1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Фолксваген е во криза?

СН | АРД
29 октомври 2024

Во шок не е само автомобилската индустрија. Според Работничкиот совет на Фолксваген пред затворање се три фабрики. Ова се наѕираше одамна, бидејќи и прокрај профитот, концернот се бори со проблеми, велат експертите.

Тмурни облаци надвиснати над најголемиот германски производител на автомобили Фолксваген
Тмурни облаци надвиснати над најголемиот германски производител на автомобили ФолксвагенФотографија: Ronny Hartmann/AFP

Според Работничкиот совет во Фолксваген, загрозени се три фабрики на концернот, како и десетици илјади работни места во Германија. Оваа порака шокираше голем дел од германската јавност. Сепак, експертите од индустријата не се изненадени од најавите. „Ова се најавува со месеци“, вели за tagesschau.de Хелена Визберт, директорка на ЦАР - Центарот за автомобилски истражувања во Дуизбург. Јасен знак за рано предупредување: во септември, компанијата со седиште воВолфсбург дозволи да истече гаранцијата за вработување која беше на сила околу 30 години. Сепак, Визберт вели: „Овие се многу тешки кратења. Никогаш порано не сме виделе толку големи заштеди, ако испадне вака“. Севкупно, Фолксваген вработува 120.000 луѓе во Германија - така што само укинувањето на 10.000 работни места може да влијае на околу едно од дванаесет работни места, ако затворањето на фабриките продолжи како што е најавено, околу еден од три производствени погони би се затвориле - ако бројот остане ист.

Работниците во фабриката на Фолксваген во Волфсбург пред неизвесна иднинаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Според Работничкиот совет на групацијата Фолксваген, уште повеќе фабрики би можеле да бидат загрозени. „Сите германски фабрики на ФВ се погодени од овие планови. Ниту една не е безбедна“, се вели во соопштението за печатот. Во оваа земја има вкупно десет фабрики за производство на ФВ. Фолксваген нема да објави повеќе детали за заштедите до среда.

Криза и покрај добивките

Но, кои се причините за ваквиот драстичен чекор? На хартија, на Фолксваген засега добро му оди. Според годишниот извештај, групацијата остварила нов рекорден промет од околу 332,3 милијарди евра во 2023 година - што претставува раст од околу 15,5 отсто. Најголемиот европски производител на автомобили забележа и раст на профитот: оперативниот резултат на Фолксваген АГ се зголеми од 2022 до 2023 година на околу 22,58 милијарди евра.

Сепак, за разлика од силниот раст на прометот, ова беше само прилично мал раст од околу два отсто. Компанијата мораше да ги прилагоди своите очекувања надолу за оваа година; тие ќе испорачуваат помалку автомобили наместо повеќе. Прогнозата за добивката е, исто така, ревидирана надолу, но останува јасно на позитивна територија.

Групацијата нема изгледи за раст. Побарувачката брзо паѓа, особено на важниот продажен пазар во Азија. Во Кина, каде до неодамна околу секој трет Фолксваген беше продаден, поевтините и поиновативни домашни производители на електрични автомобили сега очигледно ја надминуваат компанијата со седиште во Волфсбург. Во вториот квартал од 2024 година, компанијата со седиште во Волфсбург испорача речиси една петтина автомобили помалку во Кина. Европскиот продажен пазар сам не може да го компензира ова.

Конкурентни електрични автомобили за Азија

Набљудувачите се сигурни: конкурентскиот притисок од кинеските и другите странски производители на автомобили само ќе се зголемува. Згора на тоа Фолксваген ја пропушти трансформацијата кон електромобилност и поиновативни дигитални системи. Автомобилската експертка Визберт се согласува со тоа.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

00:54

This browser does not support the video element.

Таа смета дека е погрешен пристап сега да постои колебање за постепеното укинување на моторите со согорување во ЕУ со надеж дека ќе се спаси германската автомобилска индустрија: „Централните пазари се во Азија. И за нив се потребни конкурентни електрични автомобили“.

Шефот на Германскиот институт за економија (ДИВ), Марсел Фрачер, исто така неодамна го потенцираше ова: „Одлуката против моторот со согорување и во корист на технологијата на батерии падна одамна и не беше и не е донесена во Германија, туку во светот, а особено на големите пазари како што се Кина и САД“, рече Фрачер.

„Фолксваген исплаќа натпросечни плати“

Вториот проблем од гледна точка на многу експерти: трошоците се превисоки. „Фолксваген исплаќа натпросечни плати, но за разлика од премиум производителите како БМВ и Мерцедес, тој веќе е во поевтините пазарни сегменти и тоа ќе продолжи да се зголемува“, вели Визберт. Фолксваген отвори нови работни места во областа на дигитализацијата и електрификацијата. Но, не беа направени кратења на друго место.

За неа е јасно: „Компанијата не може да избегне намалување на трошоците за да остане конкурентна“. Штефан Брацел, директор на Центарот за автомобилски менаџмент (ЦАМ), има слично мислење „Трошоците за работна сила во Германија се значително повисоки во споредба со другите производствени земји во Европа, како што се Португалија или Полска“, изјави тој за Тагесшау24 (tagesschau24).

Експерт за автомобили: Да не се штеди само на работниците

Тој, исто така, смета дека мерките за штедење се неопходни - но не само на едно место: „Не може само да се штеди кај работниците. Сигурно мора да да се даде придонес кон штедењето и од повисоките нивоа на компанијата се до одборот на директори“.

Дали платите на вработените во Фолксваген се превисоки за концернот да остане конкурентен на пазарот?Фотографија: George Walker IV/AP Photo/picture alliance

Тој притоа мисли на исплатите на дивиденди, на пример. Тие последен пат изнесуваа вкупно 4,5 милијарди евра за финансиската 2023 година. Но, тоа не беше направено, потенцираат и Брацел и Визберт. Тие веруваат дека средствата ослободени преку заштеди мора да се влеат во иновации и поголема флексибилност за да може групата да се подготви за иднината.

Разговори на Самитот на индустријата

Во вторник, шефот на Фолксваген, Оливер Блуме, ќе учествува на Самитот на индустријата во кабинетот на германскиот канцелар. Во дебатата претходно се вклучи и канцеларот Олаф Шолц. Тој преку портпаролот пренесе: Сега станува збор за зачувување и осигурување на работни места. Ако раководството на Фолксваген можеби донело погрешни одлуки во минатото, тогаш тие сега не треба да паѓаат на товар на вработените.

ФВ, од своја страна, соопшти дека се надева на конструктивни консултации и конкретни мерки кои ќе ја промовираат конкурентноста на Германија како локација, како и рамковните услови за подобрување на зголемувањето на е-мобилноста.

Како одговор на прашањето на tagesschau.de , германското Министерство за економија укажа на две мерки кои се веќе иницирани: од една страна, забрзана амортизација за новокупените електрични возила. Од друга страна, во регулативата за службени возила,  горната граница за добивање на субвенција за набавка на електрично возило ќе се подигне од 70.000 евра на 95.000 евра.

Авторка : Алина Лајмбах, финансиска редакција на АРД, првиот канал на германскиот јавен сервис

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми