1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Осум години од нападот во Диво насеље

ДТЗ
9 мај 2023

„Никогаш да не се заборави и да не се повтори“, порачаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски потсетувајќи на вооружената престрелка во мај 2015 година

Куманово Диво насеље
Вооружената престрелка во мај 2015 година траеше повеќе од 20 часа. Животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 членови на вооружената група.Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Денеска се навршуваат осум години од вооружениот напад во Диво насеље. „Никогаш да не се заборави и да не се повтори“ - порачаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски потсетувајќи на вооружената престрелка во мај 2015 година, која траеше повеќе од 20 часа. Животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 членови на вооружената група. 

„Во мое Куманово, и во целата земја, сите бевме во неизвесност од вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи - Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! “, вели министерот Оливер Спасовски во објава на Фејсбук. 

Трагичен настан кој не се заборава

Судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, вели Спасовски. Граѓаните од целата држава, додава тој, ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните.

„Хероите живеат вечно! Никогаш да не се повтори!“, порача министерот. 

До денес јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово, кои се мотивите и нарачателите.Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Јавноста бара одговори

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на социјалните мрежи порача дека и по осум години од ужасот во кумановската населба Диво Насеље, јавноста сè уште не ги доби одговорите кој го осмислил и кој бил режисер на тој настан.

„До денешен ден и после 8 години за жал нема одговор на прашањето кој е сценаристот, а кој е режисерот на настаните во Диво Насеље во Куманово“, потсетува Димитриевски.

Во дводневната престрелка наречена „малата војна“, животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица. Инцидентот се случи по четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на т.н. „бомби“. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот е обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ кои ја демаскираа власта и од масовните протести во Скопје, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини напаѓачите од Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за најблиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков, и министерот за транспорт, Миле Јанакиески. Две години по крвавиот инцидент, 33 лица учесници во нападот кои обвинети за тероризам, добија затворски казни: седуммина беа осудени на доживотна затворска казна, 13 лица на 40 години затвор, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца на 14, двајца на 13 и двајца на 12 години затвор. Пресудата предизвика протести во Македонија и во Косово, а косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.

Екстрадицина на повидок?

Косовските власти подолго време бараат осудените да бидат префрлени на издржување на затворската казна во Косово. Македонскиот министер за правда Кренар Лога во интервју за Радио Слободна Европа најави дека се комплетира документацијата за префрлање на 13 затвореници од „кумановската група“ во Косово. 

До денес јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово, кои се мотивите и нарачателите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми