопшти дека републиканецот го смета Катар за близок сојузник и пријател на САД.

Трамп: Тоа беше одлука на премиерот Нетанјаху, а не мојаФотографија: Hu Yousong/Xinhua/picture alliance

Во изјавата, прочитана од портпаролката на владата Каролин Левит, понатаму се наведува дека „едностраното бомбардирање во Катар, како суверена држава и близок сојузник на САД“, не им служи ниту на Израел ниту на целите на Америка. Земјата, заедно со САД, работеше „посветено и храбро“ за мир. Самиот Трамп подоцна на социјалните мрежи напиша: „Тоа беше одлука на премиерот Нетанјаху, а не моја“.

Левит претходно објави дека Трамп му наложил на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, да ја информира катарската влада за претстојните израелски напади. Сепак, предупредувањето на САД до Катар „за жал дојде предоцна за да се спречи нападот“, објасни Трамп.

Предупредувачки зборови од ОН

Новата претседателка на Генералното собрание на ОН, Аналена Бербок, повика на „максимална воздржаност“ по израелскиот напад врз раководството на Хамас во Катар. Поранешната германска министерка за надворешни работи изјави дека постапките на Израел во Доха претставуваат ескалација на конфликтот во Појасот Газа и се „очигледно вознемирувачки“. Сите 193 земји-членки на ОН се обврзани според Повелбата на ОН да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја.

Бербок повика и на интензивирани дипломатски напори за постигнување итен и траен прекин на огнот, подобрена хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа од страна на израелската влада и ослободување на сите заложници што ги држи Хамас.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, го критикуваше израелскиот напад. Гутереш рече дека сите страни мора да работат на траен прекин на огнот, а не да го поткопуваат.

Роднините на заложниците што ги држи терористичката организација Хамас изразија голема загриженост по нападот на Израел врз раководството на Хамас во Катар. Тие стравуваат дека заложниците сега би можеле да ја платат цената за постапките на Израел, се вели во соопштение од Форумот на роднините. „Од преживеаните кои се вратија знаеме дека одмаздата што се презема против заложниците е брутална“, се вели во соопштението..

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми