Откриен тунел за бегство од затворот „Идризово“
21 март 2023Затворските работници и полицијата открија тунел за бегство од најголемиот македонски затвор „Идризово“. Тунелот, за кој се претпоставува дека е околу 40 метри долг, бил ископан под помошна просторија во дворот на казнената установа и водел се до високиот заштитен ѕид.Тунелот бил ископан во делот каде што се наоѓаат високо ризични осуденици.
Од Управата за извршување санкции за ДВ велат дека е осуетен планот на затворениците, кои очигледно веќе подолго време работеле на подземниот тунел. Министерството за внатрешни работи објави видео од тунелот и подетални информации за случајот.
Кој се подготвувал за бегство?
Крим-полиција и обвинителството денеска извршија увид на место каде што е копан тунелот. Според сознанијата на Министерството за внатрешни работи, група од најмалку осум осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвувале бегство од затворот со копање на тунел. По ваквите сознанија биле спроведени криминалистичко оперативни активности на проверка на информациите по што истите ги сподели со Управата за извршување на санкциите.
Затворските работници веќе некое време имале индиции дека се случува сомнително движење на осудениците во дворот околу стари простории, кои се во кругот на затворот, а биле користени за складирање. Во моментот кога надлежните презеле мерки за уривање на овие простории, со цел да се подобри функционалноста на затворот, бил откриен и тунелот.
Тунел долг 40 метри
„По доставувањето на сознанијата до Управата, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел, при што беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение“, велат од МВР.
„Станува збор за мочурливо земјиште, па тунелот не е копан многу длабоко во земјата“, велат извори од Управата за извршување санкции.
Тунелот се наоѓа во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. од МВР соопштија дека во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот.
Случајот го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој на прес-конференција во Владата рече дека за случајот се задолжени МВР и Управата за извршување на санкции. Владата во меѓувреме донесе одлука да го разреши досегашниот директор на затворот во Идризово, Шпенд Тахири, а на негово место е именуван генерал-мајор, Зоран Јовановски.