1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за употреба на јазиците на тест пред Уставен суд

ДТЗ
2 септември 2024

„Ова не е анархија, одлуките на Уставниот суд ќе треба да се почитуваат“, порача премиерот Христијан Мицкоски по лавината реакции за оценувањето на уставноста на Законот за употреба на јазиците

Македонија знаме
Отворање на Пандорината кутија: нови бранувања околу Законот за употреба на јазицитеФотографија: MIA

„Ова не е анархија. Одлуките на Уставниот суд ќе треба да се почитуваат“. Ваква порака испрати премиерот Христијан Мицкоски кој се вклучи во дебатата којашто се отвори деновиве по најавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски дека ќе се решава хаосот којшто настана со Законот за јазиците и балансерот. Партиите од албанскиот блок ваквата најава ја оценија како „вознемирувачка“ и порачаа дека тоа се „игри со албанскиот јазик и балансерот како намерни сценарија на власта за провокација“.

Но, Мицкоски вели дека Уставниот суд е највисока судска инстанца во земјата и не може да поверува дека постојат граѓани или политички субјекти коишто за себе сметаат дека се одговорни, а да не почитуваат одлуки на овој суд. 

„Ова не е анархија. Одлуките на Уставниот суд ќе треба да се почитуваат“, вели премиерот Христијан МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Да ја оставиме политиката настрана“ 

„Да ја оставиме политиката настрана, да видиме што одлука ќе донесе Уставниот суд и нормално ние како граѓани да ја почитуваме. Ова не е анархија, ние не можеме да се однесуваме дека сме во анархија. Се знае дека треба, колку тоа и да не ни се допаѓа, да се почитуваат одлуките. Треба да ја почекаме одлуката и тогаш да носиме заклучоци“, порача премиерот, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Гази Баба. 

Првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во интервју за МИА викендов изјави дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми.

„Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам“, вели Костадиновски. 

Јавен интерес 

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година. 

„Свесни сме за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни. Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир рамка за делување на законодавецот“, нагласи Костадиновски.

Коалицијата „Вреди“ (Влен)  ја оцени како опасна и неприфатлива иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазицитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Игри со албанскиот јазик“ 

Веднаш реагираа од ДУИ, кои порачаа дека тоа се „игри со албанскиот јазик и балансерот како намерни сценарија на власта за провокација“. Партијата смета дека отворањето на вакви теми и секоја евентуална одлука во насока на кршење на механизмите и правата што произлегуваат од Охридскиот договор, не е ништо друго освен враќање на Северна Македонија во времето пред Охридскиот договор. Овие изјави и постапки се вистинските сценарија за провокација и јасно покажуваат кои се тие што сакаат и предизвикуваат меѓуетнички тензии.

И координативното тело на Коалицијата „Вреди“ (Влен)  ја оцени како опасна и неприфатлива иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците. „Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би ги загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација“, порачаа од албанскиот коалиционен партнер во Владата. 

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми