1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Осум загинати во една од најсмртоносните лавини во САД

СН/агенции | АРД
19 февруари 2026

За време на силна снежна бура во Калифорнија, група скијачи беше затрупана од лавина – осуммина беа пронајдени мртви. Истражителите сакаат да утврдат зошто ски-турата воопшто се одржала и покрај лошите временски услови.

Тројца луѓе до скијачка опрема се пробиваат низ длабок снег. Од левата страна се гледа кужа покриена од снега а од десната возило за расчистивање на снег
Опасноста од лавини останува висока во Сиера НевадаФотографија: Nevada County Sheriff's Office/AP Photo/picture alliance

По лавината на северот од американската сојузна држава Калифорнија, осумте претходно исчезнати скијачи се пронајдени мртви. Уште еден член од групата сè уште се води како исчезнат, соопштија властите. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, зборуваше за „страшна трагедија“.

Несреќата се случила доцна во вторникот претпладне (локално време) на планината Касл Пик во Сиера Невада, североисточно од градот Сакраменто. Лавината ја затрупала целата група скијачи од 15 луѓе. Шест повредени скијачи биле спасени, а двајца од нив пренесени во болница.

Екстремните временски услови во планините ја отежнале спасувачката акција, која траела неколку часа. Повеќе од 50 спасувачи морале да се пробиваат низ бурата до настраданите, кои биле затрупани под снег и мраз.

Организаторот на ски-турата под истрага

Групата била на тридневна ски-тура, соопшти метеорологот Стив Рејно од Центарот за лавини во Сиера. Учесниците морале да минуваат „суров, планински терен“.

Калифорнија оваа недела е погодена од силна зимска бура со грмежи, силен ветер и обилни врнежи од снег во планинските региони. Според Центарот за лавини во Националната шума во Траки, во централна Сиера Невада владее висок ризик од лавини.

Северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија е зафатен од обилни снежни врнежиФотографија: Brooke Hess-Homeier/AP Photo/picture alliance

Шерифката Шенон Мун изјави дека истражителите сакаат да ја проверат одлуката турнејата да се одржи и покрај прогнозата за постојано лошо време.

Жртвите, меѓу кои и три водичи, биле пронајдени блиску едни до други. Меѓу загинатите и исчезнатата личност имало седум жени и двајца мажи, на возраст од 30 до 55 години. Поради екстремните услови, спасувачите сè уште не можеле да ги извлечат телата од планината, објасни Мун.

Најсмртоносна лавина во САД од 1981 година

Сите учесници на турата носеле ГПС уреди, со чија помош спасувачите можеле да ги лоцираат. Најмалку еден од водичите успеал да испрати текстуална порака. Додека чекале помош, преживеаните се обидувале колку што можат да се заштитат од студот.

Оваа несреќа предизвикана од лавина е најтешката во САД од 1981 година, кога единаесет алпинисти загинаа на планината Рејниер во сојузната држава Вашингтон.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми