1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворена врата за АА, диференцирање од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

1 февруари 2023

Извршниот одбор на СДСМ одлучи партијата да ги продолжи разговорите за приклучување на Алијанса за Албанците во мнозинството.

Од СДСМ посочуваат на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“
Од СДСМ посочуваат на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“Фотографија: Petr Stojanovski

Алијанса за Албанците ќе биде додадена вредност за граѓаните и државата, оценил синоќа (31.01) Извршниот одбор на СДСМ, и едногласно одлучил партијата да ги продолжи разговорите со АА врз основа на политички и програмски принципи. Како што соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, Извршниот одбор одредил Работна група за понатамошни разговори со АА, во која покрај претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, ќе учествуваат и генералниот секретар Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор, Љупчо Николовски и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

На седницата се разговарало за економските политики на Владата, претседавањето со ОБСЕ, текот на скрининг процесот со ЕУ и можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на Алијанса за Албанците, покрај постојните политички партнери. „Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски, информираше за разговорите со претседателот на Алијанса околу програмскиот дел на можната соработка. Заедничка оценка е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат кон остварувањето на стратешките, национални и државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членство во ЕУ“, рече Кузеска.

Диференцијација од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати ја крититикуваа подготвеноста и намерата на АА за приклучување кон мнозинството, оспорувајќи ги аргументацијата и мотивите на Таравари за поддршка на процесот на уставни измени, со оглед дека нема мнозинство од 80 пратеници кои би го поддржале тоа. Но, Извршниот одбор на СДСМ на соработката со АА ѝ припиша „додадена вредност за граѓаните и државата“ и тоа во повеќе сфери: унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата, забрзан економски развој, зголемување на ефикасноста на Собранието, справување со енергетската и економската криза, за реформските закони од ЕУ агендата, поголема поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи.

Димитар Ковачевски информирал за разговорите со претседателот на Алијанса околу програмскиот дел на можната соработка, се вели од СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Зголемување на парламентарното мнозинство е чекор напред за проширување на сојузот за поддршка на членството во ЕУ со сите реформи, чекори и потребни одлуки, јасна диференцијација од двете политички партии во Собранието кои се против ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кадровско зајакнување и освежување, стабилност неопходна во клучен период во однос на глобалните случувања, можност за соработка на локално ниво во општините и советите со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. На сите наши граѓани им треба визијата за 2030 година, членство во ЕУ, подобар живот и добросостојба, еднакви со граѓаните на земјите членки на ЕУ“, рече Кузеска.

Кадровско освежување

Од СДСМ синоќа посочија на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“, формулација што значи дека сметаат на поддршката на сите актуелни партнери. Но, потенцијалното проширување веќе создаде незадоволство кај дел од актуелните владини партнери по две линии: опасност од нарушување на етничкиот баланс, и околу делот од владиниот колач што треба да биде отстапен за новиот партнер. Функционери на Алтернатива изјавуваа дека не им пречи АА да се приклучи на мнозинството, но дека за нив не би било прифатливо тој влез да биде на сметка на некои од ресорите со кои сега раководат нивни кадри. Ова се однесува на ресорот здравство, за кој се шпекулира дека била заинтересирана АА, а наводно и премиерот не бил задоволен од работата на актуелниот министер, кој е кадар на Алтернатива. Според партиски извори, сега тоа тврдење би можело да биде ставено на тест од Алтернатива: ако постои аргументација за нездоволство од работата на министерот, тогаш Алтернатива може да понуди друг нивен кадар. Со тоа партијата сака да ги изведе работите „на чистина“: дали е проблемот во кадарот, или само во потребата да се ослободи ресор заради влез на нов партнер.

Африм Гаши сака да ги изведе работите на чистинаФотографија: Petr Stojanovski /DW

- повеќе: Тензиите во ДУИ ги јакнат „акциите“ на Алијанса за Албанците

Во контекст на тоа, запрашан дали има усогласеност со Алтернатива, премиерот Ковачевски синоќа само кусо одговори дека имале и ќе имаат состаноци.

„Со Алтернатива исто така сме имале состаноци во текот на изминатите денови. И во текот на наредните денови нормално дека ќе имаме состаноци со Алтернатива, на кои ќе разговараме исто така и за развојот на разговорите со Алијанса“, рече Ковачевски.

Иако во јавноста се шпекулира дека АА бара три ресори, од кои „солидарно“ по еден треба да отстапат СДСМ, ДУИ и Алтернатива (постапка што потоа ќе предизвика и внатрешни кадровски рокади), од Владата тврдат дека досега не се разговарало за кадровски прашања. Според Таравари, за кадровските решенија ќе се разговара во наредните денови. Во тимот за разговори на АА, покрај претседателот на партијата Арбен Таравари, се неговите најблиски соработници - двајцата секретари и тројцата потпретседатели на партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми