1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Осум години - многу или малку за судски епилог?

19 октомври 2023

Додека се нижат критики дека за 8 години не е завршен ниту еден од најкрупните случи на СЈО, примери од опкружувањето покажуваат дека до правдата се стигнува и за многу подолг период.

Суд, Северна Македонија
Се нижат критики дека за 8 години не е завршен ниту еден од најкрупните случи на СЈОФотографија: DW/P. Stojanovski

Аргументацијата дека измените на Кривичниот законик не се виновни за застарувања на предмети на СЈО, бидејќи тие ни за 8 години не успеале да стигнат до завршница, не престануваат да ја брануваат домашната јавност. Постои  сомнеж дека се случува скандалозен пазар - размена на неказнивост за политички и изборни цели, но претставниците на власта енергично го демантираат тоа.

„Ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање до денес, не се завршени, а сега велат, ќе застарат бидејќи се намалуваат и роковите за застареност кои се врзани со најголемата запретена казна. Па, што правевте досега осум години, зошто не се осудени? (...) Осум години се малку. Па колку да ги оставиме, уште 28 години да судат?“, праша неодамна  шефот на државата Стево Пендаровски.

Ова го посочи во два наврата во тв-интервјуа, токму во контекст на забелешките дека неодамнешните  измени на Кривичниот законик  (што тој ги потпиша) носат  застарување на предметите на СЈО (Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите).

Извори од Обвинителството велат дека таму владее фрустрација заради вакви и слични оценки, но и дека сето тоа може да резултира со заминување на дел од обвинителскиот кадар во адвокатура. Посочуваат и дека многу брзо ќе се покаже чија аргументација била исправна.

Мандат соочен со опструкции

Какви беа тие 8 години? За „добедојде“ се случи хакерски напад на електронската пошта на СЈО, што беше и „најбенигниот“ напад на институцијата. Потешкото следуваше потоа. Веднаш по формирањето СЈО се соочи со опструкции од институции кои беа засегнати од истрагата (УБК, МВР и други), нешто што беше нотирано и во Извештајот на Европската комисија во 2016 година. И покрај тоа, во законскиот рок од 18 месеци, СЈО поднесе 17 обвиненија за 18 случаи против 94 физички и 7 правни лица. Следеше период во кој доминираа сите можни (законски дозволени) алатки на одбраната за серија од одложување на рочиштата. И кога изгледаше дека тие опции се исцрпуваат, се случи пандемијата на коронавирусот, која уште повеќе го успори текот на постапките. А неколку месеци пред почетокот на пандемијата, најголемиот удар врз СЈО дојде од неговата шефица Катица Јанева. Со обвинение за случајот „Рекет“, таа побрзо заврши со казна затвор отколку оние кои СЈО ги гонеше. СЈО згасна на 30-ти јуни 2020 година, до кога беа подигнати вкупно 22 обвиненија и отворени десетици истраги.

Шефицата на СЈО Катица Јанева, со обвинение за случајот „Рекет“, побрзо заврши со казна затвор отколку оние кои СЈО ги гонешеФотографија: DW/P. Stojanovski

Со усвојувањето на новиот Закон за јавно обвинителство (што беше едно од клучните барања на ЕУ) обвинителите од СЈО се вратија во нивните матични обвинителства, а државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вети: „Ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“.

Три години подоцна

Истата власт, која пред три години како најголем успех го истакнуваше фактот што со новиот закон е овозможено „предметите на СЈО да останат живи“, со измените на Кривичниот законик предложени од неа и експресно усвоени во септември годинава, приднесе да застари и да се запре постапката за повеќе предмети, меѓу кои и за обвинети во капиталниот случај поради кој беше формирано СЈО - „Таргет-Тврдина“.

И покрај тоа, претставниците на власта вината не ја лоцираат во измените на Кривичниот законик.

„Сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот може да го дадат единствено оние коишто работеле на него“, рече премиерот Ковачевски.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска потсети дека „Апелација неоправдано го држела тој предмет девет месеци“, но ни таа ни премиерот не се осврнаа на фактот што до денес не е утврдена одговорност за судијата кој го држал предметот во фиока толку долго, иако тоа беше и една од причините за серија скандалозни настани во Судскиот совет.

Единствено јавната обвинителка Ленче Ристоска укажа дека  застареноста на Таргет-Тврдина  (во делот на незаконското прислушкување) е директна последица на измените на Кривичниот законик и нагласи дека допрва ќе се почувствуваат ефектите од тие измени. Освен неказнивост, „резултатот“ ќе донесе и големи финансиски импликации за државната каса, бидејќи трошоците за кривичната постапка ќе паднат на товар на Буџетот.

Обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“ во судска сала, 2021 годинаФотографија: Petr Stojanovski /DW

И 13 години не се многу

Правни експерти, кои не се во кругот на „експерти“ што ја советуваат власта според политичката конјуктура на моментот, со индигнација одбиваат да ја коментираат вледејачката аргументација за одбрана на епилог, кој во пракса значи вовед во девастација на правниот систем. Во контекст на фамозните „осум години без завршница“, дел од нив посочуваат дека треба да се видат компаративни примери за времетраење на постапки во случаи од висок политички профил. Еден од поилустративните е случајот со поренешниот хрватски премиер и лидер на ХДЗ, Иво Санадер.

Поминаа 13 години откако се обиде да избега од Хрватска, но беше уапсен кај Салцбург (10.12. 2010 година). Обвинет за неколку кривични дела, помина долг судски процес, во кој првостепени пресуди беа враќани на повторно судење. Ни тоа не стана пречка. Во мај годинава Високиот суд реши да спои три правосилни пресуди за Сандер во единствена затворска казна од 18 години во постапките за случаите „Ина-мол“ (поткуп за одлучувачки глас во работењето на државната нафтена компанија), „Фими медиа“ (за маркетинг услуги преку кои извлекувал пари за себе и партијата) и „Планинска“ (вмешаност во купувањето зграда за потребите на Министерството за животна средина, а која ја поседувал пратеник на ХДЗ). Сѐ уште трае постапката за уште еден случај за кој поранешниот хрватски премиер е неправосилно осуден. За две обвиненија тој доби ослободителни пресуди. Досега во затвор по разни основи помина речиси 8 години. Никој во хрватската јавност, особено во стручната, не ја доведе во прашање важноста на правниот епилог во корелација со должината на судските постапки.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми