1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Откажан“ Европрајд: Вучиќ се плаши од десничарите?

Немања Рујевиќ
27 август 2022

Претседателот на Србија, на истиот трошок, најави дека Ана Брнабиќ останува премиерка и оти се откажува европската Парада на гордоста во Белград. Колку е убедлив изговорот дека тоа се случува поради проблемите во Косово?

Парада на гордоста во Белград во 2014 година (архивска фотографија)
Парада на гордоста во Белград во 2014 година (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Се откажува или се одложува Европрајд во Белград, планиран за во средината на септември, најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска на конференцијата за печат. Тој наведе дека тое е сторено во договор со „мнозинство членови во Владата и со премиерката“.

На истата конференција Вучиќ соопшти оти Ана Брнабиќ ќе биде мандаторка за составување на идната влада.

Премиерката и Владата ќе образложат „во согласност со кој закон, ќе биде откажана или одложена Парадата на гордоста закажана во месец септември, или како и да се вика тоа“, рече Вучиќ. „Тоа не го кажувам затоа што сум многу среќен, туку не можеме во овој момент, кога имаме и Отворен Балкан и кризата на Косово, немаме никаков исчекор, искрено да ви кажам, немаме каде да се помрднеме, нема да се откажеме од неутралните таблици.“

Актуелната премиерка Ана Брнабиќ е мандатарка за состав и на новата српска владаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

„Неубедливи изговори“

Белград требаше од 12 до 18 септември да биде домаќин на Европрајд, европска манифестација која за првпат би се одржала на Балканот. Организаторите очекуваа околу 15.000 гости и туристи, а врвот требаше да биде прошетката на 17 септември.

Низа десничарски организации и партии учествуваа на литијата против одржување на Европрајд и во собирање потписи за негова забрана. „Нема да шетате“, порача повеќепати лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ.

Останува да се види како државата мисли да „откаже“ нешто што не се организира - и всушност може само да се забрани. Еден од организаторите на Европрајд, Горан Милетиќ, за ДВ изјави оти парадата може да се забрани само „потивуставно“.

Стефан Шпаравало од организацијата „Да се знае“, која се бори за правата на ЛГБТ заедницата во Србија, вели дека и натаму е прашањето дали се работи за забрана или можеби за одложување за недела-две.

„Не го очекував ова. Реториката на Вучиќ досега беше неутрална или дури помалку во полза на ЛГТБ луѓето, во смисла на пораката оти никој не смее да биде тепан, дека десничарите лажат за природата на парадата“, вели Шпаравало за ДВ.

Според неговите зборови, изговарот за проблемите на северот на Косово звучи неубедливо. „Очигледно сега државата не сака да ги искористи полниот капацитет и монополот на сили да ја заштити ЛГБТ заедницата и другите граѓани. Неубедливо е сега да не може прајд, кога од 2014 година се одржува без голема помпа и насилство.“

Нашиот соговорник смета дека се фрла коска на крајно десниот сегмент, и оти Вучиќ не сака три „ултра-десни партии“ застапени во парламентот да откинуваат дел од избирачкото тело на СНС. „Можна причина е што протестите против парадата почнаа да бројат неколку десетици илјади луѓе. Можеби Вучиќ се обидува да го парализира тоа движење“, вели Шпаравало.

Српскиот претседател, Александар ВучиќФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Литиите продолжуваат?

За утре (28.08.) е најавена нова литија „за спас на Србија“. Ивица Божиќ од неформалното здружение „Антиглобалисти на Србија“ вели дека литиите ќе продолжат и покрај одлуката за откажување или одложување на парадата на гордоста.

„ Ние и очекувавме и дека ќе биде запрена и оти државата ќе ја разбере волјата на мнозинството од народот“, изјави Божиќ за ДВ.

„Во недела секако ќе одиме на литија, бидејќи поентата не е само прајд во Белград, туку и она што следува. Бараме гаранција дека хомосексуалноста нема да се промовира во учебниците и нема да има истополови бракови. Инаку, немаме ништо против другите, ниту некогаш сме повикале на насилство против геј популацијата“, додава еден од организаторите на акциите против Европрајд.

Претседателот Вучиќ и денеска го критикуваше ова десничарско движење, иако потклекна пред неговите барања.

„Никогаш не ми се допаѓаа тие манифестации, но како нормален граѓанин -  баш ми гајле, тој еден ден, гледам фудбал, кошарка или читам книга. Тие луѓе се наши браќа, наши сестри, наши родители, а само се правите дека не го гледате тоа“, рече Вучиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми